Пандемиите не секогаш се трансформативни настани. Иако постои загриженост дека веќе постоечките трендови ќе се засилат, погрешно е да се претпостави дека коронавирусот ќе стави крај на глобализацијата и на либералната демократија, или пак дека ќе ја засили „меката моќ“ на Кина
Како пандемијата ќе го преобликува светскиот поредок? Искрениот одговор е дека никој не знае. Има многу можни сценарија од оваа појдовна точка. Креаторите на политиките можат да ги избегнуваат митовите кои го попречуваат нивното размислување и да ги истражат алтерантивите кои ќе им помогнат да се фокусираат на најважните прашања. Понекогаш проценките се погрешни, но корисно е да се осмислат политики на начин кој ќе им овозможи на лидерите да извлечат поука од грешките, како и од успесите, пишува „Форин полиси“.
При проценувањето на ефектите од сегашната пандемја, треба да се пристапи разумно. Коронавирусот е нов, а научниците уште се обидуваат да ја разберат неговата епидемиологија. Никој не знае колку долго ќе опстане ниту во какви облици би можел повторно да избие. Ниту пак, е јасно, дали вакцините ќе бидат ефективни и како ќе бидат дистрибуирани глобално.
Последиците и траењето на економските пореметувања кои пандемијата ги предизвикува уште се нејасни, но ефектите врз глобалната економија би можеле да бидат пролонгирани. Длабоката депресија би можела да има значителни политички полседици, но проценките за економското закрепнување се комплицирани поради зависноста на економиите од ефективноста на работниците, врз која влијае коронавирусот.
Познато мислење е дека претходните пандемии беа пресвртници за светот. Но треба да се избегне митот дека пандемиите секогаш се трансформативни историски пресвртници. Вториот мит кој може да ја опструира внимателната анализа е гледиштето според кое ковид-19 ќе означи крај на ерата на глобализацијата, која уследи по Втората светска војна. Третиот мит е ставот дека ковид-19 ќе претставува крај на либералната демократија и подем на доминацијата на авторитарниот политички модел, кој ќе може да наметне драконски мерки поврзани со тестирањето, карантинот и изолацијата. А четвртиот мит е мислењето дека пандемијата и пружа долгорочна предност на Кина над САД во стекнувањето на т.н. „мека моќ“.
Расчистувањето на овие митови, сепак, не докажува дека има висока веројатност за геополитички континуитет. Војните, падот на демократијата во одредени држави или друга уште посериозна пандемија би можеле да имаат значителни ефекти. Историјата е исполнета со погрешни проценки на политичарите и со изненадувањата. Таков пример е август 1914 година, кога светските сили очекуваа Трета балканска војна од која трупите ќе се вратат до Божиќ, а наместо тоа добија четири години на ужас кои доведоа до пропаѓањето на четири империи. Но, треба да се истакне оти не делува дека тековната пандемија може да предизвика сличен исход, се заклучува во анализата на американскиот магазин.