Првиот аудиоводич за археолошки локалитет во Република Македонија од завчера започна да се употребува на Стоби, а е изработен од истоимената Национална установа за управување со археолошкиот локалитет, во соработка со софтверската компанија „Г6 солушнс“ од Скопје.
– Во чекор со најсовремените пристапи за управување со посетители при посета на археолошки локалитет, овој аудиоводич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин – вели Мишко Тутковски, в.д. директорот на НУ „Стоби“.
Тој потсетува дека овој археолошки локалитет е една од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на неговите посетители, освен туристичкиот водич, кој им е на располагање, отсега ќе може да се користи и мобилната апликација Stobi audio guide, која е достапна за оперативните системи Андроид и ИОС, на македонски и на англиски јазик. Апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите што се во состав на локалитетот Стоби, негов краток историјат и насоки за движење во согласност со неговиот историски наратив.
– Посетителите може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот, каде што е обезбеден и слободен интернет-пристап – истакна в.д. директорот Тутковски, кој е и еден од авторите на текстовите за водичот, заедно со дел од вработените во НУ„Стоби“: Димитар Николовски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска.
Преводот на англиски е на Димитар Николовски, а лектурата на англиски јазик на Керолин Снајвли. Наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а на англиски јазик Димитар Николовски.