Компанијата „Мајкрософт“ соопшти дека во текот на 48 часа биле користени водородните горивни ќелии за напојување на серверот во центарот за податоци.
Напојувањето со водородните горивни ќелии на „Мајкрософт“ претставува чекор напред кон исполнување на неговата цел, а тоа е да стане јаглеродно негативен до 2030 година. Компанијата истражува како може да се користи „чистата“ технологија за напојување на повеќе аспекти во нивните операции, објави „Енгаџет“.
Мајкрософт ги откри своите планови уште во јануари, а тие се однесуваат на отстранување на влијанието на јаглеродот до 2030 година. Технолошкиот гигант веќе елиминира голем дел од својата зависност од фосилни горива, но сè уште има неколку помошни дизел-генератори во центрите за податоци. Дизелот е скап, додека водородни горивни ќелии се поевтини, па затоа „Мајкрософт“ одлучи да ги тестира таквите горивни ќелии како замена.
Идејата за овој вид гориво датира од 2018 година, кога истражувачите од Националната лабораторија за обновлива енергија во Голден, Колорадо, го искористија за напојување компјутери.
Инженерот Марк Монро и неговиот тим развија систем од 250 киловати, кој е доволен за напојување на цела линија сервери на центри за податоци, а минатиот септември беше поставен во центарот за податоци „Азур“ во близината на Солт Лејк Сити, Јута. Системот помина 48-часовен тест во јуни, а тимот сега планира да го тестира системот од 3 мегавати. Овој систем одговара на големината на тековните помошни дизел-генератори.
– Можно е центарот „Азур“ да биде опремен и целосно напојуван со водородни горивни келии, резервоар за складирање водород и електролицер што ги претвора молекулите на водата во водород и кислород. Овој систем би бил интегриран со електрична мрежа. Покрај тоа, можно е и возилата што користат ваков вид гориво да се возат до центрите за податоци за полнење на гориво – вели Монро.