ЛГ го претстави „винг“ со два ротирачки екрани
ЛГ официјално го претстави својот паметен телефон наречен „винг“ со два екрани и ротирачки механизам, а цената сè уште е мистерија. Станува збор за првиот уред под брендот „Експлорер проџект“.
Паметниот телефон има два ОЛЕД-панели, првиот е стандарден 6,8-инчен главен екран без рабови, а подолу е 3,9-инчниот панел. Наместо отворање, уредот има ротирачки механизам. Помалиот екран се користи како дополнителен „прозорец“ за употреба на друга апликација или за дополнителна функционалност.
ЛГ го замислил користењето на вториот екран за контрола на камерата, додека главниот се користи за непречено видно поле. По завртувањето, главниот екран може да се користи и како тастатура за одговарање на пораки прикажани на помалиот екран. Екраните може да се користат во комбинација за играње игри и стриминг или на пример да се прелистува по социјалните мрежи додека се гледа фудбалски натпревар.
Со оглед на постоењето на споменатиот механизам, се поставува прашањето колку ќе биде издржлив.
Патем, паметниот телефон има процесор Снепдрагон 765Г на „Куалком“, со интегриран модем X52 за поддршка од 5Г, 8 ГБ РАМ, 256 ГБ внатрешна меморија, батерија од 4.000 мАх, сензор за отпечатоци вграден во екранот, а исто така поддржува и безжично полнење. Најголемиот недостиг е тоа што не е отпорен на вода. Уредот тежи 260 грама, а е дебел нешто повеќе од 2,5 сантиметри.