Добра практика е жртвувањето на вечерните часови во служба на работата и мирно сработување на задачите, ама истото тоа исцрпува на долг рок. Важно е и да се спомене неможноста да се надградуваш, усовршуваш во домашни услови, што има големо влијание за развојот на кариерата. И последно, но не и најмалку важно, пиењето кафе со колегите на работа и смеата го прават животот поубав, смета Дијана Насева, советничка за квалитет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

КОЛКУ Е ЕФИКАСНО ИЗВРШУВАЊЕТО НА ОБВРСКИТЕ ОД ДОМА?

Колку работата од дома во последниве шест месец се покажа како ефикасен начин на извршување на обврските? Иако во почетокот на епидемијата беше пофалена, работата од дома со текот на времето ги покажа своите мани – колегите се отуѓуваат, а нововработените не се идентификуваат со фирмата за која работат. Пред половина година вработени во многу компании низ светот го исклучија светлото во своите канцеларии и почнаа да прават нешто неверојатно – ги завршуваа своите обврски од дома, и тоа без грешки. Шефовите останаа без зборови од фактот колку нивните работници добро работат од далечина, и тоа често жонглирајќи со работата, грижата за децата, приготвувањето оброци и извршувањето други домашни работи.
„Фејсбук“ и „Твитер“ беа првите компании што најавија дека трајно ќе ја прифатат работата на далечина, а некои имаа идеја и трајно да ги напуштат своите канцеларии.
Пандемијата ја преобликува работата во последните шест месеци. Затоа, работата од дома ги покажа своите пукнатини: работодавците признаваат дека се случува проектите да ги пробиваат зададените рокови, дека е речиси невозможно на далечина да се спроведе обука на кадрите, колегите меѓусебно се отуѓуваат.

Еден од можеби најголемите проблеми на кои укажуваат вработените во т.н. човечки ресурси е бавниот напредок на младите работници. Ковид-19 ги оддалечил младите колеги од оние со подолг работен стаж, пренесува „Политика“.
Дали има мани работата од дома? Дали луѓето се попродуктивни на работното место или од дома, што покажува искуството? За ова поразговаравме со Дијана Насева, советничка за квалитет на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
– Ако во почетокот на пандемијата на ковид-19 еуфорично пристапивме кон моделот работа од дома, со текот на месеците поминати и сѐ уште неизвесноста за нејзиното привршување, слободно можам да кажам дека е доста веќе, си го сакам животот назад. Си го сакам, ама нема. Продолжуваме понатаму со хибриден модел на образование и работа, што вели, претежно онлајн, по потреба и физичко присуство во мали работни групи. Овој модел универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип го стартуваше многу успешно уште со самиот почеток на оваа состојба, благодарение на тоа што е-алатките и платформите за е-учење беа развиени многу претходно, да не речам уште од самото основање на универзитетот во Штип.

По месеци поминати, би рекла дека овој модел има недостатоци од типот на социјална интеракција, како и левтерно пробивање на рокови, ајде подоцна, ајде утре и ти поминала седмицата. Работата во групи, гласното размислување, предлагањето повеќе можности, избирањето на најдобрата опција и креативноста во работата, за жал, не може да се постигнат од дома – смета Насева.
Таа вели дека работата е двигател на човекот, бидејќи го поместува од комфорноста на домот, му ги поместува границите на можење и умеење, му дава нови димензии на творењето.
– Дефинитивно продуктивноста на работното место е поголема во споредба со таа од дома. Особено за жена, мајка, па уште и работничка од дома. Самиот факт што сите функции претрпуваат влијание една од друга и неможноста да се издиференцираат, носи и фрустрации на сите чинители во домот. Добра практика е жртвувањето на вечерните часови во служба на работата и мирното сработување на задачите, ама истото тоа исцрпува на долг рок. Важно е и да се спомене неможноста да се надградуваш, усовршуваш во домашни услови, што има големо влијание за развојот на кариерата и последно, но не и најмалку важно, пиењето кафе со колегите и смеата го прават животот поубав – додава Дијана.

Многумина вработени немаат услови топлиот и семеен дом да го претворат во плодоносен и работен простор. Така, работодавците често се среќавале и со проблеми нивни вработени да немаат услови за работа од дома. На пример, имаат деца или немаат доволно простор физички да се одвојат од другите членови во домот. Дури ни иновативните компании нема да се одречат од своите канцеларии, затоа што и тие мораат да се занимаваат со административни работи, во кои спаѓаат голем број доверливи информации.
– Многумина сфатија дека е погрешно и дека е веќе невозможно да се раководат по капиталистичкиот принцип – намалување на трошоците каде што може да се заштеди и така да се затвораат канцелариите. Сега ги испитуваат своите модели на работење. На пример, соработувавме со корпорации што беа мошне сомничави кога станува збор за работа од далечина, па сфатија дека тоа сепак не е неизводливо. Некои од нив имаат идеја во текот на месецот да одредат број на флексибилни денови во текот на кои вработените можат да работат и надвор од просториите на фирмата. Но оние што беа либерални, не мислат дека работата на далечина ќе биде долгорочно решение. Како причина се наведува фактот дека на луѓето им треба социјална интеракција – вели Марко Раденковиќ, основач на белградска компанија за изнајмување работен простор, пренесува „Политика“.