Како и милиони други млади ширум светот, шведската активистка за животна средина, Грета Тунберг, исто така мораше да се навикне на онлајн наставата. Тунберг, која беше избрана за личност на годината од страна на магазинот „Тајм“ во 2019 година, ужива во враќање на некои од старите навики додека се занимава активизам, пренесува „Тајм“.
Во интервју, таа рече дека ѝ негостигаат училишните навики. Таа беше премногу зафатена минатата година, го преплови Атлантскиот Океан со цел да одржи говор за Обединетите нации во Њујорк, го сврте вниманието кон домородните активисти на самитот на ОН за климатски промени во Мадрид и се сретна со светските лидери на Светскиот економски форум во Давос.
По настапувањето на ковид-пандемијата, Тунберг и останатите активисти исто така мораа да се прилагодат на новиот начин на живот. Годинава, тие ги концентрираа своите напори кон дигиталниот активизам.
– Моравме да направиме неколку чекори назад за доброто на сите – вели Тунберг, чиј план за 2020 година беше да патува во Азија преку Трансибирската железница.
Но, пандемијата не била силен удар за неа и нејзините колеги. Тие и онака биле вешти во работењето онлајн, бидејќи голем дел од нив избегнуваат да летаат поради високите емисии на јаглерод во авиосообраќајот.
– Кон крајот на ноември, повеќе од 350 млади активисти од целиот свет одржаа двонеделен виртуелен самит наречен „Мок КОП 26“, во чест на младите низ целиот свет кои се наоѓаат во првите редови за борба против климатската криза во земјите кои се во развој – вели Тунберг.
Но, Тунберг е разочарана и од светските лидери, бидејќи според неа, тие спремно велат дека сакаат промена, но не преземаат ништо што би имало брз ефект.
– Секогаш е исто. Тие се согласуваат со нас и велат, не правиме доволно за да се случи промена. Тие се повеќе од задоволни да гласаат и да се залагаат за политики што ќе имаат влијание за некои 20 или 30 години. Но, кога станува збор за нешто што всушност ќе има влијание врз нас токму сега, тие не сакаат да се зафатат со тоа, бидејќи е премногу непријатно за нив – вели Тунберг.
На прагот на нејзината полнолетност, Тунберг останува цврсто убедена во својата мисија и ќе продолжи да прави сè што е во нејзина моќ за да остане во вистинската насока на активизмот.
– Промените ќе се случат само ако продолжиме да притискаме напред и во вистинската насока, ако продолжиме да бидеме многу здодевни и да ги повторуваме нашите напори одново и одново, без оглед на околностите – изјави Тунберг.