Според првиот човек на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), Владимир Божиновски, бројот на мандатите што ги добиваат партиите од албанскиот етнички блок е обратнопропорционален од одзивот на некој изборен процес. Односно колку е помал одзивот, толку албанските партии добиваат повеќе мандати и обратно, ако е зголемен одзивот на севкупното гласачко тело се намалува бројот на албанските пратенички места
Донтовиот модел откри уште еден изборен феномен
Специфичните услови во кои на 15 јули се одржаа десеттите парламентарни избори во Македонија, придонесоа во голема мера и за специфичната резултатска изедначеност на најголемите политички опоненти, но наедно и ја истакнаа факторизацијата на гласовите од етничкиот албански политички блок.
Дали бројот на мандатите освоени од албанските партии соодветствува со бројноста на Албанците во државава
Уште според првичните пребројувања на гласовите освојувањето на 28 мандати од албанскиот блок (ДУИ – 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива – 12, ДПА -1) беше оценето како најголемо изборно достигнување на овој етничко групиран политички фактор. Дополнително, и на толку добриот изборен резултат на албанскиот политички фактор се додаваат и четирите пратенички мандати што партијата Беса ги добива во коалицијата „Можеме“ со СДСМ.
– Иако сметам дека треба да се почекаат конечните резултати од изборите, да помине периодот на приговори на партиите до ДИК, и да се види дали ќе има некои поместувања во бројноста на мандатите, сепак веќе може да се каже дека првпат бројот на мандати што ги освоија албанските партии соодветствува со бројноста на Албанците според последниот попис во Македонија, од 2002 година. Односно севкупно добиените повеќе од 30 мандати за албанскиот политички блок изнесуваат приближно 25-процентна застапеност во Собранието – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Повторно Донтовиот модел со свој изборен калеидоскоп
Според Владимир Божиновски, првиот човек на ИПИС (Институт за политички истражувања-Скопје), кој многу години го следи преку бројки развојот на политичките трендови во земјава, бројот на мандатите што ги добиваат партиите од албанскиот етнички блок е обратнопропорционален од одзивот на некој изборен процес. Односно колку е помал одзивот, толку албанските партии добиваат повеќе мандати и обратно, ако е зголемен одзивот на севкупното гласачко тело, се намалува бројот на албанските пратенички места.
– Во албанскиот етнички блок, во последниве 15-16 години, има релативно стабилен одзив од 210.000 до 230.000 гласачи. Со зголемување на одзивот на остатокот од гласачкото тело, (кој претежно се должи на македонски гласачи), според Донтовиот модел се намалува освоениот изборен процент, според кој се добиваат пратеничките мандати. Тоа го покажува и статистиката. Албанскиот политички фактор имал најмногу пратеници кога одзивот на изборите бил најмал, како што беше во 2006 година, кога при одзив од 56 отсто, ДУИ освои 17, а ДПА 11 мандати, или во 2008, кога овие две партии заедно имаа 29 пратенички места (ДУИ -18, ДПА-11), при одзив од 54 отсто. Штом одзивот на изборите надмине 60 проценти, максимумот на пратенички места што го освојуваат албанските етнички партии е до 24-25 мандати – статистички аргументира Владимир Божиновски.
Колку повеќе се зголемува бројот на малите партии, толку се зголемува бројот на изгубените гласови
Статистиките во периодот од 2014 до 2020 година покажуваат варијабилност во освоените мандати на ДУИ, иако секогаш се наметнувала како редовен партнер за создавање владина коалиција. На изборите во 2014 година, оваа партија освоила 19 пратенички места, но во наредниот циклус од 2016 – само 10 мандати. На овие избори во 2020 година, партијата полека си го враќа рејтингот со 15 освоени мандати, но сепак тоа не се бројките од нивните ѕвездени политички мигови. За разлика од ДУИ, трендот на рејтингот на постарата албанска етничка партија ДПА низ годините е во постојано опаѓање. Ако во 2006 и 2008 освојувала по 11 пратеници, од 2011 бројот на мандатите е едноцифрен (2014 – 7, 2016 – 2), за на овие избори да се сведе на 1 мандат. Но затоа, од 2016 на изборната сцена се појавуваат и други политички субјекти во албанскиот блок. Алијанса за Албанците во 2016 освојува 3 мандати, за сега, во коалиција со Алтернатива да освојат 12 пратенички столчиња…
– На неодамнешните избори беше очекуван намален одзив, со оглед на специфичните пандемиски услови во кои се одржаа. Покрај одзивот од 51 отсто, за добриот резултат на албанските мандати придонесоа и многуте изгубени гласови, односно нефакторизирани според Донтовиот модел, на малите политички партии, кои беа околу 27.000. Тука се триесетина илјади неважечки ливчиња. Колку повеќе се зголемува бројот на малите партии, вообичаено толку се зголемува бројот на изгубените гласови. И најчесто „горат“ гласовите на партиите што не се во албанскиот политички блок – објаснува Владимир Божиновски.
Наклоноста на партиите од албанскиот блок ќе има одлучувачка улога за
парламентарно мнозинство и за формирање влада
Изборните резултати, кои во голема мера се изедначени меѓу големите спротивставени партии од т.н. македонски блок, имплицираат ситуација во која се чини дека наклонетоста на партиите од албанскиот блок ќе има одлучувачка улога при креирањето на парламентарно мнозинство за формирање влада. Дури во една од хипотетичките опции за коалицирање се појавува и можноста сите албански партии да добијат свој дел од колачот на власта. Таквата опција го наметнува прашањето како би функционирале политички спротивставени опции (иако се од иста етничка провиниенција) во една влада и како би се одразило тоа на функционалноста и спроведувањето на законитоста во државата.
– Нема да биде првпат во една влада да функционираат како коалициски партнери спротивставени политички субјекти од албанскиот етнички блок. Во претходната влада така функционираа ДУИ и Алијанса за Албанците, секоја со посебен договор со премиерот и не си се мешаа меѓусебно во ингеренциите. Од морално-етички аспект тоа секако е проблематично, но во досегашната практика се покажа дека прагматичноста на лидерот на СДСМ ги надминува таквите „предрасуди“. Од оперативно-функционален аспект подобро е една влада да има поголема поддршка во Собранието. Според изборните резултати, кој било да прави влада од големите македонски партии, и да направи коалиција со сите албански партии, сепак нема да има двотретинско мнозинство. Но и на тој план, лидерот на СДСМ во неговиот претходен премиерски мандат исто така покажа дека кога му е потребно обезбедува двотретинско мнозинство. Станува збор за многу прагматични политичари. Сепак, ова е постизборен период кога секоја комбинација за формирање влада е на ниво на шпекулација. До крајот на седмицава, многу нешта ќе бидат појасни – вели аналитичарот Алберт Муслиу.
Во поглед на функционалноста на евентуална влада со сите албански етнички партии во неа, заедно со една голема македонска партија, политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека така би се изгубила поентата на политички плурализам во албанскиот политички блок.
– Таквата опција е нелогична – сите албански партии да бидат дел од власта, особено што се силно политички спротивставени како ДУИ и Алијанса за Албанците. Тогаш нема поента да има повеќе партии од еден етнички блок, и сѐ би било сведено на една политичка понуда. Иако во политичката понуда кај Албанците во Македонија доминира етничкиот концепт и не може да се зборува за некоја идеолошка карактеристика на партиите, сепак имаат спротивставени политички интереси. Од друга страна, политичката практика во Македонија покажала дека моменталниот интерес за освојување на власта ги наминува идеологиите и принципите – констатира Божиновски.