Клинички поболен и од пациентите (3)
По серијалот за лошите хигиенски услови на Клиничкиот центар и големиот број кучиња-скитници, нашиот весник се осврнува и на уште еден сериозен проблем, а тоа се сообраќајниот хаос и лошата паркинг-инфраструктура на најголемата државна болница
Комплексот на Клиничкиот центар во Скопје, во кој се вклучени и голем број други институции, како Министерството за здравство, Средното медицинско училиште и Медицинскиот факултет, веќе долги години има сериозни проблеми со паркирањето и со сообраќајниот метеж што секојдневно се создава. Често се случува поради големиот број непрописно паркирани возила и колони за влез и излез од и во комплексот, но и поради големиот број вработени и посетители на институциите лоцирани во комплексот, да се создава метеж што многупати претставува и сериозна закана за пациентите што се транспортираат со возилата на брзата помош. Големата фреквенција и динамика на движење на луѓето во и околу Клиничкиот центар не соодветствуваат со инфраструктурата што постои, на влезовите има големи колони од страната на улицата Мајка Тереза (поранешна Водњанска), а граѓаните се снаоѓаат на сите можни начини за паркинг за што побрзо да можат да ги побараат услугите во соодветните клиники. По комуналните проблеми на Клиничкиот центар, секако предмет на анализа треба да е секојдневниот сообраќаен хаос што се случува во најголемата државна болница.
Во минатото, како решение за паркирањето беа најавувани изградби на катни гаражи со поголем капацитет, но ништо не се случи од тоа. Исто така, сегашниот министер за здравство Венко Филипче најави и преместување на сегашниот Клинички центар во скопската населба Бардовци, но додека не се спроведе и започне да се работи на каков било проект, проблемите со метежот на сегашната локација остануваат.
Паркингот на Клиничкиот центар е под надлежност на јавното претпријатие „Градски паркинг“. Оттаму не добивме информации за тоа дали постојат некои нови планови и идеи за решавање на метежот и долгите колони за влез на рампите во комплексот, но знаеме дека доколку се пополни капацитетот на возила, граѓаните и сите оние што им е неопходен влезот на Клинички ќе мора да се снаоѓаат и да паркираат надвор од границите на предвидените паркинг-места.
Граѓаните што имаат потреба од услугите на Клиничкиот центар се комплетно револтирани поради ситуацијата со пристапот до медицинските установи и сметаат дека мора да се направи нешто за да се овозможат подобри услови за влез и излез од комплексот.
– Ситуацијата е многу лоша. Не се итни сите пациенти, но на пример оние што се упатени на Кардиологија за итна интервенција или преглед немаат многу време за губење во метежот кога станува збор за посериозни болести. Мора да се најде некакво решение за итните пациенти, но и за возилата што ги транспортираат да имаат директен пристап до влезовите на болниците – вели еден граѓанин пред Клиниката за инфективни болести.
Граѓаните, но и вработените во комплексот, имаат сериозни проблеми со паркирањето и метежите и често поради големиот метеж доцнат на своите работни места.
– Долги години работам во рамките на Клиничкиот центар и секоја година проблемот со паркингот и долгите колони на рампите е сѐ посериозен. Мора да се најде решение, пред сѐ за итните пациенти – вели докторка што работи во Клиничкиот центар.
Од Владата на Република Македонија на почетокот на оваа година информираа дека новиот Универзитетски клинички центар би бил готов за околу три години и неколку месеци, но за тоа време граѓаните ќе мора да се снаоѓаат за паркинг и влез во сегашниот Клинички и да се надеваат дека надлежните и одговорните за овие проблеми ќе успеат да најдат решение за оваа ситуација, која постои повеќе години. С.Р.