Патниците што чекаат да влезат во автобусите, а и потоа, внатре во возилото, не можат да бидат на прописно растојание по протоколите / Фото: Игор Бансколиев

Членот на Комисијата за заразни болести и директор на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов, алармира дека во одделни случаи е регистрирано бројот на патници во јавниот градски превоз да е 120 отсто од вкупниот капацитет на патници во автобусите, и тоа без маски. Сега состојбата во автобусите се движи кон фаза на преполнетост, а автобусите се регистрирани како критична точка, исто како и концертите…

ШТО СО ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ ПАТНИЦИ ВО ЈАВНИОТ ГРАДСКИ ПРЕВОЗ

Редуцираниот број на автобуси што сообраќаат во Скопје се чини дека претставува потенцијална и реална опасност од нов кластер за заразување со коронавирусот. Тенденцијата да се стават во нормала работите во државата, особено за граѓаните што веќе се вратија на своите работните места и покрај сѐ уште нестивнатото ширење на заразата, е причина и потреба користењето на јавниот превоз повеќекратно да се зголеми. Меѓутоа, тие потреби на граѓаните сѐ уште не кореспондираат со бројот и фреквенцијата на возилата на јавниот превоз што сообраќаат низ метрополата. Со намален број возила и со саботен возен ред, во градските автобуси навалицата од патници е исклучително забележлива. Редици граѓани се обидуваат да влезат во автобусите за навремено да стигнат на своите работни места. Патниците што чекаат да влезат во автобусите, а и потоа, внатре во возилото, не можат да бидат на прописно растојание по протоколите, а дополнително е загрижувачки тоа што некои од нив неодговорно воопшто и не ги почитуваат мерките за заштита, па немаат заштитна маска преку устата и носот.

Од анкетата со граѓаните на автобуските постојки

Некои од граѓаните корисници на јавниот автобуски превоз се јавија во редакцијата за да бараат решение за новонастанатата состојба, но со уште поголем дел разговаравме на повеќе автобуски постојки, па и во автобусите што сообраќаат низ градот.
– Еве, и самите пресметајте дека од крајот на минатиот месец, откога почнаа сите на работа и беа укинати мерките за нив, рапидно се зголеми бројот на патници во автобусите, а со тоа и бројката на заразени расте. Си дишеме во врат, се туркаме, кој кива, кој кашла, сите во едно возило набиени во услови кога смртоносен вирус се заканува по нашите животи. Којзнае колкумина чекајќи го автобусот на станица или внатре во автобусот не ни знаат дека го имаат вирусот а шетаат слободно, а да не ги ни спомнувам оние што влегуваат како шерифи, како автобусот да е во нивна сопственост, без заштитна маска. Ај што не носат маска, уште па и кога ќе им кажеш, подготвени се да се расправаат, мислиш тие се во право – вели Стојан Кузмановски, еден од многуте корисници на јавниот градски превоз што алармираа итно да се најде решение.
За Владимир Божиноски од Скопје, дополнителен проблем е недоволната фреквенција на возилата од јавен превоз, па дури и со намалена зачестеност има такви што доцнат…
– Каде и да работи човек, еднаш ќе му дозволат да задоцни, но не постојано. Ако верувате, веќе две недели не можам да се качам во автобус, па на крајот плаќам такси за да стигнам на работа. Голема замолница до сите надлежни од моја страна, и не само од моја, туку и замолница во името на илјадници патници дневно, да се најде брзо решение за ова и да се стави крај, затоа што е исцрпувачки за сите. Не обвинувам никого, не тврдам дека некој е виновен, но во вонредни околности, на сите им е потешко да се приспособат поради корона-кризата. И на институциите, и на ЈСП и на самите нас, граѓаните. Но мора да најдеме заеднички решение – вели тој.

Треба да се размислува да се врати стариот возен ред, за да се намали бројот на патници

И за епидемиолозите состојбата со граѓаните што ги користат автобусите на градскиот превоз е неодржлива во услови на строго пропишани протоколи од здравствените власти.
– Од почетокот на пандемијата во март донесовме одлука да се зголеми бројот на автобусите за да има помалку луѓе што ќе се возат во нив. Од која причина тоа не е направено, не можам да кажам. Не знаеме веќе што да правиме. Сега состојбата во автобусите е преполнетост, односно бројот на патници е 120 отсто од вкупниот капацитет на патници во автобусите, и тоа без маски. Автобусите ни се регистрирана критична точка, исто како и концертите – вели Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести и директор на Центарот за јавно здравје – Скопје.
Дека мора да се зголеми бројот на автобуси се согласува и првиот човек на „Слобода превоз“, односно на приватните превозници во градот, Ленин Јовановски.
– Откако се вратија сите на работа, бројот на патници е удвоен. Во услови кога се бориме со пандемија, најдобро е да се врати стариот возен ред, за да се намали бројот на патници. На тој начин ќе имаме по десетина патници во автобус или по драстично помал број од ова што се случува сега – вели Јовановски.

Град Скопје анализира и, во согласност со тоа, на некои од автобуските линии се вклучени поголем број возила во однос на изминатиов период

Градските власти велат дека автобускиот превоз работи со намален капацитет во согласност со препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
– Поради пандемијата на ковид-19 и препораките за безбедност, автобускиот превоз работи со намален капацитет, во согласност со препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Поради зголемената потреба, во согласност со анализите и препораките, од вторникот, шести октомври, на поголемиот дел од автобуските линии се вклучени поголем број возила во однос на изминатиов период, поточно некои од линиите во јавниот превоз почнаа да сообраќаат по летен делничен возен ред. Станува збор за линиите 2, 2А, 5, 24, 41, 42, 43, 50, 53, 55А, 57, 63, 63А, 65, 65Б, 67, 163, 165, 167, 180. Некои од линиите (9, 19, 20 и 23) продолжуваат да сообраќаат по редуциран делничен возен ред, преостанатите линии имаат саботен режим на сообраќање, додека линиите, 25, 25А, 25Б, 28 и туристичката линија „Сити тур“ и натаму се привремено укинати. Град Скопје во наредниот период ќе продолжи да ги анализира состојбите и дали ќе продолжи слабата фреквенција на патници или таа ќе се зголеми, по што ќе се бара оптимално решение, кое ќе биде пред сѐ во интерес на здравјето на граѓаните – информираат градските власти.

[email protected]