Неколку семејства се собрале на турско-сириската граница да пречекаат камион со ладилник во кој се наоѓаат мртвите тела на платеници кои загинале борејќи се во земја која никогаш не ја виделе. Тие наводно биле најмени од страна на турски воени сили со цел да се борат на страната на Азербејџан во конфликтот за Нагорно-Карабах, пренесува „Вашингтон пост“.
– Мојот братучед, како и многумина други, отиде да се бори за да освои што поголема територија за Азербејџан. Тој во ладилникот на камионот беше обележан со бројот 12 – вели роднина на Махмуд Наџар, платеник од Сирија.
Смртта на сириските платеници покрена многубројни прашања во врска со војувањето кое може да ги дестабилизира Иран и Грузија, а да ги вовлече Русија и Турција во конфликтот. Иако Турција негира дека има пратено платеници, некои од роднините на убиените тврдат дека на борците им биле ветени месечни плати за нивните услуги.
Турција се обидува да ја проектира својата воена моќ низ голем дел од своето соседство со нов порив. Поддршката за азербејџанските воени напори, како и обезбедувањето воена помош, го охрабри Азербејџан, а ја става Турција во центарот на конфликтот. Ибрахим Калин, советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изрази сомнеж дека паузата во војувањето во Нагорно-Карабах ќе доведе до стабилно и трајно примирје.
– Прекинот на огнот мора да биде одржлив. Единствениот начин да се постигне одржливо примирје е да се разговара за ерменската окупација на азербејџанските земји – рече тој во интервју за „Ал Џезира“.
Завојуваните страни и натаму се обвинуваат за избивање на судирите, а примирјето е сѐ уште само на хартија, наспроти сите апели на светските сили да се стави крај на војната.
Русија досега е воздржана во врска со конфликтот. Ерменија има корист од заштитата на воениот сојуз предводен од Русија, склучен меѓу шест поранешни советски држави, во кој не спаѓа Азербејџан. Владата на претседателот Владимир Путин испрати нејасни сигнали за тоа дали ќе интервенира во конфликтот, велејќи дека Русија ќе ги исполни своите обврски од договорот за одбрана на Ерменија, но дека нејзините обврски не се протегаат на борбите на територијата на Нагорно-Карабах. Досега најсилните зборови на Москва беа да се осуди употребата на сириските платеници од страна на Азербејџан.
– Распоредувањето на сириски платеници потсетува на Либија, каде што Турција и Русија се борат на спротивните страни на граѓанската војна. Се смета дека повеќето сириски платеници во Либија се ангажирани и спонзорирани од Турција, спротивно на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Безбедносна фирма поддржана од Кремљ, пак, донела сириски борци кои се сојузници со Асад – пишува „Вашингтон пост“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, зборувајќи пред членовите на неговата политичка партија, во средата повторно негираше дека Турција испраќа сириски борци во војната.
– Тие имаат работа во својата земја. Тие нема да одат таму – рече тој, додавајќи дека Турција е подготвена да им даде секаков вид поддршка на нивните браќа и сестри од Азербејџан.
Сепак, роднините на Наџар велат дека тој, со две деца во домот и без никакви средства за егзистенција, откако видел како платеници се враќаат од Либија полни со пари, веднаш прифатил плата од 2.000 долари месечно и заминал со неговиот 18-годишен внук и неколку пријатели во Азербејџан.
– Парите беа единствената причина. Кој би сакал да замине во Азербејџан? Кој знае каде Азербејџан воопшто се наоѓа – вели братучедот на убиениот Наџар, кој побарал да остане анонимен од страв дека ќе ги разгневи регрутите на платеници во Сирија.
Наџар, неговиот 18-годишен внук и неколкумина нивни пријатели првин заминале со авион во јужна Турција, за потоа да бидат транспортирани во Азербејџан. Но, тие не знаеле во што се впуштаат.
– Веднаш наредниот ден, тие беа испратени на фронтот. Областа беше силно утврдена од Ерменците, а сириските платеници биле главно сами и на непозната територија, опкружени со јазици, историја и непријателства што не ги разбираат. Тие биле придружувани само од тројца водичи – вели анонимниот роднина.
Според него, Наџар и неговиот внук загинале истиот ден. Нивните тела во текот на ноќта останале каде што паднале, бидејќи било преопасно за да бидат извлечени.