Како да се справиме со вирусот во затворени простории? Подобра вентилација, носење маска и пократок престој, велат експертите
Коронавирусот може да опстои во воздухот на затворените простории со часови поради ситните капки кои луѓето ги испуштаат со самото дишење или зборување, и на тој начин да зарази стотици лица. Ризикот е најголем во затворени простории во кои има многу луѓе, а слаба вентилација. Се смета дека застоениот воздух е причина за големиот број заразени во фабриките за месо, црквите и рестораните, пренесува „Њујорк тајмс“.
– Не знаеме колку овие ситни капки на вирусот, или аеросоли, се инфективни за луѓето. Во споредба со поголемите капки испуштени по кашлање или кивање, кои поради нивната тежина најчесто паѓаат на земја или на други предмети, аеросолите опстојуваат во воздухот – вели докторка Линзи Мар од универзитетот „Вирџинија тек“.
Аеросолите се ослободени од лица кои се без симптоми преку самото зборување, дишење или која малце посилно викаат, смета доктор Мар, која заедно со 200 други експерти го потенцирала доказот во порака до Светската здравствена организација.
Единственото што можеме да го направиме е да ги почитуваме мерките, да престојуваме што е можно помалце во затворени простории, често просториите да се проветруваат или да се овозможат ултравиолетови светлини што го убиваат вирусот.
Одредени вируси не се пренесуваат и не опстојуваат низ воздухот, како што е ХИВ. Но, коронавирусот, иако не може сам по себе да покрие големо растојание, може да опстои и до три часа во соба што не е добро проветрена.
Голем број од експертите тврдат дека токму аеросолите, кои се полесни и помали, се причина за ширењето на вирусот во случаи кога заразените немаат симптоми, не кашлаат и не киваат, а вирусот се задржува во воздухот инфицирајќи други лица.
Во затворена, непроветрена просторија, едно заразено лице со текот на времето може да ослободи доволно аеросолизиран вирус за да зарази повеќе луѓе, предизвикувајќи таканаречено супер-распространување на вирусот.
Носењето маски, вели д-р Мар, претставува добра почетна заштита. Во домовите, покрај луѓе кои знаете дека се внимателни и преземаат мерки за заштита, маските не се неопходни. Но, во простории за кои не знаете дека се проветрени и во кои има многу луѓе, носењето маска е препорачливо. Експертите немаат прецизен одговор за тоа колку време е препорачливо да се седи во затворени простории.
– Ширењето на коронавирусот преку аеросолите претставува проблем за училиштата и факултетите. Затворањето на училиштата ја заглавува целата економија и претставува голем проблем. Додека не сфатиме како ова е дел од нашиот живот и соодветно постапиме, ќе бидеме ранливи на овие видови биолошки закани – вели Дон Милтон, експерт за аеросоли на универзитетот во Мериленд.
Што можете да сториме во врска со аеросолите? Престојувајте надвор на отворено, велат експертите. Дури и парковите и плажите за време на ветровит ден се подобра опција наместо преполните ресторани и затворените објекти, каде што постојано циркулира истиот воздух. Сепак, препорачливо е носењето маски. Кога сте во затворена просторија, отворајте ги прозорците и вратите колку што можете почесто, велат експертите. Лифтовите не претставуваат голем ризик, за разлика од јавните тоалети или канцеларии каде што воздухот е застоен.
Ако ништо од овие работи не е изводливо, обидете се да го минимизирате времето што го поминувате во затворен простор, особено без маска. Колку подолго престојувате внатре, толку е поголема дозата на вирус што може да ја вдишете, се наведува во написот.
„Њујорк Тајмс“ вчера објави дека група од 239 научници од 39 земји, оваа недела ќе објават отворено писмо до Светската здравствена организација во научно списание, така што агенцијата на ООН може да ги ревидира препораките за тоа како да се избегне инфекција со вирусот. Научниците тврдат дека коронавирусот се пренесува преку воздухот, што сугерира дека честичките од тој вирус можат да лебдат во воздухот во затворен простор и дека луѓето можат да се заразат кога ќе ги вдишат.