Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според процените на ММФ, стареењето на населението во комбинација со трендот на депопулација ќе доведе до намалување на БДП по жител, особено во развиените земји. Драматичниот пад на бројот на работоспособни лица ќе го отвори прашањето за финансиската одржливост на повеќе социјални системи

Како демографските проблеми се трансформираат во економско-финансиски

Статистиката покажува дека територијата на Европа e населена со голем број стари лица, а во просек многу постари од населението во другите делови во светот. Средна возраст во Европа е 43 години, што е за 12 години повеќе отколку на кој било друг континент.

На повидок нов облик на криза

Во таква ситуација, поради демографските промени, според аналитичарите, на повидок е криза што ќе ги загрози економскиот пораст и јавните финансии. Но што точно значи ова? Дали е можно, дури и со побавен пораст, поради повисокиот процент на старите лица, да се обезбеди соодветно функционирање на сите важни социјални системи без тешкотии? Проблемот на ЕУ не е што уделот на старите лица во населението ќе продолжи да се зголемува. Проблемот е што од оваа 2021 година, според процените на ООН, во Европа тој ќе почне да се намалува.
Другите делови на светот ќе растат демографски, а во Европа ќе има силни трендови на депопулација. Најголемите ќе бидат забележани на југ и исток од Европа. Западна Европа, и покрај големиот удел на стари лица, треба да забележи дури и мал демографски суфицит до 2025 година.
Комбинацијата на зголемување на учеството на постарата популација со намалување на вкупниот број жители е она што потенцијално може да предизвика цела низа тешко решливи проблеми. Притоа, треба да се внимава дека промените ќе бидат огромни. Драматичниот пад на бројот на работоспособни лица ќе го отвори прашањето за финансиската одржливост на повеќе социјални системи.

Какви се анализите и процените на ММФ и на други релевантни
институции

Бројот на лица што се работоспособни, односно помеѓу 20 и 64 години, го достигна својот врв во Европа уште во 2010 година. Минатата година во таа група веќе имало 12 милиони луѓе помалку, а до 2035 година базенот на работната сила ќе биде за 50 милиони помал отколку во 2010 година.
Според процените на ММФ, стареењето на населението во комбинација со трендот на депопулација ќе доведе до намалување на БДП по жител, особено во развиените земји. Според пресметките на бриселскиот аналитички центар „Бертелсман штифтунг“, демографските промени ќе доведат до пад на приходот по жител во Германија, Италија, Франција и во Шпанија, помеѓу 4.759 и 6.548 евра, според цените од 2010 година. Во исто време, Европската комисија го проценува порастот на здравствените трошоци и грижата за старите лица за 2,3 процентни поени. Тоа, според аналитичарите, не звучи многу, но тие нагласуваат дека треба да се земе предвид дека во ЕУ овие трошоци веќе се на огромни 25 проценти од БДП.
Европските земји претежно планираа многу значително зголемување на вкупните трошоци за стари лица (пензии, грижа, образование, бенефиции за невработеност, трошоци за здравствена заштита), а Хрватска и Грција се меѓу ретките земји што во проекциите 2016-2040 на времето планираа да ги намалат овие трошоци за повеќе од два процентни поени.
Јасно дека ова е неодржливо поради фактот што до 2035 година секое четврто лице во ЕУ би било над 65 години, додека пак во 1950 година секој 13-ти граѓанин бил на оваа возраст.
Анализата на ваквиот контекст на ЕУ укажува на тоа дека инвестициите во развој на нови модели на сребрена економија и порастот на плодноста ќе треба да бидат многу поголеми. Особено загрижувачки за ЕУ ​е намалената стапка на плодност во земјите како Шпанија, Италија, Грција и Португалија. Цела Јужна Европа е под стапката на фертилитет од 1,37 и дискутабилно е прашањето како ќе ги зачува социјалниот и пензискиот систем. Источна Европа, од друга страна, е под демографско влијание на емиграцијата. Хрватска, Естонија, Летонија, Литванија, Србија, Бугарија и Романија се меѓу оние со најголеми проблеми поради емиграцијата, а стапката на плодност се намалува. Со зголемување на плодноста, ќе биде потребно значително да се продолжи работниот век, што е веќе тренд во голем број земји.
Демографските проблеми се заеднички за повеќето земји во ЕУ на различни начини. Во Италија не биле забележани помалку раѓања од средината на 19 век. Таа земја очигледно се намалува пред очите на носителите на одлуки таму и јасно е дека нема да има реални стапки на пораст без работна сила.

Недостиг од работна сила

Дали недостигот од работници ќе доведе до зголемување на номиналните каматни стапки и инфлација? Дали такво нешто може да доведе до колапс на јавните финансии и значителен пад на стандардите дури и во развиените земји? Тоа, според аналитичарите, е тешко прашање. Без големи промени во политиката, како што е зголемување на вработеноста кај жените, повисоко и подолго платено породилно отсуство, значително продолжување на работниот век за сите, реформи на пензиските системи во насока на зголемување на стапката на распределба…, ризиците растат. Дури и најагилните европски економии почнуваат да имаат сериозни демографски проблеми. Исто така и Германија започна да се намалува. За време на пандемијата, Германија не успеа да го пополни базенот со работна сила со нови имигранти, кои со себе носат поголема стапка на плодност. Така, Германија загуби 40.000 луѓе во првата половина на 2020 година. Ако Германците се во неволја, тогаш кој не е?
Влијанието на стареењето и депопулацијата врз економијата на ЕУ ќе биде огромно, иако не знаеме точно колкаво. За потсетување, теоријата за животните циклуси на Модиљани ја препозна важноста на демографијата пред повеќе од 70 години. Младите позајмуваат повеќе, средовечните и постарите трошат помалку и заштедуваат повеќе. Што точно ќе донесат овие големи промени во односот на големината на овие групи и во однос на инвестициите, извозот, потрошувачката и производството е тешко да се процени, но не треба да се плаче ако продавањето помагала за одење стане подобар бизнис од пијалаците насочени кон младите луѓе. Проблем е ако не дојде до приспособување.

Што значи во сиот овој контекст реалното зголемување на животниот век кај луѓето?

Со сè помалку сиромашни, како и со огромните достигнувања во медицината и исхраната, многу е веројатно дека треба да се смета на понатамошно зголемување на животниот век. Во ЕУ можеме да очекуваме прославата на 100-оти роденден да стане нешто вообичаено. Не е исклучено дека до 2050 година, бројот на суперстогодишници, односно оние постари од 110 години, значително би се зголемил. Тоа нема да биде статистички импресивна група, туку повеќе индикатор за тренд. Во моментов има само 50 лица на светската листа со по 111 година или постари. Сите лица постари од 113 години се всушност суперстарици. Најстариот маж на списокот од 50 најстари е Сатурнино де ла Фуенте Гарсија. Овој Шпанец е на 47-то место според возраста и треба да поживее подолго од седум години за да стигне до Кејн Танака, Јапонка, која влезе во 119-та година од животот на почетокот од оваа година.
Заклучок: Можеме да очекуваме понатамошно пробивање на границите на максималниот „биолошки можен“ животен век и значително зголемување на бројот на долговечни, со тоа што особено расте бројот на долговечните жени. Иднината ќе им припаѓа многу повеќе на долговечните жени. Бабите и дедовците во Европа ќе станат доминантна потрошувачка сила.