Мандатарот Заев најави дека новата влада ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26 министри и премиер. Бројот на ресорите ќе биде намален за седум министри. Но истовремено се најавува и засилување на секретаријатите и на директоратите во рамките на власта. Што практично значи тоа
НАЈАВЕНОТО КРАТЕЊЕ И РАЦИОНАЛИЗАЦИЈА НА РЕСОРИТЕ КАКО ПОВОД
Македонија е во очекување да ја добие новата влада, која, според најавите на мандатарот Зоран Заев, треба да има најмалку членови, односно ќе ги нема министрите без ресори, но ќе има зајакнати владини институции како секретаријати и директорати, кои ќе треба да бидат реформирани.
Мандатарот посочи дека новата влада ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26 министри и премиер. Бројот на ресорите ќе биде намален за седум министри. Тоа значи дека ќе бидат укинати министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, министерот без ресор задолжен за дијаспора, министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.
Сите овие министерски места се укинуваат со што се прави и рационализација на ресорите.
– Кадровските промени се такви. Министерот без ресор е член на владиниот кабинет со исто право за глас и одлука. Имавме гломазен кабинет, а притоа самите министри без ресор имаат по тројца луѓе во кабинетот. Во рамките на Владата, постојат на располагање стручни служби, кои ќе ги создадеме секретаријати и дирекции по 10 или 20 луѓе. Некои агенции треба да се соберат во една, со што ќе се дадат посериозни административни капацитети. Тоа не значи дека ќе создадеме седум секретаријати – посочи Заев.
Но дали во практика ова ќе значи и административна функционална реформа и помала и поефикасна влада и дали оваа најава е и суштинско намалување на членовите во Владата, или само политички потег што во основа нема да смени ништо, туку напротив за укинати седум министри без ресори, да добиеме нови секретаријати и директорати со нови вработувања од постојните секретаријати за кои се најавува нивно јакнење?
Експертите од оваа област велат дека Македонија е зрела за суштинска административна реформа на институциите, но не по политички концепт, туку по концепт на модерна мала функционална држава.
За да се направи тоа мора да се изгради пристап заснован на европски искуства.
Експертите велат дека мора да се направат драстични резови во бројот на министерства, секретаријати, пратеници, администрација, но и анализи на досегашното нивно функционирање.
Во јавноста се отвораат дилемите дали новиот концепт на Владата што го најави мандатарот Заев е суштинско или само привидно реформирање? Дали укинатите министерства без ресор ќе значат помалку или, пак, повеќе членови и вработени во владините институции?
Експертите се согласни дека администрацијата има потреба од департизација, зголемување на ефикасноста, намалување на големиот број вработени и бројот на институциите, но да има брзи, ефикасни и квалитетни услуги.
Сепак, изразуваат скептичност дека со укинувањата на министрите без ресор би се сменила функционалноста на институциите во Владата, зашто сметаат дека на тој начин целта не е постигната и не се прават драстични реформи, кои во овој домен се неопходни.
Аналитичарот Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка смета дека треба да се укинат цели министерства, зашто држава како Македонија не треба да има толкав број институции. Според него, доволно би биле 10 министерства за работа на државниот систем.
– Генерално треба да се тргне во реформа на јавна администрација, не знам ни до кај е стигната таа, зашто не е јасно и што требаше да биде реформата. Таа функционална анализа што се правеше требаше да укаже во кои институции има преклопување на надлежностите, а што недостига. Во Словенија на пример има 14 министерства – посочува Кржаловски.
Според него, треба да се направи радикално кратење во администрацијата и во институциите. А треба да се примени и естонскиот пример за дигитализација на администрацијата, односно да нема повеќедневно чекање по шалтери.
– Има пренатрупаност во администрацијата и во министерствата, но и во бројот на парламентарци. Бугарија од 250 пратеници размислува на нивно кратење на 120. Во Словенија има 80 пратеници. На нас не ни требаат 120 пратеници, зашто и извештаите покажуваат дека една третина од нив не се многу активни – нагласува аналитичарот.
За таа цел, најавената реформа на Заев треба да има драстично кратење, зашто трансформација на институциите не е решение.
Најавено е дека ќе се укинат министрите без ресор, а дали ќе се јакнат секретаријатите во Влада. Што ќе значи тоа? Дали ова може да се толкува како правење министерства од секретаријатите? Ќе има ли тоа поголем ефект или не во професионалноста и функционалноста на Владата?
Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет вели дека со најавите дека ќе се укинуваат ресорните министерства само се разводнува работата во насока на правење функционални институции и функционална администрација.
– Прво не се укинуваат цели министерства, кои сега ги има 16 на број. Сега само нема да се изберат министри без ресор, кои и така никаде не се предвидени, тие се избираат поради коалициските партнери. Во случај да се пренаменат во секретаријати, исто така нема промена на состојбата. А и треба да се смени Законот за организација и органи на управа со двотретинско мнозинство, но не сум сигурен дека тоа толку брзо ќе оди – посочува Давитковски.
Според него, треба да се направи рационализација, да се види дали има дуплирање на надлежностите во одредени министерства.
– Треба функционална анализа, да се разграничат надлежностите и тогаш ќе се види кое министерство е вишок и да се оди на фаза намалување на администрација – нагласува Давитковски.
Според него, најголемиот проблем ќе се случи кога ќе почнеме преговори со Европската Унија.
Во јавната администрација има вкупно 160 илјади вработени. Од нив околу 18 илјади се вработени во државната администрација, односно во министерствата и во локалната самоуправа.
Според експертите, реформите во администрацијата не се случиле досега зашто ниту една владина гарнитура немала политичка волја. Останува да видиме како ќе биде овој пат.