ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА ЈА ОБЈАВИ ПОПИСНАТА МЕТОДОЛОГИЈА
Државниот завод за статистика (ДЗС) пред истекот на законскиот рок ја објави методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот, со што се отстранети сите пречки за одржување на пописот во април.
Првиот човек на ДЗС, Апостол Симовски, при вчерашната презентација на методологијата истакна дека во неа се инкорпорирани меѓународни препораки, истовремено додавајќи дека пописот ќе се спроведе со комбиниран метод, со попишување на терен и со собирање информации од базите на податоци на МВР, Министерството за здравство, МТСП, УЈП, но и други институции.
Нејаснотиите за одредени прашања во пописот изминатиот период предизвикаа бурни полемики во јавноста за тоа кој сè ќе се попишува, како и дали зад целата операција се крие евентуален политички договор меѓу коалициските партнери во власта, а се очекува методологијата во периодот што следува да ги дообјасни сите дилеми.
Во методологијата е дефинирано кој сè ќе влезе во вкупното резидентно население, што деновиве предизвика најголеми реакции во јавноста, па, така, во оваа категорија ќе се најдат лицата државјани со место на вообичаено живеење во Македонија, странците што престојуваат во земјава подолго од една година, македонските државјани и нивните семејства што имаат место на живеење во државава а за време на пописот се помалку од една година во странство поради работа или друга причина, дипломати, бизнисмени, воени лица, како и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка.
Во резиденти ќе се попишуваат и лицата што се подолго од една година во земјава, како бегалци, азиланти и други лица, што во времето на пописот ќе се затекнат тука.
Со пописот ќе се собираат податоци и за лицата отсутни во странство над една година, за да се добијат порелевантни податоци за бројот на отселените лица од земјата. Исто така, ќе се собираат податоци за општата здравствена состојба на лицата за да се знае бројот на тие што поради својата општа здравствена состојба имаат тешкотии во извршувањето на секојдневните активности, според видот и нивната територијална разместеност.
Според методологијата, пописот ќе обезбедува податоци и за домаќинствата и семејствата не само како основни економски заедници (нивната структура според бројот на членовите, бројот на активни, односно издржувани лица, извори на приходи) туку и како биолошки заедници и промените во бројот и структурата на семејствата и нивните главни карактеристики и белези.
Покрај тоа, во рамките на пописот ќе се обезбедуваат и податоци за становите, за да се знае структурата на станбениот фонд, односно да се утврди бројот на становите и да се добијат податоци за нивната искористеност, површината, бројот на соби, опременоста со помошни простории (кујна, санитарни простории), опременоста со електрични инсталации, водовод и централно греење, потоа нивната година на изградба, катноста и др. Од пописот треба да се добијат и податоци за ненаселените станови, како и за становите што се користат за одмор и рекреација (викендички и семејни куќи).
Според првиот човек на ДЗС, за лицата што сакаат да учествуваат на пописот а се во странство, од 1 март ќе има последно апликативно решение на страницата на Заводот, кое е безбедно од секакви хакерски упади. Услов за самопопишување на оваа категорија лица, како и на членовите на нивните семејства, е единствениот матичен број.
Пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава, а електронската апликација со која ќе се врши попишувањето функционира на седум јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.
Во пописот ќе има графи за етничка припадност, верска припадност и за мајчин јазик. Методологијата содржи прецизни решенија за сите аспекти од пописот, па има и одредба како ќе се попишува граѓанин што престојува во земјава 11 месеци и 29 дена, што е границата по која не може да се најде во резидентните граѓани.
Пописот ќе го спроведуваат најмалку 1.500 попишувачи, вклучувајќи и резервни попишувачи, како и 50 пописни комисии.
Симовски: Бојкотот ќе биде на штета на граѓаните
„Нова Македонија“ го праша првиот човек на ДЗС зошто методологијата не беше претходно објавена, за да се избегнат дилемите што изминатиот период ја преокупираа македонската јавност, односно зошто таа не беше дел од самиот закон.
– Одбегнавме да објавиме делови од методологијата затоа што имавме лошо искуство во тој дел. Ќе го споменам пописот во 2002 година, кога ставивме делови од методологијата во тогашниот предлог-закон, кој отиде во процедура и на самата парламентарна седница со амандмани ни се изменија елементарните стандарди што требаше да ги има пописот – појасни Симовски.
Прашан за можноста да дојде до тивок бојкот на пописот од дел од населението и релевантноста на податоците во тој случај, тој одговори дека бојкотот ќе биде на штета на граѓаните.
Во делот на стравувањата на граѓаните од евентуално ширење на вирусот, директорот на ДЗС истакна дека април е веќе топол месец и луѓето што имаат можност да ги примаат попишувачите на отворен простор, можат да го сторат тоа.