Научната и уметничка визита, која се одржува во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид, ќе почне денеска, со изложба на ракописи и епиграфски споменици. До крајот на манифестацијата, на 27 август, ќе има уште шест настани.
Изложбата за отворањето е насловена „Македонска писменост: од доаѓањето на св. Климент во Македонија до потпаѓањето на Самуиловото Царство под византиска власт (886 – 1018)“. Автор е академик Ѓорги Поп-Атанасов, а за посетителите ќе биде отворена до 7 септември. На 8 август ќе има заедничко предавање на академиците Луан Старова и Васил С. Толе – „Полифонија и полифонисти“, а се однесува на регистрацијата на изополифонијата на списокот на УНЕСКО на нематеријалното наследство и на романот „Полифонисти“. Следната програмска содржина на научната и уметничка визита е на 11 август, кога ќе биде промовирана книгата „Лихнид и Десаретија“ од академик Вера Битракова-Грозданова, а на 15 август ќе има оперски концерт на тенорот Влатко Груески, во придружба на пијанистот Андреј Наунов.
На 19 август во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид ќе се одржи поетски портрет на академик Радован Павловски, на 24 август ќе има поетско читање во рамките на „Струшките вечери на поезијата“, а на последниот ден од манифестацијата (27 август) ќе биде промовиран зборникот „За и од Киро Глигоров“, по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.