Новата учебна година утре официјално започнува, со што 600 училишта ќе одржуваат настава со физичко присуство, а за останатите е достапно учење на далечина, истакна на прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа потенцираше дека оваа година ќе биде многу поразлична од другите бидејќи, како што рече, пандемијата предзвика тектонски промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Изрази благодарност до сите што помогнаа во организацијата за успешен старт и очекува соработката да продолжи и во периодот што следи.
Осврнувајќи се на Националната платформа, министерката рече дека вчерашниот тест на Тимс системот се покажал успешен и учениците ќе почнат да ја следат наставата согласно планот. Часовите ќе се одвиваат онлајн онака како што е планирано, додека продолжува оптимизацијата на останатите модули од самата платформа кои сé уште не се активни.
– Со задоволство можам да кажам дека ја завршивме успешно обуката на наставниците за користење на платформата. 1.600 наставници ги поминаа обуките од мастер тренерите и станаа училишни обучувачи. Тие понатаму ги обучуваа наставниците во сите училишта во државата. Најважно е што во секое училиште имаме училишни обучувачи кои вештините за работење на платформата ги пренесуваат на нивните колеги и ќе бидат нивна поддршка – нагласи Царовска, додавајќи дека колегите од ФИНКИ во текот на целата учебна година ќе бидат на располагање за наставниците, родителите и учениците, а со цел навремено надминување на евентуални предизвици од техничка природа.
Царовска се осврна и на, како што рече, едно од најгорливите прашања изминатите денови, а тоа е како децата кои немаат компјутери ќе ги следат предавањата, потенцирајќи дека на ниедно дете правото на образование нема да му биде ускратено.
– Сите деца кои немаат опрема, компјутери или од било кои причини не можат да следат настава онлајн, можат истата да ја следат од училница. Доколку пак не можат или родителите одлучиле да не одат во училница за сите ќе биде обезбеден потребниот печатен материјал за да учат дома. Овие ученици ќе бидат во постојана комуникација со наставниците, а сите предавања ќе може да ги следат и на телевизија како снимени часови“, рече министерката, додавајќи дека можеби ова не е најидеалното решение, но сепак овозможува опфат на сите ученици за редовно следење на наставата. Информираше и дека во околу 600 основни и средни училишта е дозволено да се организира настава со физичко присуство, од вкупно пристигнати 864 барања од страна на основачите – рече Царовска.
Посакувајќи им успех на сите ученици и наставници, Царовска апелираше сите да бидат трпеливи, истрајни и почитувајќи ги мерките за заштита од ковид-19, како што рече, заеднички да придонесеме за успешен старт и заокружување на новата учебна година.
На прес-конференцијата се обрати и заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани, кој рече дека пандемијата само го забрза процесот на модернизација на националниот образовен систем, во кој, прв чекор е дигиталната транзиција преку изработката на Националната платформа за далечинско учење. Шабани рече дека предизвици секако ќе има во новата учебна година, бидејќи се соочуваме со целосно нова состојба, но ќе се надминуваат тековно, за што, како што рече очекува соработка и разбирање од наставниците, учениците и родителите.
Во името на работниот тим задолжен за развој и имплементација на Националната платформа за учење на далечина, се обрати Александра Наќева Ружин која нагласи дека конципирањето и развојот на решение бил исклучително динамичен и комплексен процес, кој се спроведува во крајно лимитирани временски услови.
– Да се дизајнира и развие онлајн решение кое ќе биде функционално и стабилно, и имплементирано на унифициран начин од страна на 26.000 наставници при одржување настава на над 250.000 ученици,и тоа на различни наставни јазици, е исклучително комплексна задача, и неверојатно амбициозна земајќи ги во предвид кусите временски рокови. Но, со јасна цел, безпрекорен план, и пред се, одличен тим, за безмалку еден месец успеавме да развиеме и подготвиме за имплементација интегрирано решение за онлајн образование во сите, над 1.000 јавни основни и средни училишта, на територија на целата држава. Платформата ги зближи академијата и јавниот сектор, и е резултат на егземпларна соработка помеѓу Министерството за образование и наука и ФИНКИ, која треба да се развива и негува и понатаму – рече Наќева Ружин.
Продеканот на ФИНКИ проф. д-р Боро Јакимовски рече дека факултетот ја презеде одговорноста да ја подготви платформата, при што за неполн месец ја постави инфраструктурата којашто е основата за развој на платформата.
– Платформата тековно има околу 270 илјади корисници, на истата се креирани околу 150 илјади предмети и тековно до сега се имаат најавено околу 160 илјади корисници. Корисничките лозинки беа искреирани и дистрибуирани како за наставниците така и за учениците. Мајкрософт Тимс е делот којшто поактивно ќе се користи во претстојниот период со цел да се одржат онлајн предавањата, а платформата ќе ја ставиме на располагање преку која ќе бидат достапни материјалите како и тестовите и други содржини во електронска форма – истакна Јакимовски.
Народен правобранител: На училиште или од дома, образованието мора да му биде достапно на секое дете
Имајќи го предвид значењето на образованието за правилниот развој на детето и изградбата на неговата личност, народниот правобранител во пресрет на почетокот на новата учебна година потсетува дека училиштето несомнено е најважно место каде што децата стекнуваат знаења и вештини, место за нови пријателства, социјализирање, но и остварување на правата на детето.
Без оглед на тоа што пандемијата од ковид-19 на голем број деца ќе им ја ограничи оваа можност принудувајќи ги на образование, односно учење од далечина, Народниот правобранител укажува на обврската да се почитуваат децата, нивните права и да се преземат сите мерки со цел обезбедување на услови за непречено образование за секое дете, почитувајќи го најдобриот интерес на децата, заштитата на здравјето и нивната благосостојба.
Во училиште или од дома, образованието мора да му биде достапно на секое дете. Со оглед на фактот што оваа учебна година наставата за прв пат ќе се одвива на нов начин – со физичко присуство, а за најголем дел од учениците преку учење од далечина, Народниот правобранител укажува сите чинители, секој од свој аспект да ги преземат неопходните мерки за непречено одвивање на образовниот процес. Исто така, овој нов начин на спроведување на образовниот процес бара помош и поддршка на семејствата за надминување на евентуалните проблеми кои би го попречувале редовното следење на наставниот процес.
Од друга страна, надлежните, без исклучок треба да водат сметка дали направените адаптации во училиштето се соодветни и обезбедуваат заштита на децата од безбедносен и здравствен аспект. Народниот правобртанител апелира, доколку има потреба од дополнителни мерки (ресурси) и прилагодувања со цел функционирање на образовните установи во вакви услови, редовно и благовремено да ги известат основачите, а локалните самоуправи, заедно со Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат максимална поддршка, затоа што за безбедно, непречено и квалитетно образование на децата не треба да се штеди.
Почитувајќи го правото на избор на родителите и на децата од повисоките одделенија и класови за начинот на образование во оваа учебна година, Народниот правобранител потсетува да не се занемари фактот дека состојбата со коронавирусот се уште не е надмината. Тоа нѐ обврзува будно да се следи начинот на примена на мерките и протоколите, посебно заради заштита на најранливите групи – децата со попреченост и оние со здравствени проблеми.
Народниот правобранител укажува дека покрај децата, поддршка им е потребна и на родителите на учениците, и во таа насока мора да се воспостави и одржува ефикасна и кооперативна комуникација со училиштето.
Следењето настава во училиште со почитување на епидемиолошките мерки несомнено од сите ќе бара трпеливост, поради што Народниот правобранител ги повикува родителите да ги следат упатствата на училиштето и да се почитуваат мерките и протоколите од страна на сите, а евентуалните проблеми да се решаваат во соработка со наставниците, односно со училиштето и другите субјекти одговорни за образовниот процес.
Народниот правобранител во оваа прилика укажува и на важноста на улогата на медиумите и нивно објективно информирање, со што ќе придонесат новиот начин на образование да ги даде очекуваните резултати во насока на заштита на правата и најдобриот интерес на детето.
Народниот правобранител на сите ученици, родители и наставници им посакува успешн учебна година, посебно на првачињата кои за првпат ќе го пречекорат училишниот праг, апелирајќи до семејствата, наставниците и сите други да помогнат учебната година да ја започнат во добро расположение, со чувство на безбедност и обезбедена поддршка за справување со новите предизвици, потсетувајќи, притоа дека институцијата Народен правобранител е секогаш достапна за заштита на нивните права.
Царовска: Онлајн-наставата не е нечиј хир, туку препорака од експерти
По се погласните најави за бојкот на онлајн наставата во школите во кои не е дозволено физичко присуство, министерката за образование Мила Царовска вели дека сега е моментот кога сите треба да покажеме грижа не само за нас, за нашите деца туку и за јавното здравје.
– Деновиве гледам родители и родителски совети кои најавуваат бојкот на онлајн наставата. Бараат настава со физичко присуство. Јас тоа го разбирам. Тие навистина имаат ризици и не може да се спореди наставата со физичко присуство и онлајн наставата, но сите ние овој пат треба да покажеме дека се грижиме не само за нашето здравје и за здравјето на нашите деца туку дека се грижиме и за јавното здравје. Оние кои се експерти одлучиле дека не треба да се даде физичко присуство заради епидемиолошката состојба во таа општина или за бројот ученици кои треба да влезат и излезат од еден објект. Со тоа се зголемува ризикот од пренос на ковид-19 – објасни министерката Царовска.
Таа потсети дека изминатиот период состојбата со ковид-19 била контролирана поради почитувањето на насоките од експертите и апелираше на тој начин да се продолжи со одговорно однесување кон она што го кажуваат.
– Ова не е време кога нашите желби може да се земат предвид, ниту, пак, е нечиј хир некаде да се пушти, некаде да не се пушти настава со физичко присуство. Станува збор за препорака од експерти. Важно е сите ние да го почитуваме она што како одлука е донесено од експерти и повторувам, не станува збор за желби, станува збор за состојба со која сите ние заедно треба да се носиме и да излеземе од нејзе посилни – рече министерката.
Таа вчера апелираше родителите, директорите на школите и градоначалниците на општините во кои има најави за бојкот на онлајн наставата да седнат и да најдат решенија на проблемите оти бојкотот не носи ништо добро за децата.