Сигналите на ЕУ за непостоење на волја за ново проширување би требало да поттикнат размислувања на сите политички елити во Македонија за менување на стратегијата за остварување на заедничката национална стратегиска цел – полноправно членство во Унијата. За почеток, се наметнува прашањето колку Македонија, т.е. македонските политички лидери се подготвени на соочување со таквата реалност
Соочување со сигналите дека ЕУ не сака веќе проширување
Полноправното членство во ЕУ, како стратегиска определба на Македонија, е можеби единствената цел на државата за која постои политички консензус и речиси непроменета висока општествена и граѓанска поддршка низ годиниве, и покрај сите други спротивставени внатрешнополитички позиции. Дури и трауматичните политички одлуки за промена на името на државата, кои подоцна како сврзани садови предизвикаа и надворешно проблематизирање на македонскиот национален идентитет, беа оправдувани како чекор за решавачко приближување до портите на ЕУ. Сепак, две години подоцна, со сета преживеана политичка драматика, Македонија како воопшто да не е поблиску ни до почетокот на остварување на својата стратегиска цел – никако да го започне преговарачкиот процес со Унијата.
Бугарија со црвено светло, но има и други црвени ламбички
Иако во изминатата 2020-та улогата на кочничар на македонските евроинтеграции ја презеде Бугарија, наметнувајќи историско-идентитетски уцени како причина за вето на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, сѐ повеќе се нагласуваат и други сигнали за нерасположението и на другите членки на ЕУ за понатамошно проширување. Веројатно јасен сигнал за тоа требаше да биде инсистирањето на Франција за воведување нова методологија за пристапување на земјите-кандидатки, пред сѐ за Македонија и за Албанија, но македонската политичка номенклатура како да не беше подготвена да ги согледа таквите сигнали како отворање врата за нов лавиринт на ЕУ. Текот на настаните: брегзит, пандемијата, ветата во низа, скептицизмот на старите членки на Унијата спрема кандидатите од Западен Балкан…, за оние што ги гледаат отстрана македонските шанси за членство во ЕУ укажуваат дека можеби Македонија треба пореално да се соочи со состојбата дека Унијата на подолг рок (од различни причини на секоја членка) не сака проширување.
ЕУ ја толерира токму Бугарија како алатка за „дискретно“ запирање на проширувањето
– Уште со промената на методологијата за пристапувањето и воведувањето реверзибилност во преговорите, требаше да ни биде јасно дека ЕУ бара начини како да го запре проширувањето. Но Македонија очигледно не е подготвена да се соочи со таквата реалност и нашите политичари продолжуваат заслепено да тропаат на вратите, кои ќе останат затворени. Дури и ветото на Бугарија, колку и да е мотивирано од можноста за остварување на сопствените бугарски интереси, сосема спротивни на европските критериуми и стандарди, од ЕУ се толерира токму како алатка за „дискретно“ запирање на проширувањето. Дури и САД да ги стават Западен Балкан и Македонија во приоритетите на својата надворешна политика и да се заложат поактивно за одвојување на билатералните спорови од процесот на преговори со ЕУ, тоа нема да се случи веднаш, а во тој период македонските евроинтеграции ќе бидат лет во место. И македонските политичари ќе мора да се соочат со тоа и да се искористат сите можности за соработка со Унијата, со регионот и билатерално со сите земји. Дури можеби би требало да се искористи и понудата (што била одбиена) за членство во ЕЕЗ, па и т.н. балкански шенген… Можеби тоа нема да претставува полноправно членство во ЕУ, но, секако, ќе биде повеќе од она што го имаме сега, во овој степен на евроинтеграции – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Да се остави настрана чувството на песимизам или оптимизам, а заеднички да се активираат системските реформи
Како навестување за некакво соочување со реалноста на немање желба во ЕУ за проширување би можела да се прочита една од последните изјави на претседателот Стево Пендаровски, кој призна дека не е оптимист за промена на бугарските позиции за ветото и по завршувањето на парламентарните избори во Бугарија, предвидени за 4 април. Сепак, тој се надева дека ќе се добие поддршка од „европските пријатели и дека тие, сепак, ќе дадат придонес нештата да тргнат во друг правец и Македонија да добие датум за преговори“. Од средбите на македонските министри за надворешни работи и за евроинтеграции, Димитров и Османи, во Брисел, со официјалните претставници на португалското претседателство со ЕУ, доаѓаат соопштенија за „принципиелна поддршка и напори за одржување на идејата на проширувањето“, но без цврсти ветувања за такви заложби. Надежите за започнување преговори се насочени спрема претседателството на Словенија во втората половина на годинава, но наредното претседателство на Франција со Советот на ЕУ не предизвикува оптимизам… За многумина тоа би биле доволно сигнали за соочување со реалноста на непостоење волја за проширување на ЕУ и менување на стратегијата за остварување на сопствената национална стратегиска цел. И секако се наметнува прашањето колку Македонија, т.е. македонските политичари се подготвени на соочување со таквата реалност.
– Во голем дел е извесно дека во Македонија нема да можеме да сметаме како досега на расположението за проширување на ЕУ. Од друга страна, наративот на нашите политичари досега целосно беше фокусиран на ЕУ и потребата од внатрешнополитичките реформи беше доминантно поврзувана со процесот на евроинтеграциите. Ќе биде потребен одреден период за приспособување на новиот наратив, со фокус на домашните прашања и предизвици. Додека се чека почетокот на преговорите, преговарачките процеси треба да се „вежбаат“ како внатрешнополитички процес на реформи. Таквиот процес треба да се искористи за усогласување на правниот систем со европското право (иако досега е 30 отсто усогласено), како и за унапредување на економската соработка со земјите-членки на ЕУ, како билатерално, регионално, па и со ЕЕЗ. Треба да ги користиме сите можности. Притоа, потребна е автентична посветеност на политичките елити на ваквиот процес на имплементација на преговарачките критериуми, а не само симулирање реформи – вели Марко Трошановски од институтот за демократија „Сосиетас цивилис“.