Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одгледувачите на овци бараат државата да донесе мерки за заштита на производителите, кои се чувствуваат уценети, бидејќи се принудени да ги продаваат јагнињата по цени што се далеку под производствените трошоци со што само прават загуби

Константно ниските откупни цени на јагнето се причината поради која се празнат трлата во нашата држава и пропаѓа цела една многу значајна сточарска гранка, а пандемијата на коронавирусот дополнително ја влоши состојбата. Сточарите велат дека се соочуваат со најниска откупна цена што се движи од 120 денари за килограм, констатирајќи дека со оваа цена подобро да не ги продадат јагнињата. Тие се револтирани затоа што имаат високи трошоци, а цените на јагнето не се на задоволително ниво.
– Оваа цела година е најлоша досега. Цената на јагнињата е најниска. Таа се движи околу 120 денари за пролетното јагне, а 160 денари за божиќното јагне. Сточарите немаат никаква добивка. Од кланиците им ги откупуваат пролетните јагнињата за две евра, а тие потоа во западните земји ги продаваат за осум евра. Трошоците се големи и не им се исплати да чуваат – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.
Како што додава тој, одгледувачите на овци бараат државата да донесе мерки за заштита на производителите, кои се чувствуваат уценети, бидејќи се принудени да ги продаваат јагнињата по цени што се далеку под производствените трошоци со што само прават загуби.

– Цената е минимална, ваква немало последните десетина години. Откако ќе се објагни овцата, додека да се одгледа јагнето од 18 до 20 килограми, сточарите имаат калкулација дека се трошат околу 170 денари по килограм за пролетното јагне, додека пак трошоците за зимското јагне се околу 240 денари – додава Станковски.
Во маркетите килограм божиќно јагне во моментов се продава за околу 360 денари што, според Станковски, значи огромна штета за сточарите бидејќи маржите се високи.
– Нашето домашно производство на месо е пред колапс и многу сточари веќе бараат купувачи за своите стада овци. Доколку не се разбие монополот на откупувачите и да се дозволи влез на конкуренција, сточарството го чекаат црни денови – вели тој.
Според него, ако не се најде модел за заштита, државата треба да ја доплати разликата од откупната цена на јагнето до реалната производствена цена за да може да се запре негативниот тренд во овчарството и празнењето на цели трла.
Од Националната федерација на фармери (НФФ) нагласуваат дека и ненавремената реакција на проблемите при откупот со јагнето ги доведе во ризик повеќето од производителите, кои се соочија со многу мала, речиси никаква побарувачка од страна на откупувачите и со многу ниски цени.

– Мора да се сфати и да се разбере сериозно оваа ситуација. Јагнето како производ понатаму бара храна, не може ниту да се складира, ниту да се чува и затоа овчарите постојано се изложени на дополнителни трошоци за обезбедување сточна храна, а сепак не може да го продадат јагнето. А колку тоа јагне добива тежина, толку губи на цена. Во моментот цената е многу ниска за килограм жива мера, што навистина е голем проблем за самите сточари – истакнуваат од НФФ.
Оттаму додаваат дека извозот на јагне бележи опаѓање во изминатите четири години за речиси 25 отсто. Најзначаен извозен партнер е Италија каде што македонското јагне е препознаено по квалитет и каде што нашето учество може значајно да се зголеми.
– Но во овој дел извозот е препуштен на десетина воспоставени бизнис-релации, без посебни трговски аранжмани на ниво на министерства или на стопански комори, кои би можеле да ги одржуваат и развиваат овие односи. Од друга страна, многу малку се прави во делот на промоција на нашето производство наменето за извоз. На пример, со години Словенија и Хрватска вложуваат огромни средства (голем дел од нив државни) за промоција на пилешкото месо во нашата земја и истите тие даваат плод. Трговските марки како „Перутнина Птуј“, „Пивка“ и „Цекин“ се симбол за квалитет за речиси секој наш потрошувач. Од друга страна, хрватскиот пазар, кој е исто така значаен партнер во извозот на јагнешко, воопшто не е целен со една ваква кампања во нивната земја. На таков начин, без план и без правилни инвестиции во промоција и маркетинг тешко дека ќе можеме да ги одржиме пазарите и производството – истакнуваат од НФФ.


Владата ќе дава по 400 денари за заклано јагне и по 1.500 за задржано женско грло

Владата донесе одлука за дополнителна мерка за предадено и заклано јагне во кланичните капацитети од 400 денари по грло јагне. Со оваа мерка се опфатени 3.600 земјоделски сточарски стопанства што во кланичните капацитети имаат предадено околу 190.000 јагниња.
Со измените на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и за начинот на директните плаќања за 2020 година, пак, се зголемува финансиската поддршка за сточарите одгледувачи на овци, за задржано женско јагне од досегашните 700 денари на 1.500 денари по грло.
Владата ја донесе ваквата одлука поради новонастанатата состојба и проблемите со откуп на јагне, поради здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.