Патогените на коронавирусот можат да опстанат со часови во воздухот што претставува значајна закана. Истражувачите, во пресрет на зимата и ладното време, работат на идеи како да се спречат инфекциите во училиштата, рестораните и во канцелариите со помош на вентилациски системи, воздушни филтри и УВ-зрачење
Иако сè уште не е познато колкава изложеност на вирусот е потребна за зараза, сепак, јасно е дека квалитетот на воздухот во затворени простории како канцеларии, ресторани, училници или супермаркети беше потценет фактор во проблемот со коронавирусот. Токму во таа насока, во пресрет на есенските и зимските денови, истражувачите на големо работат на идеи како да се спречат инфекциите особено во училиштата и затворените простори со помош на вентилациски системи, но и воздушни филтри и УВ-зрачење. Угледниот германски магазин „Шпигел“ на оваа тематика пишува дека повеќето граѓани на Германија сериозно започнале да ги почитуваа препораките за справување со ширењето на коронавирусот. Како што наведува медиумот, борбата против вирусот во зимскиот период ќе наложува дополнителни мерки, затоа што станува поочигледно дека тој не се шири само преку директен контакт.
Според германскиот магазин, вирусот може да се задржи во воздухот со што практично не важи препораката за физичко дистанцирање, каде што прочистувачите на воздухот ќе играат круцијална улога во затворените простории за време на постудените зимски денови. Германскиот физичар Детлеф Лозе од Универзитетот во Твенте, Холандија, смета дека „отпорноста на капките е голема“.
– Доволно е едно заразено лице во бар да ја рашири заразата, затоа што човечкото тело им дава термален поттик на аеросолите и за неколку минути се шират во просторот, така што ризикот се зголемува со тамошниот престој – вели Лозе.
Проветрувањето е неопходно
Наједноставното и бесплатно решение за внатрешните аеросоли е проветрувањето, за кое физичарот Лозе смета дека е „неопходно“ при што со редовно практикување се внесува свеж воздух и се намалува концентрацијата на аеросоли. За жал, проветрувањето има и негативна страна, а тоа е дека не може секогаш да функционира особено кога надворешната и внатрешната температура се речиси исти и нема природно струење. Експертите препорачуваат просториите да се проветруваат целосно во времетраење од пет минути неколкупати во денот. Ова особено важи за училиштата за кои за повеќето е потребно реновирање. Научниците во сојузната држава Рајна-Вестфалија во периодот што измина испитале 363 училници и откриле дека само по еден час престој со затворени прозорци, речиси половина од нив имале висока концентрација на јаглерод диоксид што се смета за „хигиенски неприфатливо“ според сегашните препораки.
Научниците советуваат дека училиштата мора да направат големи промени, како часови од 30 минути по кои мора да следува 15-минутно проветрување. Кристијан Кејлер, физичар и професор по динамика на флуиди на Универзитетот на федералните вооружени сили во Минхен, советува објектите да ја исклучат централната вентилација и да се внесува свеж воздух колку што е можно почесто. Во изминатите неколку недели тој ги испитуваше преносните прочистувачи на воздух, кои можат да филтрираат дури 99,99 отсто од ситните честички на аеросолите, и верува дека овие уреди можат да бидат решение за безбедно работење во рестораните, продавниците, канцелариите и училиштата особено во зима.
Ги убива вирусите за неколку минути
Во меѓувреме Дејвид Бренер, кој е биофизичар на њујоршкиот универзитет „Колумбија“, се надева дека почесто ќе се користи посебната ултравиолетова светлина за дезинфекција, со која за неколку минути се убиваат бактериите и вирусите што беше потврдено во експериментите. Истражувачот предвидува дека во иднина ќе се користат милиони УВЦ-светилки, кои можат да се произведуваат по ниски цени и да се постават во училиштата, трговските центри, болниците, аеродромите, возовите, рестораните и продавниците. Бренер веќе докажа дека коронавирусите умираат кога се изложени на ова светло, а во студијата што ја објави во списанието „Саентифик рипортс“ вели дека вирусите во воздухот со оваа метода се уништуваат за осум минути, а за 25 минути исчезнуваат 99,9 отсто од нив.