Двајца навивачи на Франција загинаа вчера вечер додека го славеле освојувањето на светската титула против Хрватска.

Во градот Анеси, навивач одлучи да ја прослави титулата со скокање во канал, но за жал, неговиот обид за нуркање заврши фатално. Тој го скршил вратот и починал на самото место. Во исто време, во Сен-Феликс, друг француски навивач удрил со својот автомобил во дрво и го загубил животот.

Повеќе од еден милион луѓе ја прославија титулата во Париз, па дури и избија немири, со кои полицијата мораше да се справува преку употреба на солзавец. Трговски центар на булеварот Елисејските полиња беше демолиран од десетици лица маскирани со качулки, кои краделе вино и други производи.

Франција на денот на финалето ангажирала повеќе од 110.000 припадници на силите за безбедност, кои биле распоредени низ целата земја. Во состојба на готовност биле 63.500 полицајци и 46.500 жандарми, како и 143 единици на специјалните полициски сили, од кои 86 на поширокото подрачје на Париз, кои притоа користеле гумени куршуми и водени топови.  Над 500 демонстранти биле уапсени.

Биле ангажирани и 44.000 пожарникари, како и екипи на брзата помош, а заради безбедност, во Париз биле затворени одредени метро-станици, како и сообраќајот околу Триумфалната капија, а Ајфеловата кула не била отворена за посетителите. Г.И.