Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во првото квалификациско коло, Швајцарците во два наврата славеа над хрватскиот тим Дубрава (27-25 и 28-19), а металурзите, пак, во првото коло беа подобри од хрватска Спачва со вкупен резултат 60-57

Швајцарскиот тим Криенс Луцерн ќе биде последната пречка за ракометарите на Металург за пласман во групната фаза од новоформираната Лига на Европа. Во првото квалификациско коло, Швајцарците во два наврата славеа над хрватскиот тим Дубрава (27-25 и 28-19), а металурзите, пак, во првото коло беа подобри од хрватска Спачва со вкупен резултат 60-57.
– Тимовите на Луцерн и на Винтертур ни беа едни од посакуваните противници пред ждрепката за второто квалификациско коло и задоволен сум што и овој пат имавме среќа и добивме противник по наша мера. Моментално, освен резултатите од првото коло, немаме други информации за противникот, но веќе од утре ќе започнеме со детална анализа на нивната игра – изјави тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, по добивањето на противникот.

Според Кастратовиќ, клучот за пласман во главната фаза од натпреварувањето лежи во максимално борбен и одговорен пристап во двата меча и да не се дозволи кикс како во Винковци.
– Мора и во двата меча да влеземе максимално борбени и концентрирани и да не си дозволиме падови во играта, како што ни се случија со Спачва. Имаме две седмици да ги коригираме недостатоците на нашата игра за подготвени да ги дочекаме дуелите. Верувам дека имаме квалитетен и искусен тим што може да се избори и со овој предизвик – смета Кастратовиќ.
Според клубската историја на Криенс Луцерн, најголем успех досега на швајцарскиот состав на европска сцена е пласман во второто квалификациско коло од Купот на ЕХФ во сезоните 2014/2015 и 2017/2018, а во 2011/2012 стигнале до четврт-финалето на Челинџ-купот.

Составот на Луцерн го предводи хрватскиот стратег Горан Перковац, чиј тим е составен од 10 Швајцарци, тројца Словенци, меѓу кои и поранешниот член на Металург и Татран Прешов, Јануш Лапајне, и по еден Хрват, Полјак, Белорусин и Чех. Најефикасни во составот во мечевите од првото квалификациско коло беа белорускиот лев бек Хлеб Харбус со 11 гола, седум постигна младиот Швајцарец 19-годишниот Тим Релстаб, а по пет реализираа левите крила Левин Ванер и Адриан Блатер, десното крило Амар Идризи и десниот бек, Словенецот Јернеј Папеж. Лапаје беше стрелец на пет гола.
Металург ќе биде домаќин во првиот меч, кој ќе се игра на 22 септември, а реваншот е за седум дена во Луцерн. Севкупниот победник по двата меча ќе се пласира во групната фаза на ЛЕ.


Двојки 2. коло, Лига Европа

Силкеборг (Данска) – ЦСКА Москва (Русија)
ГОГ (Данска) – Винтертур (Швајцарија)
Бенидорм (Шпанија) – Фиверс (Aвстрија)
Скјерн (Данска)- Монпелје (Франција)
Фуксе Берлин (Германија) – Ѓенѓеш (Унгарија)
Металург (Македонија) – Луцерн (Швајцарија)
Азоти Пулави (Полска) – Кристијанстад (Шведска)
Холстебро (Данска) – Левен (Геранија)
Бидасоа Ирун (Шпанија) – Нексе (Хрватска)
Турда (Романија) – Тулуз (Франција)
Констанца (Романија) – Спортинг (Португалија)
Тримо (Словенија) – Балатонфуреди (Унгарија)