Од самиот почеток на пандемијата, па досега се добива впечаток дека големите сојузи, без разлика дали се политички и економски како ЕУ и ООН, воени како НАТО или здравствени како СЗО, потфрлија во справувањето со ковид-19. Меѓусебните разлики, несогласувања, па и сопки меѓу членките во овие сојузи се редеа во низа, заедништвото и солидарноста ги снема… Работата стигна дури дотаму што држави што не се членки на НАТО почнаа да делат донации и вакцини за членките на НАТО, како олицетворение на моќен и богат сојуз. Дали сојузите едноставно го изживеаја своето или како во Библијата Давид пак го победи Голијат
Пандемијата на ковид-19 ја откри Ахиловата петица на глобалните сојузи
Потфрлија ли големите меѓународни сојузи како ЕУ, НАТО, ООН, СЗО во справувањето со пандемијата на ковид-19 и дали помалите држави што не се инкорпорирани во ЕУ и во НАТО подобро се справуваат со заразата и полесно и поефикасно ги менаџираат сите процеси во однос на пандемијата.
Овие дилеми повторно станаа актуелни деновиве откако Србија, која не е членка ниту на ЕУ ниту на НАТО, обелодени дека ќе донира вакцини за Македонија и Црна Гора, кои, пак, се земји-членки на НАТО. Истовремено, Србија се наметна и како земја европски лидер според процентот на вакцинирано население, каде што граѓаните може да избираат со која вакцина сакаат да се имунизираат. Од друга страна, пандемијата како да ги исфрли на површина сите слаби точки или Ахилови петици на големите сојузи, кои станаа видливи уште на самиот почеток на пандемијата.
Сѐ започна во првиот бран кога Европската Унија не одговори на повиците за медицинска помош на нејзините земји-членки како Италија и Шпанија, кои едноставно беа оставени сами на себе.
Потоа овие состојби се засилија со неуспехот на системот Ковакс за рамномерна распределба на вакцините, кој целосно потфрли поради мноштво бирократски пречки. Во вакви околности Унгарија, која исто така е дел од ЕУ и НАТО, јасно порача дека нема веќе да чека и набави кинески вакцини. Слични примери имаше и во другите земји од ЕУ.
Од друга страна, во овој период државите што се надвор од Европската Унија, Британија, Израел и Србија, успеаја подобро да се справат со состојбите и во голема бројност да започнат да го вакцинираат и имунизираат своето население.
Сличен беше и примерот со Светската здравствена организација (СЗО) и со Унгарија, која во одреден момент без согласност на водството од Брисел, поради слабостите од планот Ковакс за вакцинација, се одлучи да набави големи количества кинески и руски вакцини против коронавирусот.
Натаму, настаните добија динамика и кога воениот сојуз НАТО демонстрираше свои слабости од биолошки закани и не успеа да ги заштити државите-членки.
Во светло на овие збиднувања, „Нова Македонија“ се консултира со дипломати и политички аналитичари за ваквите случувања на меѓународната сцена.
Геополитички турбуленции
Дипломатот Драган Јањатов вели дека глобалните меѓународни организации потфрлија на полето во справувањето со оваа здравствена закана, бидејќи како никогаш порано во еден многу краток период се случија симултано многубројни геополитички турбуленции.
– Имено, воените и политички сојузи имаат маргинален ефект во справувањето со пандемијата поради сериозни размрдувања предизвикани длабоко во нивните внатрешни редови. Најпрво би го истакнал штетното влијание на американската администрација предводена од Доналд Трамп, која од колосек го исфрли светот во геополитиката, го преиначи глобалниот распоред на силите и го ослаби капацитетот на дејствување на НАТО и на ООН. Кога се зборува за ЕУ, од друга страна, слабостите на овој сојуз потекнуваат од политички ослабените држави што го предводат, односно Германија и Франција. Кај првата заминува Ангела Меркел и со тоа забележливо се губи политичката моќ на Берлин, а кај втората земја политичката сила бледнее поради многубројните потреси и демонстрации против власта на Емануел Макрон кои никако не стивнуваат. Зборувајќи само за Брисел, пак, неуспехот и во вакцинирањето и во превенцијата на пандемијата јас го гледам во новата администрација предводена од Фон дер Лејен, која е изгубена во простор и време и очигледно го нема капацитетот да одговори на суштинските проблеми. Во оваа група проблеми, освен здравствениот влегува и оној за проширувањето на Унијата, па дури и македонскиот со блокадата од Бугарија – вели Јањатов.
Очекуван крах на глобалниот поредок
Поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски, пак, коментира дека не е изненаден од однесувањето на главните играчи во светскиот поредок.
Дипломатот вели дека по дефиниција економијата е олицетворение и движечка сила на политиката, па оттука разбирливо за него е т.н. алчната битка за вакцини и за профит на суперсилите и блоковите во овој период.
– Големите сојузи не се тоа што некогаш биле во светот, поради различната распределба на светската моќ, а сето тоа доби динамика во времето на пандемијата. Во ова време, за разлика од минатото, светот го движат само парите и профитот, па оттука државите што се сиромашни ќе заостанат многу во процесот на заздравување на своето население – вели Арсовски.
Тој советува дека Македонија во овие моменти не треба сите надежи да ги темели единствено врз своите аспирации и членства во сојузите туку треба и индивидуално да се обиде да си ги подобри релациите и со преостанатите држави што во моментов добро се справуваат со настаните.
– Овој свој заклучок го темелам на последната статија што ја прочитав во „Вашингтон пост“, која вели дека САД треба за вакцините да се обрати и до Русија, бидејќи добрите мозоци од оваа земја можеби нашле некое подобро решение од она на американските научници и медицинари – вели амбасадорот.
Апсурди во меѓународната политика што допрва ќе дојдат
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски забележува дека на меѓународната јавност сигурно не ѝ е пријатно да го следи апсурдот што се емитува во „живо“, во кој Србија, земја што одбива членство во НАТО, на Македонија, членка на НАТО, ѝ донира вакцини од земјите-членки на НАТО.
– За меѓународната заедница, особено за САД и новата надворешна политика на Џо Бајден, ова се нови предизвици што секако не се наивни – смета Арсовски.
Аналитичарот нагласува дека суштинските дилеми допрва доаѓаат: дали ваквите пораки – дека оние што се неутрални, односно не се целосно ориентирани кон „Западот“, реално подобро поминуваат во ситуација на кризи, и дали Русија и Кина се во моментов подобри сојузници одошто заробената ЕУ и интровертните САД – создаваат нова геополитика на Балканот?
– И не само на Балканот – од оваа перспектива, дури и брегзит изгледа подобро одошто пред пандемијата – вели Арсовски.