Кај доброволците што примиле две јаки дози од вакцината ефикасноста била 62 отсто, но таа пораснала на 90 отсто кога доброволците прво добиле една слаба доза, а потоа една појака доза од вакцината. Сѐ уште не е познато зошто доаѓа до таква разлика во ефикасноста на вакцината

На светскиот пазар сѐ повеќе вакцини против ковид-19

Фирмата „Aстра зенека“ објави дека нејзината вакцина против ковид-19, развиена во соработка со универзитетот „Оксфорд“, е во просек 70 отсто ефективна. Станува збор за, како што наведува Би-би-си, еден вид триумф и разочарување, имајќи предвид дека вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“, како што објавија обете компании, имаат 95-процентна ефикасност.
– Оваа вест води чекор напред до моментот кога ќе ја употребиме вакцината за да ѝ ставиме крај на ситуацијата што ја предизвика вирусот – изјави „архитектката“ на оксфордската вакцина Сара Гилберт.
Во клиничко испитување на вакцината на „Оксфорд“ учествувале 20.000 волонтери, од кои половина од Велика Британија, а другите од Бразил. Во однос на ефикасноста, извршниот директор на „Астра зенека“, Паскал Сориот, кажа дека ефикасноста и безбедноста на оваа вакцина се големи во борбата против ковид-19 и дека таа ќе има директно влијание врз овој итен проблем со јавното здравство.

Ковид-19 е потврден во 30 случаи кај лица што примиле две дози на вакцината и во 101 случај кај лица што примиле плацебо. Експертите што ја спровеле студијата рекоа дека вакцината обезбедува 70-процентна заштита, но има и интригирачки податоци дека ефективноста на вакцината може да се зголеми на 90 проценти.
Кај доброволците што примиле две јаки дози од вакцината ефикасноста била 62 отсто, но таа пораснала на 90 отсто кога доброволците добиле една слаба доза, а потоа и една појака доза од вакцината. Сѐ уште не е познато зошто доаѓа до таква разлика во ефикасноста на вакцината.
Професорот Ендру Полард, кој е водечки експерт за клинички испитувања, рече дека е задоволен од резултатите. Вакцината од „Оксфорд“ е поевтина и полесна за чување и носење, за разлика од вакцините на другите две компании.
Никакви нуспојави не се забележани од употребата на вакцината. Европската комисија договорила испорака на вакцини со шест компании, од кои една е токму вакцината што ја развиваат научници од „Оксфорд“ заедно со компанијата „Астра зенека“. Таа британска фирма за земјите-членки на Европската Унија би требало да обезбеди најмалку 300 милиони дози. 


Единична доза вакцина на „Фајзер“ ќе чини 19,50 долари

Лидерите на групата 20 најразвиени земји во светот и земјите во развој на вчерашниот виртуелен самит ветија дека ќе сторат сè за да обезбедат еднаков пристап до вакцината за коронавирусот. Во завршната декларација на дводневниот виртуелен самит, организиран од Саудиска Арабија, беше заклучено дека лидерите нема да се откажат од напорите да се обезбеди еднаков пристап (вакцини, тестови и терапија).
Русија рече дека единична доза од вакцината на „Фајзер“ ќе чини 19,50 долари, а на „Модерна“ ќа чини помеѓу 25 и 37 долари, со тоа што од оваа вакцина ќе бидат потребни две дози.
На самитот се дискутираше и за тоа како да се помогне во спречување на можните кредитни стандарди меѓу земјите во развој, бидејќи нивниот долг се зголемува со економскиот пресврт предизвикан од вирусот.

Лидерите на Г20 изјавија дека „целосно ги поддржуваат“ механизмите воспоставени од Светската здравствена организација во борбата против епидемијата на коронавирусот, што значи дека вакцината нема да биде достапна само за најбогатите земји.
Во завршната декларација, Г20 вети дека ќе ја спроведе претходно донесената иницијатива за одложување на отплатата на долгот на сиромашните земји.
Лидерите рекоа дека трговијата е „поважна од кога било за поддршка на мултилатерален систем за трговија“ и за обезбедување „еднакви услови за игра“. Во Г20 најразвиени земји во светот и земјите во развој се 19 земји и Европската Унија, вклучувајќи ги Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија и САД.


Две милијарди вакцини за 92 земји во развој

УНИЦЕФ соопшти дека планира да испорача две милијарди вакцини за ковид-19 и една милијарда шприцеви следната година во „мамутска операција“ што опфаќа 92 земји во развој. УНИЦЕФ, кој е најголемиот купувач на вакцини во светот, вообичаено набавува повеќе од две милијарди дози вакцини годишно за рутинска имунизација и одговор на епидемијата во речиси 100 земји.
– Оваа операција вклучува координација на илјадници пратки со различни побарувања што го прави УНИЦЕФ-експерт за управување со снабдување на производи со контролирана ниска температура, што е особено потребно за време на овој историски потфат – соопштуваат оттаму.