Западните новински агенции во извештаите за воениот удар во Мали јавуваат дека сѐ уште никој официјално не ја презел одговорноста, но се претпоставува дека тоа го извршиле одметнати членови на вооружените сили во земјата, кои се под раководство на опозициските сили
Сѐ уште не е јасно кој стои зад групата војници, кои во западноафриканската држава Мали завчера извршија воен удар поради кој претседателот на земјата, Ибрахим Бубакар Кеита, беше принуден да поднесе оставка откако претходно беше уапсен од побунетите армиски лица. Западните новински агенции во извештаите за случувањата во земјата јавуваат дека сѐ уште никој официјално не ја презел одговорноста за државниот удар во земјата, но се претпоставува дека тоа го извршиле одметнати членови на вооружените сили во земјата, кои се под раководство на опозициските сили во Мали, кои, пак, се незадоволни од раководството на претседателот Кеита и премиерот Бубу Сисе, кој исто така беше уапсен во вторникот.
Имено, како што јави Би-би-си, група офицери од редовите на армијата извршиле побуна во базата кај главниот град Бамако, лишувајќи ги Бубакар и Сисе од слобода, како и некои други службени лица. До востанието дошло откако во земјата неколку месеци имало политичката криза, а активистите на опозицијата во неколку наврати го обвинувале претседателот Кеита за економскиот пад во државата, но и за лошата безбедност на граѓаните во Мали. За време на телевизиско обраќање, кое се случило непосредно пред неговото лишување од слобода, претседателот Кеита најавил дека тој ќе ги распушти Владата и парламентот.
– Не сакам да се пролее крв за да останам на власт. Ако денеска одредени елементи на нашите вооружени сили сакаат ова да заврши со нивна интервенција, дали воопшто имам избор? – изјавил Кеита на телевизиското обраќање, кое, како што рече тој, е направено од воена база крај главниот град на земјата Бамако.
Претходно, Владата од бунтовничките војници побарала да го „спуштат оружјето“, ветувајќи дека е подготвена со бунтовниците да влезе во „братски дијалог за да се решат недоразбирањата“. Побуната, како што пренесе АП, покажува одредено количество фрустрација што може да има легитимни причини.
Поранешната колонијална сила Франција вчера веднаш ја осуди побуната што избувна во клучна воена база, на 15 километри од главниот град. Претседателот Емануел Макрон разговараше за кризата што избувна во Мали со претседателите на Нигерија, Брегот на Слоновата Коска и на Сенегал и изрази „целосна поддршка за напорите за посредување на земјите од западна Африка“.
Во меѓувреме воениот удар во Мали веќе го осудија и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и шефот на европската дипломатија Јосеп Борел. Гутереш повика на итно обновување на уставниот поредок и правната држава во Мали, додека Борел во изјавата рече дека „ЕУ го осудува обидот за државен удар во Мали и отфрла каква било неуставна промена“.
– Ова во никој случај не може да биде одговор на длабоката социјална и политичка криза со која Мали се соочува со месеци – изјави Борел
Исто така, реагираше и Економскиот совет на западноафриканските земји (ЕКОВАС), барајќи ослободување на претседателот и на премиерот на Мали или во спротивно ќе преземе итни мерки против Мали, вклучувајќи и затворање на границите. ЕКОВАС најави видеоконференција на која ќе се разговара за ситуацијата во Мали.
Истовремено ЕКОВАС категорично одбива да признае каков било легитимитет на пучистите и бара итно враќање на уставниот поредок, објави Си-ен-ен.
Инаку, Мали е поранешна француска колонија, која во 1960 година доби независност. Тензиите често ја нарушуваат стабилноста во земјата, а во 2013 година во оваа западноафиканска земја дури имаше и обид за сецесија на северниот дел наречен Азавад.
Актуелниот претседател Кеита освои втор претседателски мандат на изборите во 2018 година. Оттогаш во земјата владее незадоволство поради корупцијата, лошото водење на економијата, но и влошената безбедносна ситуација со соседите. Француската армија во таа насока честопати испраќа свои сили во земјата како помош на Владата на Мали во справување со домашните нереди. Засега сè уште не е јасно колку војници учествувале во побуната.