Двајца демократски пратеници во понеделникот побарале од Федералното биро за истраги (ФБИ) да покрене кривична истрага против Доналд Трамп за притисок врз службеници да ги поништат резултатите од претседателските избори.
Викендов медиумите објавија снимка од телефонски разговор, која наводно покажува дека американскиот претседател го молел високиот изборен претставник од Џорџија, републиканецот Бред Рафенспергер, да ги поништи резултатите од изборите во таа сојузна држава, тврдејќи дека сè што треба да се стори е да се најдат уште 11.780 гласови.
Во писмо до директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, демократот од Калифорнија Тед Лиеу и демократката од Њујорк, Катлин Рајс, тврдат дека доказите за изборната измама на Трамп се на јасна светлина.
– Како членови на Конгресот и поранешни обвинители, веруваме дека Доналд Трамп бил вклучен во убедување или заговор за извршување на бројни изборни злосторства. Ве молиме, веднаш започнете кривична истрага против претседателот – напишале Лиеу и Рајс.
Два месеца по претседателските избори во САД, Трамп одбива да признае дека ги загубил изборите од новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Сојузниците на Трамп поднесоа десетици тужби за поништување на изборните резултати во клучните држави со тесна разлика меѓу кандидатите. Скоро сите тужби беа отфрлени поради недостаток на докази.
Предвидено е утре (среда) Конгресот да се состане за да ја потврди изборната победа на Бајден пред претседателската инаугурација закажана на 20 јануари.