Младите жени гледаат телевизија, па затоа знам дека ако сум тука, на теренот, тие можат да видат дека е можно. Тоа е првото нешто што ќе им помогне на некои млади девојки да почнат да судат. Знам дека имам улога во тоа, но не ги туркам жените премногу, затоа што тие ќе продолжат сами и ќе одлучат дали сакаат да бидат судијки или не, вели Фрапарт
ФУДБАЛ
Во почетокот на декември Стефани Фрапарт (37) влезе во историјата на фудбалот. Откако беше главна судијка за натпреварот на Јувентус против Динамо Киев, таа стана првата жена што судела на натпревар за мажи во Лигата на шампионите. Името на Французинката беше низ сите светски медиуми, инспирирајќи млади девојки насекаде, но Фрапарт не беше свесна за тоа. Според нејзините зборови, таа живее во „меур“, пишува „Би-би-си“.
– Не користам социјални медиуми. Никогаш не читам весници за мене. Јас го правам мојот меур. Знам дека во фудбалот сите зборуваат за судиите и за перформансите. Јас сѐ уште игнорирам сѐ. Претпочитам да биде вака – рече Фрапарт за „Би-би-си спорт“.
Не е првпат Фрапарт да го вреже своето име во историските книги на фудбалот. Таа беше првата жена што водеше натпревар за мажи во едно големо натпреварување во Европската фудбалска унија (УЕФА), кога Ливерпул и Челси се сретнаа во Суперкупот во 2019 година.
Таа година судеше и во финалето на Светското првенство за жени помеѓу САД и Холандија, а и во натпреварите во француската Лига 1 од 2019 година. Фрапарт, која почна да игра фудбал на десетгодишна возраст, го водеше својот прв натпревар во Лига Европа во октомври, кога Лестер беше домаќин на Зорја и рече дека судењето на Светското првенство за мажи во 2022 година би било „бонус“.
Нејзиното учество во такви мечеви од висок профил сигурно ќе ги инспирира младите девојки што гледаат да ги следат нејзините стапки, а Фрапарт вели дека тоа би ѝ било „големо задоволство“.
– Знам дека сум пример. Младите жени гледаат телевизија, па затоа знам дека ако сум тука, на теренот, тие можат да видат дека е можно. Тоа е првото нешто што ќе им помогне на некои млади девојки да почнат да судат. Знам дека имам улога во тоа, но не ги туркам жените премногу, затоа што тие ќе продолжат сами и ќе одлучат дали сакаат да бидат судијки или не – вели Фрапарт за „Би-би-си“.
Како и сите службени лица, Фрапарт мораше да се приспособи на доаѓањето системот видеопомошник-судија (ВАР) во фудбалот. Технологијата е извор на многу дебати уште од нејзиното воведување. Но Фрапарт го опишува како „многу добра помош“.
– Продолжуваме да судиме како порано. Донесуваме одлука на теренот и потоа е добро да имаме помош во случај да направиме големи грешки. Мислам дека тоа е добро за фудбалот – рече Фрапарт.