Одложени проекти на музеите
Музеите и галериите во земјава во текот на 2020 година се најдоа пред голем и непланиран предизвик, како да го задржат вниманието на публиката на своите содржини за време на пандемијата. Директорки на пет институции од ваков тип од Скопје и од Охрид укажуваат на поединостите од работењето, посочувајќи и кои од планираните проекти се одложени за идна реализација.
– Годишната програма на Археолошкиот музеј е реализирана во рамките на финансиските средства од Министерството за култура. Во смален обем, но сепак се реализирани археолошките ископувања на локалитетите: Голема Пешт, с. Здуње, Антигонеја кај Градиште, Стакина Чешма во Валандово, Гимбабица кај с. Избишта. За жал, поради пандемијата се одложени неколку меѓународни проекти, меѓу кои е гостувањето на изложбата „100 години Требениште“ во Белград и учеството во меѓународната изложба „Империал Грандур“ во Националниот музеј на Унгарија во Будимпешта, на која ќе бидат застапени предмети од најреномираните светски музеи, меѓу кои се и Британскиот музеј и „Лувр“ – вели директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Славица Бабамова.
Директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими, нагласува дека иако пандемијата имала негативно влијание, сепак не успеала да го наруши функционирањето на оваа институција и таа се преориентирала на поголемо присуство во дигиталниот свет и на онлајн платформите.
Мира Гаќина, директорката на Музејот на современата уметност, истакна дека во реализација на програмата оваа институција успеала да не се откаже од својата веќе препознатлива активност на претставување на светските имиња на рецентната визуелна уметност и во кризен период да обезбеди меѓународно присуство.
– За време на коронавирусот, кога допирот е забранет и е нужна дистанца, многу важен станува визуелниот контакт. Тоа е можеби причината што скопјани овие денови во голем број ја посетуваат и коментираат изложбата „Сета љубов“, дел од циклусот изложби „Сѐ што ни е заедничко“ и ретроспективната изложба на уметникот Јован Шумковски – вели Гаќина.
И вратите на Културно-информативниот центар во тешкава година се отворени за публиката. Се реализираа повеќе проекти од облaста на литературата, музичката и ликовната уметност, а и директорката Сермине Пурини посочува дека се реализирани перформанси, изложби, промоции на книги, концерти, меѓу другите и манифестациите: „Звуци на чаршијата“, „Скопје чита“ и др. Таа вели и дека публиката била охрабрувана од дома да проследи дел од содржините онлајн, од терасите на зградите, но и да присуствува на настаните на отворено, во паркот на КИЦ во центарот на Скопје.
И Заводот и музеј – Охрид се соочил со пад на бројот на посетители во своите објекти, но како позитивен момент во целата оваа ситуација е бројот на домашните посетители во Музејот на вода, во Заливот на Коските во Градиште. Директорката Даниела Недељковиќ напоменува дека само еден проект од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, 30-та Традиционална изложба, е одложен, од вкупно 21 проект со кои било аплицирано во Министерството за култура за 2020 година. Станува збор за 13 проекти од областа на заштитата на културното наследство, пет од музејската и два проекти од областа на меѓународната дејност, кои се реализирани или се во тек на реализација.