Комисијата за европски прашања на Собранието денеска расправаше по Предлогот на законот за попис, во прво читање.
Претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, истакна дека станува збор за важен закон со кој ќе се овозможи попис на населението, домаќинствата и становите во периодот од 1-21 април 2021 година, имајќи предвид дека последниот попис во земјата беше спроведен во 2002 година, а пописот во 2011 година не беше реализиран.
– Како држава-членка на ООН сме обврзани да спроведеме попис, кој ќе биде во согласност со донесените Меѓународни препораки за пописите на населението и домувањето, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и на Евростат – рече Адеми.
Во расправата учествуваа пратениците Халил Снопче, Дафина Стојаноска, Жаклина Пешевска, Зеќир Рамчиловиќ, Кастриот Реџепи, Мирче Аџиоски, Марија Петрушевска, Бети Стаменкоска-Трајкоска, Лидија Петкоска.
Во нивните дискусии заедничка беше констатацијата дека на државата ѝ треба добар и квалитетен закон за попис, поради што беа најавени амандмани за подобрување и прецизирање на одредбите во Предлог законот, кога тој ќе биде во собраниска процедура во второ читање.
Исто така, се укажа на важноста на одредбите во Методологијата за спроведување на пописот, која согласно Законот ќе треба да биде донесена на транспарентен начин. Државниот завод за статистика, во фазата на подготовка за спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите, ќе треба да направи темелна процена на моменталната состојба во Државниот завод за планирањето и можната употреба на административните извори за собирање на податоци од Пописот.
Во тој контекст, се нагласи дека Државниот завод за статистика, како носител на целиот процес за пописот треба стручно и компетентно да се ја заврши работата, со цел да нема никакви сомневања во веродостојноста на оваа статистичка и важна операција. Се истакна дека процесот е технички, но и политички, поради што треба да биде донесен заеднички, со позицијата и опозицијата во Собранието.
Врз основа на расправата, Комисијата заклучи Предлог законот за попис да го проследи на натамошна собраниска постапка, за што гласаа членовите на Комисијата, и од позицијата и од опозицијата.