Маратоните треба да почнат во 7 часот, а трката на 50 км брзо одење во 6 часот наутро

Жешкиот бран што ја зафати Јапонија летово предизвика загриженост кај организаторите и кај ИОК, кои планираат контрамерки за заштита на спортистите и на гледачите за време на Игрите по две години, но и поместувања на почетоците на некои натпревари за шест и седум часот наутро

На точно две години до почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година (од 24 јули до 9 август), Јапонија се соочува со екстремен топлотен бран што ги поттикна стравувањата од слични временски услови по две години. Церемонијата на отворањето на Игрите е закажана за 24 јули 2020, во годината кога во Токио се очекува просечна температура од околу 25 степени, што во комбинација со големата влажност на воздухот може да им создаде многу маки на спортистите и на гледачите.

Организаторите на ЛОИ сериозно ги сфаќаат овие предупредувања и веќе размислуваат за контрамерките. Тие планираат отворање засолништа со ладење за гледачите, како и инсталирање специјални уреди што треба да обезбедат постојани повратни информации за топлината на секое спортско борилиште.
Во Јапонија летово температурите отидоа до небо, а најавите се дека топлотниот бран ќе продолжи, што предизвика загриженост и во Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). За време на неодамнешната посета на Токио, главниот во инспекцискиот тим на ИОК, Џон Коутс, рече дека топлината може да биде „огромен предизвик“ за организаторите на ЛОИ.

– Свесни сме дека треба да се подготвиме за екстремна топлина – рече тој.
Во Јапонија минатата недела загинаа девет лица кога температурата во централниот дел од земјата достигна 40,7 степени. Итните медицински служби на Токио одговориле на 3.000 итни повици, а само во еден ден биле хоспитализирани 317 лица.
Коутс рече дека организаторите на ЛОИ ќе мора да ги испитаат сите опции за справување со екстремната топлина. Поради тие причини маратонот (машки и женски) ќе се одржи рано наутро, од 7 часот, за да се избегне топлината. Трката во брзо одење на 50 км, за која се потребни околу четири часа, сега би требало да почне 90 минути порано, во 6 часот утрината, со што ќе биде најраното натпреварување од предвидените 339 на ЛОИ 2020. Натпреварите во голф, за мажи и за жени, исто така, би почнале во 7 часот, два часа од претходно планираното, затоа што местото на одржување, во близината на Токио, се претпоставува дека може да биде едно од најтоплите на Игрите.

Според јапонската метеоролошка агенција, во 2017 година просечната температура во Токио во јули достигнала 31,8, а во август 30,4 степени. Годинава во делови од Јапонија биле забележани температури од повеќе од 40 степени.
Тецуо Егава, еден од директорите за планирање на оперативната стратегија во организацискиот комитет на ЛОИ 2020, изјави за АФП дека најголема загриженост постои за спортовите и за натпреварите што не се на стадиони, како што се маратонот, едрењето, кајакарството и голфот. Јапонската влада и градските власти на Токио планираат да направат посебни патеки, кои ќе емитуваат помалку топлина и да посадат дрвја по улиците каде што ќе трчаат маратонците.
ЛОИ 1964, кога Токио првпат беше домаќин, се одржаа во октомври за да се избегнат високите температури.


Мираитова и Сомеити

Мираитова и Сомеити се имињата на маскотите за Летните олимписки игри (ЛОИ) и за Параолимписките игри (ПОИ) во 2020 година во Токио (Јапонија). Мираитова е комбинација од јапонските зборови мираи (иднина) и това (вечност), а името Сомеити е добиено од сомеи-јошино, вид цвет на цреша. Автор на маскотите е илустраторот Рио Танигучи, кој победи на конкурсот во кој беа вклучени и над 200.000 ученици од 16.769 училишта низ Јапонија.