Намалувањето на добиточниот фонд во земјава е резултат на намалениот интерес за одгледување добиток, поради неконкурентното производство, скапата цена на чинење на храната за исхрана на животните, начинот на одгледување, увозот на месо по пониски цени
Добиточниот фонд во Македонија има тенденција на намалување, иако кај одредени видови животни има стагнација, сепак генерално нивните бројки се намалуваат. Анализите на Државниот завод за статистика покажуваат дека има намалување кај овците, свињите и живината, додека кај говедата бројот се одржува на некое слично ниво.
– Во 2017 година, бројот на овците бележи опаѓање и во однос на 2007 и во однос на 2012 година, додека бројот на говедата е во пораст и во однос на 2007 и во однос на 2012 година. Бројот на свињите, пак, варира од година на година. Производството на свинско месо е во пораст во 2017 година, споредено со претходните години, додека производството на другите видови месо е во опаѓање – наведуваат од ДЗС во публикацијата „Македонија во бројки, 2018“.
Од она што може да се забележи во нивните табели и графикони, иако расте производството на свинско месо, бројот на свињи во државата се намалува. Ако во 2007 година тие изнесувале 255 илјади грла, во 2012-та паднале на 177, за во 2017 повторно да се зголемат на 202 илјади грла. Кај овците има намалување од 818 илјади грла во 2007-та на 725 илјади грла избројани минатата година. Кај говедата бројот се одржува на слично ниво, додека кај живината имаме намалување.
Што се однесува, пак, до производството на месо, во секоја категорија има намалување, освен кај свинското, чие производство се зголемува.
– Намалувањето на добиточниот фонд во земјава, во согласност со укажувањата, многу веројатно е резултат на намалениот интерес за одгледување добиток, како резултат на неконкурентното производство поради поскапата цена на храната за исхрана на животните, начинот на одгледување, како и увозот на месо по пониски цени, а со подобар квалитет од домашното производство – велат од Стопанската комора на Македонија.
Од СКМ додаваат дека статистиката во светски рамки покажува дека процентуално потрошувачката на свинското месо е најголема.
– Интензивните вложувања во начинот на одгледувањето на свињите повеќе години резултира со производство што е конкурентно на пазарот и со подобрен квалитет. Ова доведува до зголемување на учеството на домашното производство на пазарот и намалување на учеството на увозното свинско месо. Фискалните мерки што се презедоа во однос на свинското месо резултираа со поголема конкурентност на производите од свинско месо – појаснуваат од комората.
Упатените во проблематиката укажуваат и на уште еден проблем поврзан со одгледувањето на стоката, а тоа е масовното иселување од руралните средини, особено на младата популација.
– Нема кој да одгледува стока, младите ја гледаат иднината надвор од руралните средини. Но и цените се ниски, па одгледувачите тешко ги покриваат трошоците за производство на млеко и млечни производи, како и на месо, поради што луѓето се демотивирани да одгледуваат стока – вели Петар Андонов од Агенцијата за поттикнување на земјоделството.
Тој посочува дека денес ретко кој од сопствениците на стока произведува и сточна храна, која ја набавуваат по многу високи цени. Смета дека на одгледувачите на стока треба да им се понуди државно земјиште што би го искористиле за производство на добиточна храна за да ги намалат трошоците.
Трендот на намалување на сточниот фонд би можел да се прекине со адекватни проекти за окрупнување, задржување и создавање поголеми фарми. За да продолжи традицијата и да се зачува производството, сточарите мора да применуваат нови мерки и технологии, велат упатените. Тие додаваат дека незаинтересираноста на младите за сточарство, односно намалувањето на нивниот број во селата, доведува до намалување на стоката, бидејќи нема кој да ја одгледува.