КИЧЕВО
Со својата ситна става Џули Рахмани е како создаден за занаетот што го работи, а тоа е оџачарството. Тој сега е единствениот оџачар во Кичево, по смртта на постариот и попознат оџачар Алија, кој со децении им ги чистеше оџаците на куќите на кичевчани. Младиот Џули во еден период занаетот го подучувал кај искусниот Алија и денес, иако со само 32 години, важи за искусен оџачар.
– Иако сум млад со години, со овој занает се занимавам повеќе од девет години. Најпрво соработував со постариот оџачар Алија, а потоа кога ги совладав тајните на занаетот, го надминав и стравот од искачување по високите покриви и почнав самостојно да го работам занаетот што и денес го чинам. И за овој релативно краток период, речиси нема куќа или зграда во Кичево на која не сум се искачил барем еднаш – вели Рахмани, секогаш расположен за работа и за завршување на зададените обврски.
Тој е свесен за опасноста што е присутна при чистењето на оџаците, но благодарение на неговиот карактер, секогаш е смирен и концентриран кога ќе се најде на повисоките објекти во градот.
– Од почетокот на работењето кај мене исчезна стравот од искачување на височина и денес и на највисоките згради се чувствувам како да сум на земја. Секогаш сум смирен и сконцентриран и тоа ме прави да сум сигурен кога се качувам на високите станбени објекти. Се разбира, кога врне дожд или снег опасноста од пролизгување е уште поголема и во тие услови крајно внимателно се искачувам на покривите за да ја завршам планираната работа. Граѓаните најмногу ме бараат во септември, октомври и ноември кога започнува и грејната сезона, за да имаат чисти оџаци и топли домови. Но има случаи кога ме бараат пред грејната сезона или во текот на зимата поради непланирано затнат оџак – додава Рахмани.
Не носи црно одело и не го допираат за среќа, тој е само еден најобичен граѓанин, кој со големо задоволство го работи овој занает, за кој меѓу младите нема интерес.
Како да имате потопол дом и помалку да загадувате?
Моите сограѓани мора да знаат дека чистите оџаци се предуслов за подобро согорување на дрвата и поквалитетно затоплување на домовите, предупредува Џули.
– И затоа е препорачливо секоја година да се чистат оџаците што ќе овозможи покрај топли домови, да има и почист амбиентален воздух и поздрава популација. Затоа им стојам на располагање на моите сограѓани во секој дел од денот да ме побараат на телефонскиот број што можат да го најдат на многу локации во градот, за потоа да имаат чисти оџаци и топли домови. Многу го сакам занаетот и сметам дека уште долго ќе го работам – заврши Џули.
Повеќе граѓани наместо со тврдо гориво, домовите ги затоплуваат со клима-уреди, инвертери, а такви се пред сѐ жителите на колективните станбени згради што се изградени последните неколку години. Бројот на станбени единици во градот секоја година е во пораст, а Џули засега е единствениот оџачар во градот.