Зошто протестите во Бугарија се исклучително битни за Унијата
Во текот на последниве неколку недели, илјадници луѓе излегоа на улиците низ Бугарија. Нивните сонародници во странство се собираа на протести пред бугарските амбасади. Илјадници други на социјалните мрежи потпишуваат петиции во кои се бараат оставки од главниот обвинител Иван Гешев и од Владата предводена од премиерот Бојко Борисов.
Кој кого (не) поддржува?
Бугарската владејачка партија ГЕРБ е дел од Европската народна партија (ЕНП) во Европскиот парламент, која, како одговор на демонстрациите, гласно ја поддржува Владата во Бугарија. „Пратеничката група на ЕНП целосно ја поддржува бугарската влада на Бојко Борисов во нејзините напори да ја заштити националната економија од негативните ефекти на коронавирусот, како и во борбата против корупција и напредокот што го постигнува за влез во еврозоната“, изјави на 10 јули шефот на групата Манфред Вебер. Но ова има и пошироки импликации, зашто ваквите изјави имаат цел да создадат впечаток дека постои надворешна поддршка за Владата предводена од ГЕРБ, која потоа оваа поддршка ја искористува на домашен терен за сопствена поткрепа.
Европските парламентарни избори во мај 2019 година покажаа дека граѓаните сѐ уште широко го поддржуваат европскиот проект, но истовремено очекуваат да видат и некои промени. Сѐ додека одредени партии се дел од парламентарната група на ЕНП, тие не можат да бидат промената за која луѓето гласаа. Ова би можело да предизвика болно отрезнување не само кај Бугарите туку и кај граѓаните на други земји-членки на ЕУ. Кога европските лидери не обрнуваат доволно внимание на граѓанските барања за правда, владеењето на правото и демократијата во која било од своите членки, тоа секако резултира со негативно влијание врз ЕУ како целина.
Политичката криза во Бугарија претставува закана за идната стабилност на ЕУ
Бугарија штотуку влезе во европскиот Механизам на девизен курс 2 (ЕРМ 2), еден вид чекалница за еврозоната, па нејзината политичка стабилност – базирана врз владеење на правото, демократија, функционален судски систем и ефикасни антикорупциски механизми – станува клучна за идното бугарско членство во друштвото земји што го користат еврото како платежно средство. Обезбедувањето реформи што се водат според овие принципи е нешто за кое сегашната власт во Бугарија засега не испорачува резултати. Според „Транспаренси интернешнал“, таа е рангирана како земја-членка на ЕУ со највисок степен на корупција; има доцнење во исполнувањето на нејзините демократски стандарди, а судскиот систем одвај функционира.
Освен тоа, според податоците од Светска банка, директните странски инвестиции во Бугарија остануваат незначителна ставка во растот на националниот БДП, а во текот на трите мандати на Борисов (од 2009 година досега) не е постигнат речиси никаков напредок на тоа поле. Згора на тоа, растот на бугарскиот БДП во изминативе 10 години има повеќе сличности со оној на земји што не се членки на ЕУ, како на пример Албанија, Ерменија и Македонија. Само како споредба, соседната Романија во истиот период има постигнато раст на БДП од 202 отсто, а влезе во ЕУ истиот ден кога тоа го стори и Бугарија. Како резултат на оваа состојба, Бугарија има најниска просечна плата во ЕУ, која изнесува нешто помалку од 690 евра, „влечкајќи се“ зад држави што не се членки на Унијата, како Црна Гора – 785 евра и Босна и Херцеговина – 741 евро. Ова упатува на фактот дека бугарската влада лошо ги користи фондовите за кохезија од страна на ЕУ.
Бугарија пример за добри европски практики за Македонија?!
Од гледна точка на европската надворешна политика, Бугарија претставува надворешна граница на ЕУ, а тоа значи дека има важна улога во однос на миграцијата, безбедноста и односите со Турција, Русија и земјите од регионот на Црно Море. Во случај Бугарија да не успее да се справи со кој било од овие предизвици, резултатите брзо ќе се почувствуваат и во други делови на Европа. Дополнително, сложената ситуација во најблиското соседство на Бугарија е таква што таа ризикува да даде лош пример за соседните земји од Западен Балкан, токму во периодот кога нивните влади размислуваат за видот на реформите што треба да ги реализираат во иднина. Бугарската борба против корупцијата многу личи на долгогодишните барања за транспарентност и одговорност за тоа како државата ги троши европските пари. Иако ова е внатрешен проблем на Бугарија, тој повторно го открива недостигот од ефикасен европски контролен механизам во врска со трошењето на фондовите на ЕУ, но и неспособноста на Брисел да ги заштити европските вредности во внатрешноста на Унијата. На германските, француските и на шведските даночни обврзници им е многу важно на кој начин се трошат парите од данокот од страна на ЕУ. Оттука, заклучокот е дека антикорупциските протести во Бугарија, како и борбата на граѓанското општество за владеење на правото и демократски реформи се однесуваат на сите нас. Секако, неопходна ќе биде истрага за трошењето на европските фондови од страна на бугарската влада. Неа би требало ја спроведе главниот обвинител на Европското јавно обвинителство (ЕППО) – првото независно и децентрализирано обвинителство на ЕУ – чиј официјален почеток на работа е планиран за крајот на 2020 година. Но тогаш може веќе да биде предоцна.
Дали правосудниот систем на Бугарија е бенчмарк за земјите од Западен Балкан?
Можеби најклучниот проблем на Бугарија се крие во правосудниот систем, пример без преседан за нефункционален систем во рамките на ЕУ. Со текот на годините, постојаните скандали ја доведоа во прашање неговата независност. Бугарските граѓански организации водат долгогодишна кампања за воведување судски реформи, добивајќи ја притоа и поддршката на Бугарското судско здружение. За жал, тешко дека ќе успеат без да го издигнат проблемот на ниво на ЕУ. Во еден неодамнешен извештај за напредок поврзан со европската помош за Бугарија и за Романија, Европската комисија побара од Бугарија „да воспостави процедури што се однесуваат на одговорноста на обвинителите, вклучувајќи и заштита и одбрана на судската независност.“ Освен процената за напредокот во судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал преку механизмот за соработка и верификација, ЕУ би требало да заземе поцврст став во однос на Бугарија и да ја „притисне“ да оствари поголем напредок, имајќи го предвид фактот дека земјата веќе повеќе од 10 години е членка на Унијата.
А слободата на медиумите?
Во однос на слободата на печатот, во споредба со другите земји-членки, Бугарија е рангирана на 111-то место, далеку зад сите други држави на ЕУ, но исто така и зад многу африкански и азиски земји. Да го парафразираме Габриел Гарсија Маркез: „ЕУ напредува со брзината на најбавните.“ Ако Бугарија заостане далеку назад во однос на фундаментални прашања какви што се слободата на говорот, владеењето на правото и независното судство, несомнено е дека тоа ќе се одрази многу штетно и врз самата ЕУ како целина. Инертноста на Унијата и постојаната колеблива молчаливост на европските лидери во врска со ситуацијата во Бугарија би можеле да доведат до зголемено отуѓување и евроскептицизам меѓу младата бугарска популација, кај која довербата во бриселските институции е типично поголема отколку во националната влада и е една од највисоките во рамките на ЕУ. Меѓутоа, таа не треба да се земе здраво за готово. Будењето на бугарското граѓанско општество е релативно скорешно и далеку од комплетно. Доколку сега европските лидери не изразат јасна поддршка за владеењето на правото, демократијата и реформите во бугарскиот правосуден систем, подоцна може ќе се изгуби шансата за „зачувување“ на Бугарија како проевропска земја-членка.