Речиси секоја недела излегуваат нови извештаи за страдањата на приближно 13.500 приведени странски борци на ИСИС и членови на нивните семејства, вклучувајќи илјадници жени и деца, во Ал-Хол и другите бегалски кампови во североисточна Сирија. Иако еден дел од 60-те држави што имаат државјани во овие кампови ги зголеми напорите за да ги врати дома своите граѓани, многу од нив одбија да ги репатрираат за да ги соочат со правдата или повторно да ги интегрираат во нивните природни заедници. Засега сеопфатното решение за овој сериозен проблем останува невозможно, како што на својата последна виртуелна конференција во јуни потврдија во своето службено соопштение членовите на Глобалната коалиција против ИСИС. Нерешливоста на овој проблем дополнително беше нагласена кога САД ставија вето на нацрт-резолуцијата пред Советот за безбедност на ОН, чија намена беше справување со ова прашање. За разлика од сите други членки, Македонија презеде конкретни чекори за рехабилитација и реинтеграција на борците на ИСИС и членовите на нивните семејства
Проблемот на репатријација и реинтеграција на семејствата на борците од ИСИС како повод
Една од најмалите (според население) членки на Глобалната коалиција, Македонија, презеде сериозна акција. Во таа насока, парламентот неодамна усвои сеопфатен план за рехабилитација и реинтеграција на целокупното општество, како дел од обидот за враќање дома на своите четириесетина граѓани (главно жени и деца) што се сместени во камповите за бегалци. Овој план, финансиски, политички и технички поддржан од меѓународната заедница, опфаќа и престапници поврзани и со дела на тероризам, кои наскоро би требало да бидат ослободени од затвор. Имајќи ги предвид напорите слични на оние од страна на други држави, вклучувајќи ги и оние од Централна Азија, кои настојуваат да ги вратат дома сите свои граѓани, иницијативата на Македонија би можела да стане модел за остатокот од западните земји.
Која е причината Македонија
да влезе во костец со овој проблем?
Македонија ѝ обрнува посебно внимание на оваа проблематика од повеќе причини. Прво, меѓународните партнери се подготвени да ги транспортираат нејзините граѓани од камповите до дома, како и да помогнат во собирањето воени докази, овозможувајќи на тој начин полесно судско гонење на оние што сториле кривично дело. Второ, одреден број осудени терористи треба да ги комплетираат своите релативно кратки затворски казни (помеѓу три, пет и шест години), а на Македонија, која кубури со своите ограничени средства за нивна реинклузија во општеството, и онака ѝ требаше план за дејствување. Трето, оваа држава е под влијание на некои од нејзините балкански соседи, како Косово и Босна и Херцеговина, кои досега имаат вратено многу свои државјани од бегалските кампови. И конечно, 83 од 156 македонски граѓани што патуваа во Сирија и во Ирак веќе се вратени дома, при што беа внимателно следени од страна на безбедносните служби, така што можната закана од нив би требало успешно да се држи под контрола во периодот што следува. Меѓутоа, ова се случи без постоење на систематски воспоставени програми за процена и фокусирање врз ризиците и потребите на повратниците, на начин што со сигурност би ја намалил можноста за рецидиви на ситуацијата.
Македонија прва разработи сериозен план!
Македонија е меѓу првите држави што разработија национална рамка, именувана „Целокупно општество“, поткрепена со еден мултидисциплинарен пристап кон наоѓањето решенија за комплексните ризици и за потребите на оние што се враќаат дома преку процесот на репатријација, наведува американскиот онлајн-магазин „Џаст секјурити“.
Планот што имавме можност да го разгледаме за време на процесот на подготовка е навистина препорачлив од многу гледни точки.
– Прво, планот вклучува повеќе институции и чинители што се потребни за успех, имајќи ја предвид сложената динамика со која се опфатени повратниците и општеството во кое се враќаат. На пример, планот се фокусира на улогата и одговорностите на одредени национални институции, почнувајќи од разузнавачките агенции до здравствените власти, кои преземаат функции како што се: утврдување дали постојат доволно докази за кривично гонење повратник, процена на нивото на ризик што лицето го претставува, евалуација на неговите здравствени потреби и сл. Врз основа на сите собрани информации, се одредува неопходната комбинација од судско гонење, советување, социјална поддршка и други услуги. Главен фокус во планот на Македонија е ставен на создавањето мултидисциплинарни тимови, базирани според моделите од програмите на Канада, Данска, Холандија и Велика Британија. Еден тим работи на национално ниво за надгледување на планот и координирање на институциите и другите инволвирани чинители, додека другите работат на општинско ниво, со мобилни екипи за поддршка, кои ги обезбедуваат дополнителните потребни капацитети.
– Втората добра карактеристика на овој план лежи во фактот што тој ја истакнува експлицитната улога на граѓанското општество. Со оглед на тоа што не се дел од Владата, граѓанските организации понекогаш уживаат повисоко ниво на доверба и пристап до поединци и заедници што се под ударот на насилниот екстремизам. Ова, пак, од своја страна, овозможува непрекинат ангажман за доброто на поединецот и пошироката заедница.
– Третата одлика на планот што ветува успех е токму неговото распознавање на реалните состојби и фактот дека психосоцијалните потреби на повратниците – особено на децата – се од највитално значење. Овде се мисли на деца со доцнење во развојот, или на деца и мајки со ментални проблеми, како на пример посттрауматско стресно нарушување, анксиозност или депресија, кои може да настанат како последица од долгогодишен престој во зона на конфликт.
Имајќи го предвид сето ова, планот фрла акцент врз клучната улога на училишните психолози, кои работат по инструкции на Министерството за образование и наука, социјалните работници од центрите за социјална работа низ државата, како и психијатрите и другите здравствени работници во Министерството за здравство. Планот предвидува нивен ангажман во процената на статусот на повратниците, идентификување на знаците за нивна можна радикализација и, на крајот, изведување соодветно приспособени интервенции и други видови поддршка, за успешно решавање на настанатите проблеми. Дополнително, овој план поседува и други ветувачки обележја, кои вклучуваат признавање на неопходноста од креирање програми приспособени кон уникатните потреби на жените и децата, како и силен императив за тековно следење и процена на акциската програма.
И покрај добриот план, предизвиците и заканите се реални
Напорите за реинтеграција на Македонија се соочени барем со три предизвици.
– Првиот предизвик се однесува на капацитетот на институциите и професионалците што се неопходни за имплементација на самиот план. На пример, според извештајот на ОБСЕ, „свеста кај вработените во оној дел од јавниот сектор што нема врска со безбедносни аспекти, за тоа како да се препознаат ризиците и ранливоста во однос на насилниот екстремизам (а камоли справувањето со нив), засега е многу ограничена.“ За таа цел ќе треба да се посвети особено внимание во смисла на „посебна обука на овие службеници, вклучувајќи ги училиштата и службите за социјална заштита и психосоцијална грижа, како и добро планиран развој на протоколи за постапување во вакви случаи.“ Понатаму, со оглед на големата траума и маките што повратниците (особено децата) ги доживуваат во зоната на конфликтот, професионалните лица за психосоцијална грижа имаат потреба од обука за справување со погодените поединци, земајќи притоа предвид фактори како што се стигматизацијата, чувството за припадност и изолираноста во заедницата, кои може лошо да влијаат врз успешната рехабилитација и реинтеграција. Голем број владини институции имаат недоволно кадровски капацитети, каде што вработените веќе се преуморни од многубројните обврски. Оттука, покрај специјализирана обука за постојниот персонал, потребни се и дополнителни средства за регрутирање нови службеници.
– Вториот, тесно поврзан со првиот предизвик, е обезбедување соработка помеѓу извршните и неизвршните органи и институции. Ова ќе изискува заемно препознавање на придобивките од соработката, зајакнување на меѓусебната доверба и обучување на службениците од централната и локалната власт за начинот на структурирање и операционализирање на мултидисциплинарните тимови предвидени во рамките на планот.
– Третиот предизвик вклучува еден вид гаранција дека планот нема да се фокусира само на повратниците. Овде предмет на внимание се и лицата што не патувале во Ирак или во Сирија, но, сепак, се изложени на ризик од засилена радикализација. Доколку не се направат напори овие лица да се оттргнат од можноста за насилство, тие во голема мера може да го нарушат целокупниот процес на реинтеграција. Освен сето ова, планот треба да ја опфати и домашната заедница, препознавајќи ја клучната улога што семејствата, училиштата, локалните бизниси и групите во заедницата ја играат во текот на ресоцијализацијата.
Потребно е активно да се дејствува во однос на намалување на стигмата, која често ги „жигосува“ повратниците и членовите на нивните семејства, како и другите лица, од кои се бара да го поддржат и потпомогнат нивното повторно вклучување во заедницата. Така, на пример, на наставниците би требало да им биде овозможено да добијат бенефиција од плански утврдените активности за психосоцијална поддршка.
На поширок план, Македонија ќе треба да даде приоритет на издигнување на свеста во однос на повратниците во заедницата, како и во однос на нивните ризици, потреби и емоционална ранливост. Потребна е сериозна битка против стигмата во училиштата за да се спречи врсничкото насилство, кое претставува голема пречка за образовната поддршка, но исто така и во работните средини, заради навремено спречување на дискриминацијата. Во контекст на претходно кажаното, власта треба да внимава – таа не смее да остави впечаток дека им дава поголема предност (особено кога се работи за домување и можности за вработување) на повратниците одошто на лојалните граѓани што ги почитуваат законите и останале дома, бидејќи тоа може да креира незадоволство кај населението, кое може да се почувствува обесправено. Ризикот од појава на вакви ситуации се зголемува доколку одредени заедници сметаат дека Владата не реагирала доволно квалитетно во задоволувањето на нивните материјални, образовни или психосоцијални потреби.
Владата на Македонија заслужува признание за својата амбициозна и добро замислена програма за реинтеграција. Иако земјите-членки на Глобалната коалиција против ИСИС, исто како и членките на Советот за безбедност, се поделени во однос на дилемата дали да ги репатрираат своите сопствени граѓани, тие треба да помогнат во активностите на Меѓуагенциската работна група (формирана во Скопје), меѓу кои најважни се: надгледување во спроведувањето на програмата и обезбедување ресурси и алатки за реализација на моделот. Конечно, ова нема да биде корисно само за Македонија и нејзините граѓани што се враќаат дома, туку ќе помогне и да се поплочи патот за другите држави, кои тековно се соочуваат со предизвикот наречен „реинтеграција на борците повратници и членовите на нивните семејства“.
Ерик Росанд, Хајди Елис и Стивен Вејн за „Џаст секјурити“