Американскиот претседател Доналд Трамп е државник со најмногу следбеници на Твитер, пред папата Франциск и индискиот премиер Нарендра Моди, се наведува во годишниот извештај на „Твипломаси“ на консултанската куќа БЦВ.
Трамп во октомври минатата година го претекна папата и сега е на водечкото место на таа листа со 52 милиона следбеници. Папата има 47 милиони.
Индискиот премиер Моди со 42 милиона следбеници е трет на листата.
Во Европа на Твитер најдобро котира британската премиерка Тереза Меј со пет милиона следбеници, па францускиот претседател Емануел Макрон со три милиони.
Јорданската кралица Раниа има десет милиони следбеници, што е најмногу меѓу државниците и политичарите во арапскиот свет.
Владите на само шест земји во светот немаат никаква застапеност на таа социјална мрежа – Лаос, Мавританија, Никарагва, Северна Кореја, Свазиленд и Туркменистан.