Мишел-Жак Шасеј, еден од најпознатите вински колекционери во светот, во својата визба, која ја нарекува вински „Лувр“, има приближно 50.000 шишиња со најразновидни сорти вино, вклучувајќи некои од најскапите шишиња на светот. На 350 квадратни метри, во западна Франција, во вилата „Ла Шапел-Батон“ деновиве се прават последните подготовки за отворање на винскиот музеј, кој ова лето би требало да ги прими првите гости.
Своето вносно хоби, со кое Мишел-Жак почнал да се занимава како дваесетгодишник, денес го претвори во вносен бизнис, бидејќи неговата колекција некои ја нарекуваат „седум светски чуда“.
Како што пишува „Д дринкс бизнис“, парите за музејот Шасеј ги собрал со продажбата на околу половина милион долари вредни шишиња вино, кои наводно вредат многу повеќе, дури 60 милиони долари.
Многумина се прашуваат колкумина од љубителите на виното во светот се подготвени да издвојат 500 евра за влез во колекционерското царство на етикети без дегустација, само за гледање, а што ќе се случи ќе покаже времето.
Шасеј смета дека винскиот музеј ќе го развие туризмот во западна Франција и оти голем број туристи ќе одат во „Ла Шапел-Батон“. Во секој случај, неговиот музеј ќе им овозможи несекојдневно доживување на посетителите.
Винскиот кустос посветил половина од својот живот собирајќи десетици илјади шишиња вино, кои ги чува во пештера, под земја, на температура од 10 и 15 степени и со 80 проценти влага во воздухот. Неговата колекција никого не го остава рамнодушен, Н. Во винскиот „Лувр“ цената на влезницата е 500 евра
па дури и принцот на кнежевството Монако изјавил дека станува збор за едно од седумте светски чуда. Винскиот „Лувр“ е обезбеден со сигурносна врата, а клучот од својот храм го чува во банка. Има добра причина за тоа, бидејќи пред пет години му се заканувале криминалци, кои му ги скршиле прстите и го држеле на нишан, испитувајќи го да каже каде е клучот од визбата. За среќа, тој бил во банка, па, така, колекцијата не е оштетена. Крадците украле само неколку сандаци што не биле заклучени.
Доколку влезеле во 25 метри долгиот подрум, Шасеј најверојатно ќе останел без скапоцените „петруси“, вински ремек-дела од „Романо-конти“, како и без винтиџ-етикетите од 1904 година.
До својата 30-та година, францускиот аеронаутичар можел да се пофали со околу 1.000 врвни шишиња. Денес примероци на вино од некои од најдобрите берби не постојат никаде на светот освен во винскиот храм во западна Франција.