Проекциите засновани врз податоци за економски развој покажуваат зголемен ризик од внатрешно насилство во кревки држави, поттикнат од зголемувањето на цените и падот на приходите
Пандемијата на коронавирусот предизвика над 500.000 жртви и хаос во здравствените системи во светот. Но таа има штетни влијанија и врз глобалната економија. Еден зголемен ризик е дека овие ефекти ќе доведат до повеќе епизоди на големи внатрешни насилства, вклучувајќи и граѓански војни.
Во изминатите неколку години се проучувани повеќе кревки држави, земји со тешки социјални договори меѓу владите и нивните граѓани. Неодамна се ажурирани предвидувањата за шансите овие земји да доживеат внатрешни војни и во нив се вклучени ефектите од коронавирусот. Предвидувањата се развиени преку статистичка симулација на индикатори за човечки и социјален развој. Статистичкиот модел се базира на предвидените стапки на пораст на БДП на Меѓународниот монетарен фонд, додека се вклучени и претпоставки за ширењето на вирусот и смртноста на ковид-19. Овие стапки на пораст на БДП одразуваат падови на економското производство и може да влијаат на ранливоста преку интеракцијата со неколку други значајни двигатели на внатрешната војна, како сиромаштија, здравство, трговска активност, тип на режим, големина на млада популација и војни во соседните земји.
Многу земји доживеаја оружен судир и пред пандемијата, но претходните прогнози предвидуваа дека бројот на глобални конфликти ќе се намалува. Наместо тоа, новите прогнози од моделот покажуваат дека уште 13 нови земји веројатно ќе забележат конфликти до 2022 година – зголемување од 56 отсто во однос на прогнозите пред пандемијата, што би било предизвикано од коронавирусот и владините реакции, како што се националните карантински мерки. Врз основа на историски обрасци, сега се прогнозира 35 држави да доживеат нестабилност меѓу 2020 и 2022 година, повеќе отколку во кој било момент во изминатите 30 години.
За кревки состојби, последиците од пандемијата може да се одразат во иднина. Прво и најважно, војните предизвикани од нестабилност се штетни за егзистенцијата и правата на граѓаните. Политичката нестабилност, исто така, претставува безбедносна закана за соседите и другите земји, бидејќи кревките држави може да станат засолништа за терористички актери или домаќини на појава на болести.
Ранливоста предизвикана од пандемија може да се манифестира на неколку начини. Во некои земји, политиките за физичко растојание што ја ограничуваат економската активност и падот на цените на стоките како резултат на намалувањето на побарувачката ќе имаат погубни последици за индивидуалните средства за егзистенција и приходите на владата. Земјите што зависат од увоз на храна, најверојатно, ќе доживеат недостиг од храна и растечки цени, бидејќи земјите производители го ограничуваат извозот. Овие економски кризи може да ја влошат сиромаштијата и да предизвикаат глад.
Фрустрирани од опаѓањето на приходите, некои граѓани би можеле да посегнат по насилство и конфликти. Владите би можеле да спречат поголема репресија и ограничувања на правата.
За некои земји, како Авганистан, Алжир, Либија, Мали, Сирија, Судан и Јемен, новите ризици би можеле да предизвикаат уште поголеми конфликти и кризи. Авганистан се надева дека мировните преговори меѓу владата и талибанците ќе дадат резултати по 18 години војна, но пандемијата предизвика да исчезнат овие изгледи. Коронавирусот тешко го погоди Авганистан. Од почетокот на избувнувањето на пандемијата, конфликтот се интензивира, при што талибанците убиваа десетици војници и напаѓаа здравствени установи. Во мај, Исламската држава изврши ужасен напад врз породилно одделение во Кабул. САД вршат притисок за мировен договор со надеж дека ќе ги повлечат сите свои сили пред ноември, а исто така ја намалија и помошта за една милијарда долари. Сите овие фактори, заедно со уште потешките економски услови, може да го зголемат незадоволството, но и поддршката за талибанците или за Исламската држава, а тоа да доведе до понатамошни насилства.
Долготрајната војна во Сирија, која лани се намали во интензитетот, може да забележи нов пораст на насилствата. Претседателот Башар ал Асад се соочува со финансиска криза поврзана со пандемијата, исто како и Иран, Турција и Русија, тројца главни играчи во конфликтот. Помалите ресурси би можеле да ја ограничат можноста на владата да ја одржува својата војска и да ги задржува териториите преземени од бунтовниците во целата земја. Во североисточна Сирија, курдските бунтовници ги држат во затвор заробените припадници на Исламската држава. Но стравувањата од коронавирус кај затворениците, заедно со намалената американска поддршка, може да предизвикаат масовни ослободувања од затворите и нова мобилизација на Исламската држава.
Западна Африка, исто така, може да биде сведок на влошување на нејзините актуелни конфликти. Во Сахел, Мали и Нигерија веќе има конфликти против Боко Харам и Ал каеда во исламски Магреб, кои би можеле да се прошират во соседните земји. Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и Сиера Леоне се соочуваат со намалување на приходите и зголемување на шансите за конфликт.
Пандемијата, исто така, се заканува да ги зголеми ризиците во неодамнешните постконфликтни држави и другите земји што не доживуваат конфликт.
Во Источна и Јужна Африка, Руанда, Замбија и Зимбабве се очекува да доживеат зголемена ранливост, но Бурунди, која претрпе тешка граѓанска војна помеѓу 1993 и 2005 година, може да биде најранлива.
Либан е особено кревок меѓу земјите од Блискиот Исток, а коронавирусот го турка до раб на ескалација на најлошата финансиска криза на земјата во изминатите децении. Покрај долготрајната бегалска криза што произлегува од конфликтот во соседна Сирија, намалената вредност на валутата и високиот долг ги зголемија цените на главните намирници. Власта се бореше да склучи договор за помош од ММФ. Ова ја поткопа средната класа и поттикна протести, бидејќи речиси половина од либанското население живее во сиромаштија.
Хезболах обезбеди здравствени услуги за политички придобивки. Некои градови успешно се справуваат со ширењето на коронавирусот.
Либанскиот парламент во мај донесе пакет помош од 300 милиони американски долари за решавање на економската криза, а мандатот за мировна мисија на ОН на југот на земјата беше обновен. Но, со низа предизвици, потенцијалот на Либан за конфликти останува голем. Според актуелните прогнози, веројатноста за внатрешен конфликт ќе се зголеми во наредните две години.
Според истите статистички модели, САД веројатно нема да бидат сведоци на внатрешен конфликт, но економските и здравствените ефекти на пандемијата се трагични, а земјата доживува ново ниво на ранливост и социјални безредија.
САД регистрираа најмногу жртви од коронавирусот во светот, но за голем дел од кризата се виновни и самите. Неправилното спроведување на јавната здравствена заштита и одложувањето на карантинските мерки поради меѓупартиските расправања до мај можеби ги чинеа САД 54.000 животи, според истражувачите од универзитетот „Колумбија“. Карантинските мерки доведоа до рекордно зголемување на невработеноста. Изгледите за изборни превирања, исто така, се наѕираат, а веројатниот кандидат за претседател на демократите, Џо Бајден, изрази загриженост дека претседателот Доналд Трамп може да ја искористи кризата како изговор за одложување или за откажување на изборите во ноември. Претставниците на Демократската партија планираат активности ако дојде до такво сценарио.
Расистичките насилства извршени од полициски сили исто така предизвикаа социјални безредија. Убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полициски припадници во мај предизвика протести и повици за социјална правда во целата земја, а полицијата во еден момент одговори со уште поголеми насилства. Државни функционери ја опишуваат ситуацијата како „урбана војна“, додека секретарот за одбрана на САД ги повика гувернерите да „доминираат на бојното поле“ на улиците низ Америка. Во Вашингтон, воените хеликоптери и воени сили покажаа сила против мирните демонстранти.
Вториот бран коронавирус може да ги следи протестите и повторното отворање на националните економии, што може да ја намали довербата во владите да се добие соодветна реакција на јавното здравство.
Додека владите се борат да балансираат меѓу рамнење на кривата на ковид-19 и ублажување на социјалните и економските исходи од пандемијата, постојат причини за надеж. Во 50 репрезентативни случаи на ранливост и политички реакции што се проучувани досега, владите побрзаа да воведат политички реформи и дадоа економска поддршка за нивните граѓани наместо да се вклучат во политичка репресија или економски казни против политичките ривали.
Во испитуваните случаи немаше многу епидемии, но меѓународната поддршка за иницијативи за јавно здравје му помогна на Казахстан да спречи појава на дифтерија, која го достигна врвот во 1995 година, а на Боцвана ѝ помогна да се справува со својата криза со ХИВ што почна во 2002 година. Во поновите епидемии, како што се ебола и зика, ефективните и координирани одговори на политиките обезбедија јакнење на довербата на граѓаните во владите.
Креаторите на политики во САД и во остатокот од светот имаат неколку опции. Тие можат да ги охрабрат државите да направат позитивни реформи наместо да прибегнуваат кон репресии. Наместо да се повлечат од Светската здравствена организација, како што прави администрацијата на Доналд Трамп, тие можат да ги поддржат ваквите институции за да им помогнат на ранливите земји да обезбедат грижа за своите граѓани и да се справат со ширењето на коронавирусот и сродните здравствени шокови. Владата на САД исто така може да го забрза спроведувањето на законот што беше донесен лани со поддршка од двете најголеми партии, со кој се предвидува помош од 1,15 милијарда долари за превенција на конфликти и градење на мирот во кревки земји во наредните пет години. Но без да направат напори да ги решат историските неправди дома, САД можеби ќе немаат легитимитет да помагаат во намалувањето на ранливоста на други држави.
Конечно, за да се минимизираат здравствените и другите штети и за да се намали ризикот конфликтот од ранливите земји да се прелее надвор од нивните граници, побогатите земји мора да покажат поголема солидарност и поактивна улога.