Институтот „Гамалеја“ тврди дека со години работел на сегашното достигнување

Автори: Хенри Фој, Клајв Куксон и Донато Паоло Манчини

Фајненшел тајмс

Кога Русија минатата недела соопшти дека била одобрена првата вакцина против ковид-19 по само двомесечни тестирања на луѓе, многумина во светската фармацевтска заедница беа вчудоневидени колку брзо Москва успеала да заклучи дека е безбедна. Руските фармацевтски компании се релативно мали во споредба со другите, малку се знаеше за институтот заслужен за достигнувањето, а не се завршени клучните чекори неопходни за одобрување на вакцината за употреба, како што сметаат критичарите. Но човекот кој стои зад вакцината инсистира дека успехот се должи на дводецениско истражување.

– Брзината не изненадува ако знаете колкав научен труд е вложен. Во отсуство на закани по светското здравје во изминатите децении, истражувањето на вакцините беше на маргините на светската фармацевтска индустрија додека руските лаборатории постојано работеа на нивните истражувања. Ние сме горди на постигнувањата на руската наука која ни овозможи брзо да ја развиеме вакцината против ковид-19 – истакнува за „Фајненшел тајмс“ Александар Гинзбург, директорот на државниот истражувачки институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, кој уште од 1980-тите години работи на аденовирусни вакцини како што е новата против ковид-19.

До минатата недела, малкумина надвор од Русија знаеја за институтот именуван по научникот Николај Гамалеја кој работел под надлежност на францускиот биолог Луј Пастер во 1886 година и бил од клучно значење за вакцинирање на војниците од Црвената армија против мали сипаници. Дури, уште помалку веруваа дека оваа вакцина ќе ги победи британските и американските ривали поддржани од мултимилијардерските фармацевтски гиганти во јавната вакцинација. По наредба на претседателот Владимир Путин, медицинските лица од првите борбени редови ќе ја примат вакцината „Спутник 5“ во наредните неколку недели.

Но, тоа не значи дека институтот „Гамалеја“ беше побрз од другите што работат на вакцината. Путин ја донесе одлуката откако увиде дека „Спутник 5“ отскокнува над другите конкурентни вакцини во развојот, и ја одобри уште пред да ја заврши таканаречената трета фаза од тестирањето за проверка на безбедноста и долгорочната ефикасност, која може да опфати илјадници доброволци и да трае неколку години. Токму овој процес во Русија почна минатата недела.

Гинзбург ги отфрли сите алузии за зголемен ризик. Тој заедно со една мала група на колеги од институтот прво ја тестирале вакцината на себе во март, како што тој изјави минатата недела на државната телевизија.

– По пет месеци, нашиот имунитет е стабилен, разви значително високо ниво на антитела кои гарантираат заштита против секаква изложеност на ковид-19. Така, на институтот можеме слободно да кажеме дека се движиме без заштитни маски – порача тој.

Бранејќи ја одлуката да се спроведат јавни вакцинации на она што сè уште важи за експериментална вакцина, руската влада и други поддржувачи укажаа на успешната вакцина против ебола која ја развија токму Гинзбург и неговите колеги во 2015 година, што се смета за еден од најпознатите претходни успеси на институтот „Гамалеја“. Вакцината „Спутник 5“ е базирана на истата технологија.

– За нас, регистрацијата на вакцината не е изненадување. Таа не се појави одеднаш, туку е резултат на долгогодишен научен труд. Фактот што руските научници можат да развијат, а руската фармацевтска индустрија може да произведе лекови за кои биле дел од интензивно научно истражување одамна не е тајна. Во Русија постои традиција на сериозна научна дејност, мноштво научници и организации кои можат да дадат поддршка и значајно историско искуство – истакна Николај Беспалов, шеф за деловен развој во „РНЦ фарма“, руска консултантска фирма.

Но иако Советскиот Сојуз можеше да се пофали со високи стандарди на научно истражување, огромен пад во финансирањето и одливот на мозоци предизвикан од неговиот распад ја доведе Русија да стане ситна риба во светската фармацевтска индустрија.

Лани увозот сочинуваше околу 60 отсто од рускиот пазар на лекови, според владината статистика. „Бинофарма“, руската компанија која склучи договор за производство на вакцината од институтот „Гамалеја“, има капацитет само за 1,5 милиони дози годишно. За споредба, британската влада минатиот петок склучи договор со американските фармацевтски компании „Џонсон и Џонсон“ и „Новавакс“ кои можат да произведат најмалку 340 милиони дози на вакцини.

Во споредба со вакцините кои се развиваат во Велика Британија и во САД, каде што владата обезбеди финансиски грантови и ја стимулираше набавката на приватните компании и истражувачи, развојот на руската вакцина беше целосно под државна капа.

Институтот „Гамалеја“ е државен, а вакцината беше развиена од државниот инвестициски фонд и од вработен во министерството за одбрана кој се смета за творец на вакцината. Високи владини претставници беа вакцинирани пред да биде официјално одобрена.

Москва официјално не ја контактираше Светската здравствена организација (СЗО) за претквалификација на вакцината, што е неопходен чекор за меѓународна употреба, сè до минатиот четврток, два дена по соопштението на Путин, кога нејзиниот амбасадор во Женева испрати писмо до Тедрос Гебрејесус, шефот на организацијата.

Институтот „Гамалеја“ соопшти дека планира да ги испрати резултатите од клиничките испитувања во „докажано списание во наредните две недели“, но во Русија традиционално, таквите податоци прво приватно треба да ги проверат експерти, пред да бидат објавени јавно.

– Руската наука со векови е докажана. За нас е важно да го заштитиме нашиот народ од пандемијата и да можеме да ја понудиме оваа технологија на светот – порача Гинзбург.

Превод: Билјана Здравковска