Важно е да се знае историјата за да не се повторуваат грешките, вели Дали

Дали, која е прва еврокомесарка за еднаквост, зборува за состојбите со расизмот по најновите протести на двете страни од Атлантикот. Таа смета дека расизмот е „жив“ во Европа и бара да се решаваат структурните предрасуди во Европска комисија

ИНТЕРВЈУ СО ХЕЛЕНА ДАЛИ, ЕВРОКОМЕСАРКА ЗА ЕДНАКВОСТ

Комисијата на ЕУ ќе подготви акциски план за расизмот подоцна годинава. За кои иницијативи разговаравте?
– Разговаравме уште пред да се случи тоа што се случува во моментов, бидејќи расизмот е жив во Европа, не само во САД. Иронично е што славиме 20 години на Директивата за расна еднаквост и сè уште имаме структурни проблеми. Расизмот не е искоренет. Постои широк јаз помеѓу законодавството и колку тоа е ефективно врз животот на луѓето. Мораме да се фокусираме на она што е под површината, односно на структурниот расизам, што многу потешко може да се реши.

На што точно мислите?
– Ова е проблем, на пример, кога ќе ги погледнете невработеноста, вработувањата, домувањето или здравствена состојба. Исто така, постои несвесна пристрасност. Понекогаш луѓето може да бидат расисти без да го знаат тоа, особено белите луѓе, во смисла на тоа што се идентификуваме со луѓе што се „како нас“, па затоа може да се однесуваме дискриминаторски.

Што е со самата Комисија?
– На ова прашање веќе гледаме и внатрешно во Комисијата. Веќе работевме со комесарот за човечки ресурси, за да видиме како можеме да се справиме со оваа реалност. Ова не може да се промени прекуноќ. Но не е доволно да се каже дека Афроамериканците не аплицираат. Мора да видиме какво образование или обука добиваат, така што ќе можат да имаат добри квалификации за да се натпреваруваат. Нашата намера е сѐ да претресеме. Фактот дека првпат ЕУ има портфолио посветено целосно на еднаквоста е порака дека Европа треба да се справи со овие реалности на силен начин. Многу нешта треба да направиме.

Дали мислите дека има структурен расизам и во Комисијата, со оглед на недостигот од различност меѓу вработените?
– Постои несвесна пристрасност за која не сме ни свесни. Да, постои структурен расизам, но мислам дека го има насекаде. Затоа треба да се осврнеме на корените на проблемот, не само на симптомите или резултатите.
Мора да размислуваме надвор од шаблонот и да најдеме начини како можеме да донесеме поголема разновидност во целиот процес. На пример, гледајќи кон универзитетите и стипендирањето студенти, па потоа кога ќе регрутираме специјализанти да се погрижиме да бидеме поразновидни во нашите избори.

Вашиот колега, еврокомесарот Дидие Рејндерс, даде полуискрено извинување затоа што го обоил своето лице црно за време на еден традиционален фестивал во Белгија. Мислите ли дека требаше да биде поуверлив?
– Комесарот навистина придонесе за дебатата за расизам. Тој, исто така, ја претстави стратегијата за правата на жртвите, многу добра стратегија што влијае врз луѓето што се расно дискриминирани. Сметам дека на луѓето треба да им се суди според завршениот труд. Мислам дека комесарот направи многу добра работа за стратегијата на овие права на жртвите.

Дали сте задоволна од неговото извинување?
– Не реков дека сум задоволна. Само велам задоволна сум од неговата работа во оваа област. Тој работи многу напорно.
Дали треба да преиспитаме некои статуи што ги гледаме во нашите градови?
– Познавањето на нашата историја ќе ни помогне да не повторуваме одредени грешки направени во минатото. Јас, по правило, не сакам многу статуи. Ги ценам кога се работи за добри уметнички дела. Но секогаш сум сметала дека спомениците што ги оставаме зад нас, односно наследството, се наша работа.

Дали се чувствувате пријатно во однос на статуата на кралот Леополд Втори на влезот од европското соседство, знаејќи што направил во Конго, каде што умреле до десет милиони луѓе додека ја контролирал земјата?
– Кога ја гледам неговата статуа, се сеќавам на сите овие работи и тие не се добри работи за паметење. Затоа е важно да се знае нашата историја. И ние учиме од неа. Можеме да бидеме критични за тоа како денес се претставува. Но добро е што се дискутира за ова, бидејќи тоа значи дека ние, со право, сме критични и гласни исто така во врска со самата критика. Здраво е да се има таква дебата.

Пандемијата на коронавирусот многу потешко влијаеше врз малцинствата и ги зголеми постојните нееднаквости во Европа. Дали сте загрижена за ова?
– Многу сум загрижена. Во изминатите недели бев во контакт со некои од овие групи, како што се лица со хендикеп, ЛГБТИ+, жени и етнички малцинства. Ние го собираме она што го научивме и ќе го внесеме во нашата ЛГБТИ+ стратегија, што ќе биде првата стратегија на ЕУ за ова до крајот на годината. Исто така, имаме стратегија за попреченост, која ќе биде активирана во почетокот на 2021 година. И рамка за вклучување на Ромите, каде што ќе учиме и од искуството од пандемијата.

Што е со оние жени што за време на пандемијата требаше да живеат со насилните партнери, понекогаш во мали станови?
– Им пишав на земјите-членки и на еврокомесарите за вработување и за здравство за да им кажам да внимаваат на овие работи. Бев многу охрабрена кога видов дека повеќето земји-членки навистина гледаат што се случува и излегуваат со решенија, така што овие жени повеќе нема да бидат сами.