Две децении по завршувањето на војната на просторите на поранешна Југославија, многу е дискутабилно до кој степен концептите на меѓународно влијание – политиката на проширување и примената на неолибералниот економско-политички модел – успеаја да резултираат со вистинска демократизација и стабилизација на регионот. Имено, воспоставениот т.н. pax americana (американски мир) на овие територии ги покажува сите свои слабости. Влијанието на ЕУ врз Западен Балкан нагло слабее, а регионот се соочува со три вида закани: силни економски и социјални предизвици, ескалација на меѓуетничките тензии и мешање од надвор

Трајно нестабилната ситуација во регионот дополнително се влоши со миграциите, радикализацијата на дел од населението (особено во БиХ, Санџак и Косово), која се шири поради незадоволството од владините политики, со значително намалените изгледи за евроатлантска интеграција, како и со активностите на „незападните“ актери, кои своето влијание во регионот го „билдаат“ со употреба на многу конкретни програми за помош на земјите од Западен Балкан и нивните граѓани.
Во овој контекст, новата администрација на Џо Бајден е цврсто решена да ја заврши „недовршената работа“ на САД и ЕУ во однос на Западен Балкан, поради што се фокусира на измена на Дејтонскиот мировен договор (стар 25 години) и воспоставување нов регионален поредок во рамките на новиот Дејтонски договор 2, со кој би се укинале постојните ентитети. Така, обединетата (унитарна) Босна и Херцеговина, вклучувајќи ги и Србија и Косово, ќе бидат ставени под притисок за решавање на внатрешните и меѓусебните несогласувања, се разбира, доколку сакаат брз и неодложен прием во НАТО. Што се однесува до членството во ЕУ, ќе мора да се чекаат некои далечни времиња, но и покрај тоа, ветувањето за европска иднина ќе остане да виси во воздухот како голема мамка.
Иако би сакал целосно да ги поништи ефектите од ангажманот на администрацијата на Трамп (со кој Америка им се приближи на Србите и по малку се оддалечи од Албанците, притоа оставајќи простор за идна промена на границите), новоизбраниот американски претседател нема да има толку широко отворен простор за промени. Според добриот познавач на состојбите на Балканот, Тимоти Лес, Бајден „ќе биде присилен да дејствува во рамките на новата реалност, која е драстично различна од онаа во 1990-тите или раните 2000-ти“. Значи, може да очекуваме дека новата администрација ќе продолжи онаму каде што застана Трамп, но со додаток на „вечните“ империјалистички стратегии, кои сепак ќе го променат стилот на американската надворешна политика, бидејќи повеќе ќе се приспособи на напорите и преференциите на ЕУ (особено на Германија) и на Турција, која во целост го контролира третиот конститутивен народ во Босна и Херцеговина. Имајќи предвид дека регионот и понатаму стагнира, многубројни аналитичари веќе предвидуваат „помускулеста“ американска политика, особено кон Србија и Република Српска, чија цел ќе биде уништување на големиот сон за поврзување и обединување на српскиот народ, кој сега е „распослан“ низ териториите на соседните земји од регионот.

Сепак, ваквите размислувања ја занемаруваат новата стратегиска реалност во регионот и на просторите на ЕУ – некогашниот водечки поборник за проширување, Велика Британија, донесе одлука за излез од ЕУ, додека Франција и неколку други западноевропски држави инсистираат да се запре процесот на проширување. Имено, уште во 2014 година, тогашниот нов претседател на ЕК, Жан-Клод Јункер, отворено изјави дека во Унијата нема да има нови проширувања, а истиот став го повтори и во 2017 година. Неговите изјави беа одраз на големите кризи што ја ослабеа институционалната структура на Европската Унија – со референдумот во Франција и во Холандија (2005) беше отфрлен нацртот на Лисабонскиот договор; влезот на Бугарија и на Романија (2007) го продлабочи политичкиот јаз меѓу европскиот Исток – Запад; економската и финансиска криза (2008) го откри недостигот од солидарност кај земјите-членки; украинската криза и анексијата на Крим (2014) укажаа на актуелните геополитички предизвици на континентот; бегалската криза (2015) и бранот терористички напади во Европа што следуваа ја загрозија политичката, економската и безбедносната стабилност на ЕУ; брегзит ја поткопа идејата за обединета Европа, наметнувајќи се како нов геополитички предизвик за ЕУ.
Поради сево ова, процесот на проширување – долго сметан за најдобра, но и најуспешна европска политика – беше суспендиран и подложен на неизвесни рокови. Овие предизвици го разоткрија фактот дека ЕУ не успева да управува со кризата на својата периферија, а истовремено поттикнаа и бран незадоволство од политиките на европските институции, а со тоа и пораст на популизмот низ цела Европа.

Перспективата за интеграција на Западен Балкан во ЕУ полека почна да ја губи масовната поддршка, главно поради нарушените односи меѓу САД и ЕУ по победата на Доналд Трамп во 2016 година. Се покажа дека довчерашните сојузници имаат сосема различен пристап кон решавањето на клучните проблеми во регионот, како што се нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, македонскиот спор за името и застојот во функционирањето на институциите во Босна и Херцеговина. Ваквата констелација на односите го поткопа кредибилитетот на ЕУ и НАТО, но и дополнително ја намали привлечноста на интегративните процеси, особено поради високите критериуми што државите на Западен Балкан мораат да ги исполнат како услови за членство. И како да не беше доволно тоа – на сево ова се надоврзаа застрашувачките економски ефекти од пандемијата на ковид-19, што безмилосно се „истурија“ врз земјите од регионот, кои, во споредба со земјите-членки на ЕУ, и онака се наоѓаа во критична положба.

Во меѓувреме, Србија ја обнови својата позиција на лидер во регионот (како негово гравитациско средиште) по пат на силен ангажман во мудрото дипломатско маневрирање, кое ѝ овозможи да ја придобие и искористи поддршката од разни незападни сили што сакаат да го зајакнат своето присуство на Балканот. На тој начин, со поддршката од страна на Русија, Белград е заштитен од западниот експанзионизам, а со поддршката од Кина и од Турција, ја обновува и зајакнува својата економија.
Со ова се зајакна и позицијата на Србија во однос на САД, особено кога станува збор за косовското прашање: повторно се „раѓа“ новата српска самодоверба, на која ѝ одат во полза и новите геополитички околности во регионот.

Д-р Јадранка Половиќ

(продолжува)