Немилосрдно истребување на рибниот фонд во Охридско Езеро со нелегален риболов и шверц кон Албанија
На дното на Охридско Езеро демнат страшни и немилосрдни илегално поставени риболовни мрежи! Риби во мрест, фатени во мрежите, полни со икра и млеч, беспомошно се прпелкаат заглавени во замките поставени од страна на нелегалните риболовци, кои полека но сигурно го девастираат и онака енормно осиромашениот рибен фонд на Охридско Езеро. Од почетокот на годинава до петнаесетти месецов, регионалниот центар за гранични работи Запад спроведе низа мерки и активности за откривање и спречување прекуграничен криминал по вода и незаконски риболов, како и откривање прекршоци од Законот за рибарство и аквакултура и од Законот за внатрешна пловидба. Сепак, дали се доволни сите тие мерки за да се заштити она што ако го загубиме, никогаш нема да се врати?
На дното на Охридско Езеро демнат страшни и немилосрдни илегално поставени риболовни мрежи! Риби во мрест, фатени во мрежите, полни со икра и млеч, беспомошно се прпелкаат заглавени во замките поставени од страна на нелегалните риболовци, кои полека но сигурно го девастираат и онака енормно осиромашениот рибен фонд на Охридско Езеро. Вакви се сведоштвата на една жива легенда на нуркањето, истражувач и хроничар на случувањата во длабочините на Охридско Езеро со децении, Милутин Секулоски од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид. Тој со својата подводна камера и фотографски апарат ги овековечи негрижата, неодговорноста и „силувањето“ на флората и фауната во водите на Охридско Езеро од страна на наши сограѓани. Но ако со многубројните редовни подводни еколошки акции за чистење на езерското дно од механички отпад тој и колегите нуркачи можат да им помогнат на езерото и на живиот свет, овој пат во очај тие велат дека не можат никако да им помогнат на рибите, бидејќи физички е невозможно да ги отстранат илегално поставените мрежи, кои се фрлени во огромен број на дното на езерото.
Бруталното прекинување на животниот циклус на пастрмката е огледало на нашиот живот
Рибниот фонд на езерото трпи колосални загуби поради незаконскиот риболов. Рибите на ѕверски криминален начин се измачувани, заробени со денови, без можност да се хранат и да живеат. И тоа во времето кога се тие најранливи, во периодот на мрестот. Којзнае колку време минуваат така и којзнае колкав е бројот на мрежи фрлени на дното од страна на нелегалните риболовци. Бројката на заловени риби на овој начин може само да се претпостави, а со тоа и штетата по рибниот фонд на езерото уште помалку може да се замисли. И тоа злосторство е мултиплицирано и со многу потрајни и подлабоки последици, бидејќи се запира природното мрестење на рибата. Имено икрата, со чиј природен тек на оплодување се збогатуваат езерските води со риба, е оневозможена да го продолжи циклусот на животот, односно тој е брутално прекинат од страна на поединци и групи рибокрадци. Криминолозите, психолозите и социолозите со кои разговаравме, обидувајќи се да го демистифицираме менталниот склоп на криминалните умови за нивното деструктивно однесување, откриваат длабоки лични, колективни и општествени деструкции и аномалии, кои одамна се провлекуваат низ транзициските држави, вклучувајќи ја и нашата, а и државите во опкружувањето. Но тоа ќе биде тема на едно друго наше новинарско истражување и анализа.
Дали се доволни мерките и активностите на надлежните институции
За жал, досега не се пронајде никаков начин што би му ставил крај на нелегалниот риболов.
Акции постојано се спроведуваат, меѓутоа се чини дека рибокрадците не се исплашени од нив, штом постојано се случуваат кражби на риби.
Очигледно овој бизнис цвета, а заловената риба и икра се шверцуваат и продаваат како специјалитет на пазарот во соседна Албанија.
Од почетокот на годинава до петнаесетти месецов, регионалниот центар за гранични работи Запад спроведе низа мерки и активности за откривање и спречување прекуграничен криминал по вода, незаконски риболов, како и откривање прекршоци од Законот за рибарство и аквакултура и на Законот за внатрешна пловидба, при што е извршена заплена на разновиден риболовен алат и нелегално уловена риба.
Како резултат на 17 патролни служби (самостојно и заеднички со Државниот инспекторат за земјоделство), откриени се четири прекршоци од Законот за внатрешна пловидба, пронајдени се 34 разновидни рибарски мрежи, со вкупна должина од 1.800 метри, 150 парчиња риба (охридска пастрмка, белвица, мрена, и др.), со вкупна тежина од 13 килограми.
Акциските контроли се реализираат и на копно, за да се фатат риби при транспорт во возила. Вакви акции се реализирани во Пештани, Радожда, Трпејца, а во водите на Охридско Езеро се фатени и двајца албански државјани во незаконски риболов.
Од Секторот за внатрешни работи – Охрид информираат дека контролите се интензивни.
– Интензивни се контролите што координирано ги преземаат СВР-Охрид, граничната езерска полиција, регионалниот центар Запад и Државниот инспекторат за земјоделство, за сузбивање на казнените дела поврзани со незаконски риболов и други дела спротивни со Законот за рибарство и аквакултура. Целта е откривање сторители на вакви казнени дела и заштита на рибниот фонд во водите на Охридско Езеро – велат оттаму.
Се работи на терен, бројките се вџашувачки, но алатка за целосен успех не е пронајдена
Од СВР-Охрид информираат дека минатата година на охридско-струшкото крајбрежје биле реализирани околу 150 акциски контроли.
– Во контролите се затекнати повеќе лица при вршење незаконски риболов, три се приведени, а против десет лица се поднесени четири кривични пријави за незаконски риболов. Пронајдени се и одземени околу 300 парчиња разновидна риба, во вкупна тежина од 101,882 кг, од кои: 41,62 кг охридска пастрмка; 48,504 кг охридски крап; 10 кг белвица; 1,4 кг грунец, клен и мрена. Притоа, одземени се околу 250 рибарски мрежи, во вкупна должина од околу 23.000 метри, неколку метални чамци, како и друга разновидна рибарска опрема. Рибниот улов заедно со мрежите е предаден во јавната научна установа Хидробиолошки завод – Охрид – вели Стефан Димоски, портпарол на СВР-Охрид.
Тој нагласува дека и понатаму ќе се спроведуваат мерките против незаконскиот риболов за заштита на рибниот фонд на Охридско Езеро.