Од почетокот на пандемијата, Кина и Русија ги користеа здравствените залихи за да остварат придобивки во надворешната политика, испраќајќи маски и заштитна опрема кон државите кои беа тешко погодени од коронавирусот минатата пролет. Сега, пак, ги ветуваат вакцините, постигнувајќи одреден успех, пишува „Фајненшл тајмс“.
Додека богатите држави го приграбија поголемиот дел од одобрените вакцини на западните компании, посиромашните држави како што се Бразил, Нигерија, Алжир и Египет сега се свртеа кон Москва и кон Пекинг за дозите вакцини. Кинеските вакцини најдоа купувачи во Латинска Америка и во Средниот Исток. Вакцините на „Синофарм“ се дистрибуирани во Обединетите Арапски Емирати и на Балканот. А има нарачки за вакцината „синовак“ и од Турција и од Бразил, додека вакцината „Кансино“ за која е потребна една доза, моментно поминува низ третата фаза на тестирање во Пакистан и во Мексико. Целиот државен апарат на Кина стои зад овие напори. Пекинг кој оствари контакти со дваесетина држави ги искористи каналите на соработка од неговата иницијатива „Појас и пат“.
Во меѓувреме, Русија тврди дека добила нарачки за 1,2 милијарди дози од нејзината вакцина „спутник 5“, за која познатиот медицински магазин „Лансет“ објави дека е безбедна и ефективна. Таа обезбеди итно одобрување на вакцината во повеќе држави меѓу кои се Аргентина, Мексико и Белорусија. А Иран почна со масовна вакцинација со „спутник 5“.
– Русија и Кина имаат повеќе цели во надворешната политика. Пекинг се справува со обвинувањата за прикривање на раното ширење на заразата, а ги поврзува напорите за обезбедување на вакцини и со можностите за идни инвестиции, на пример, во енергетиката и во технологијата. Вакцина-дипломатијата на Москва, пак, создаде одредени проблеми во ЕУ каде што вакцинацијата се одвива бавно, а снабдувањето со вакцини трпи одложувања – пишува американскиот магазин.
Западот едвај забележува дека војната за вакцини се води прд неговиот нос. Кинеската стратегија е поуспешна отколку што се забележува во Европа, според Мориц Рудолф од германскиот Институт за меѓународни односи и безбедност. На Западот му преостанува да обрне поголемо внимание и да почне да го исполнува ветувањето за брзи испораки на вакцини преку системот „Ковакс“, заклучува „Форин полиси“.