Фото: Игор Бансколиев

Како дел од постизборните активности на партиите, започнаа и средбите на претставници на одредени партии со дипломатски претставници од меѓународната заедница во Македонија. Таквите средби во јавноста често се толкуваат како сигнали за поддршка на меѓународниот фактор во процесите на постизборно договарање. Во меѓувреме во тајност се држат сите меѓусебни политички контакти во насока на
обезбедување парламентарно мнозинство и избор на нова влада

МНОГУБРОЈНИ КОМБИНАТОРИКИ ЗА СОСТАВ НА НОВАТА ВЛАДА

Една седмица по затворањето на избирачките кутии на предвремените парламентарни избори, одржани на 15 јули, и по обелоденувањето на изборните резултати нема некои конкретни показатели, а уште помалку официјални позиции на партиите за какви било разговори за формирање парламентарно мнозинство што би ја поддржало новата влада.

Според првичните резултати објавени од ДИК, кои сѐ уште не се конечни, политичкиот „бонтон“ наложува првата понуда за мандат за составување нова влада, претседателот Пендаровски да му ја даде на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој со коалицијата „Можеме“ освои 46 пратенички мандати, пред коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која има 44 мандати. „Тесниот“ изборен резултат, пак, ѝ остава простор и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да претендира на можноста за формирање влада, од која се чини не се откажува. Дури и највисоките партиски органи (Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди одлуката на Извршниот комитет) му дадоа овластување на лидерот на партијата Христијан Мицковски да преговара за формирање ново парламентарно мнозинство.

Секако, таквата позиција на навидум изедначени шанси за формирање влада, ја истакнува и релативната блискот во резултатите на освоените пратенички мандати во албанскиот блок на партиите (ДУИ – 15, коалицијата Алијанса/ Алтернатива за Албанците – 12, ДПА – 1)… Временски проектираниот простор за неформално преговарање, без обврска за официјални ставови, го одреди лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој еден ден по завршувањето на изборите изјави дека заминува на одмор и граѓаните да се одморат од политика. Но исто така, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, уште веднаш по завршувањето на изборите изјави дека остварил контакти со лидерот на ДУИ, Али Ахмети…
Има ли во овој период меѓусебни партиски контакти и разговори, кој со кого се среќава и преговара, има ли надворешни олеснувачи во целиот процес, се прашањата на кои побаравме одговори директно од политичките субјекти, како и од политичките аналитичари. Политичарите засега официјално не обелоденуваат дали и како се одвиваат преговорите за состав на нова влада, иако неофицијално се коментира дека секој секому му праќа сигнали и стројници. Аналитичарите се нешто поконкретни во предвидувањата.

– Дефинитивно ова е период кога доминираат претпоставките и шпекулациите за формирање парламентарно мнозинство и влада. Таквиот политички амбиент го постави лидерот на СДСМ, Заев, кога изјави дека конкретните преговори за коалицирање ќе почне да ги води по 2 август. Меѓутоа, можните опции за коалицирање се лимитирани од изборните резултати. Експресната варијанта е коалиција СДСМ – ДУИ, со тесно мнозинство од 61 пратеник, и можеби да им се придружат и Алијанса/Алтернатива за Албанците, плус ДПА, со што би имале 74 пратеници. Друга варијанта, која не е невозможна е ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ заедно со Левица и Алијанса/Алтернатива, иако коалицирање на албанските партии со Левица изгледа проблематично. Но политичкиот интерес може да ги надмине проблемите. Тоа се можностите без трансфери на пратеници, но тоа е веќе поинаква димензија на политичко преговарање, кога ќе се исцрпат другите можности – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Под опцијата „трансфери на пратеници“, Муслиу е сомничав во варијантата поддршка на малцинска влада на пратеници од спротивната опција.

– Не гледам дека политичката свест во нашиот политички контекст е толку издигната за да се даде политичка поддршка, а да не се бара на некој начин да се биде дел од извршната власт. Малцинска влада би значело тоа – пратеници од спротивната опција да гласаат за новата влада, но партијата да не учествува во неа – појаснува Муслиу.
Во овој период пред составување влада, сѐ уште се во тек процедурите за легитимирање на изборните резултати, односно по отфрлањето на приговорите на партиите од страна на ДИК, сега тече рокот од 60 часа, во кој Управниот суд треба да се изјасни за тужбите на партиите, во однос на нивните забелешки за изборниот процес. Дури по одлуката на Управниот суд, ДИК ќе може да ги објави конечните резултати.
Како дел од постизборните активности на партиите, започнаа и средбите на претставници на одредени партии со дипломатски претставници од меѓународната заедница во Македонија. Таквите средби во јавноста често се толкуваат како сигнали на поддршка на меѓународниот фактор во процесите на постизборно договарање.
– Не би се рекло дека средбите на амбасадорите со претставници на која било партија во овој период значи некаква поддршка или фаворизирање.

Сметам дека тоа се повеќе информативни средби во кои меѓународната заедница (ЕУ, САД) се интересира за принципиелната посветеност на политичките опции во земјава кон НАТО и членството во ЕУ, како и Преспанскиот договор. Всушност, повторуваат постизборно дека очекуваат опција што цврсто ќе го гарантира тоа – вели аналитичарот Петар Арсовски.
Во однос на очекувањата на меѓународната заедница од новото владејачко мнозинство во Македонија, Алберт Муслиу потсетува на препораките на Европската комисија за „стабилна влада за преговори за членство во ЕУ“, за што тој цени дека тоа се можеби очекувања за поголемо парламентарно мнозинство.
Сепак, и една седмица по одржувањето на изборите, политичките аналитичари согледуваат дека не се наѕираат никакви контури за некакво коалицирање за составување влада.

– Мислам дека таквите контури нема да бидат видливи до „5 до 12“. Бројките на освоените мандати оставаат простор за таква неизвесност до последен миг. Сите опции за коалицирање се отворени и променливи до последниот рок – оценува Петар Арсовски.
Инаку, краен рок за конституирање на Собранието е 4 август, но со тоа не завршува и рокот за формирање влада. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека Македонија ќе има влада до средината на август.