Фото: Игор Бансколиев

Натпреварите со репрезентацијата на Бугарија се закажани за денеска од 16 и за утре од 15 часот. Потоа македонските репрезентативци се враќаат во Скопје на финализирање на формата пред квалификациските дуели во групата Ц, со Турција и со БиХ, следната недела. На ЕП 2021 ќе играат првопласираните во седумте квалификациски групи и петте второпласирани со најдобар резултат

ОДБОЈКА

Македонската одбојкарска репрезентација денеска (од 16 часот) и утре (15 часот) во Софија треба да одигра уште два контролни натпревара против Бугарија, во пресрет на двата квалификациски турнира во Скопје, од 11 до 16 јануари, во СЦ „Борис Трајковски“, за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава.
Последен на подготовките на македонската репрезентацијата ѝ се приклучи плејмејкерот Филип Деспотовски, но селекторот Никола Матијашевиќ уште не може да смета на централниот блокер Филип Маџунков, кој има повреден мускул. По одигрувањето на двата натпревара македонските одбојкари се враќаат во Скопје на финализирање на формата пред квалификациските натпревари во групата Ц, со репрезентациите на Турција и на БиХ, следната недела. Првото место во групата ќе значи пласман на ЕП што ќе се одржи во септември, во Полска, Чешка, Естонија и во Финска. Македонија на ЕП дебитира во 2019 година.
Минатата недела во Скопје, во рамките на 44-то издание на турнирот „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, Македонија и Бугарија одиграа два меча (2-3 и 1-3). Најавите се дека за новите два меча селекторот на Бугарија, Силвано Пранди, ќе може да смета на петмина нови одбојкари, односно на најдобрите, кои ги немаше на скопските контролки поради различни причини.

На ЕП 2021 ќе се пласираат првопласираните во седумте квалификациски групи, како и петте второпласирани со најдобар резултат. Пласман на ЕП веќе си обезбеди Летонија од групата Д, а второпласираната Шпанија уште ја чека разврската, иако е речиси сигурна со деветте бода. Бугарија треба да игра со Австрија и со Израел во групата Б, следната недела во Израел, а натпреварите во преостанатите четири групи (А, Е, Ф и Г) се закажани за мај, по што ќе бидат познати сите 24 репрезентации што ќе играат на ЕП 2021.
На континенталното првенство директен пласман обезбедија Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија, Белгија (според пласманот од ЕП 2019) и земјите-домаќини на ЕП 2021, Полска, Чешка, Финска и Естонија, како и Летонија, преку квалификациите.