Сте слушнале ли за физалис? Претпоставувам дека многумина од вас ниту слушнале, ниту виделе такво растение, кое иако има сладок вкус спаѓа во групата на зеленчуците.
Физалисот уште се нарекува и перуанска јагода, а има и слатки и вкусни, но и отровни видови. Некои луѓе ова растение го нарекуваат „љубов во кафез“ токму поради тоа што плодот има свој оклоп, кој изгледа како мрежест лампион. Може да се јаде свежо, но и да се става во сокови и салати или да се конзервира, односно да се замрзне во фрижидер. Покрај тоа што овој плод е многу интересен, привлечен и вкусен, тој е и многу корисен, а во последно време се става акцент на лековитите својства за кои и натаму се истражува за да се продлабочат знаењата.
Се користи против кашлање, против треска и воспаление на белите дробови, а ги содржи витамините А, Ц, Б1, Б2, Б6 и Б12. Доколку ве заинтересиравме со информациите и со песничкава, се надевам дека ќе ви се јави желба да го пробате ова необично и ретко растение на нашите пазари, кое сепак може да се најде во поголемите маркети. Побарајте и вкусете. Добар апетит!
Физалис
На стебленцето висат
портокалови фенери,
се чудам, што ли е?
Отворам лушпа, а во неа,
жолто плотче се крие.
Физалис е тоа, велам, овој
зеленчук многу вкусен
на овошје што личи,
тој убаво изгледа,
веднаш се забележува,
а слатко-киселиот вкус
многу те освежува.
Од Јужна Америка дошло
ова растение, толку мило,
на славното племе Инки,
главна блажевина му било.
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.