Промените во секојдневните навики, кои се наметнаа со ширењето на коронавирусот, на површина ја извадија потребата за домашно производство. Искуството од првите денови и празнењето на рафтовите покажа дека зависноста од увозни производи е негативна за едно стопанство, пред сѐ од аспект на неопходноста во сите непредвидени ситуации да има намирници за основните потреби на граѓаните, како за исхрана така и за лекување.
Деновиве со домашните картички, кои ги дели Владата, исто така сѐ повеќе се бараат домашни продукти, но граѓаните укажуваат дека нема домашни производи во секоја категорија. Ваквите ситуации укажуваат дека имаме недостиг од понуда на производи, а токму со поголемиот избор на производи компаниите би можеле да им конкурираат повеќе на увозните продукти, но истовремено со поголем број продукти да освојуваат нови пазари.
– Секако дека со зголемување на палетата на производи се доаѓа до поголем број клиенти, зголемување на профитот и зголемена потрошувачка на истите тие. Но конкуренцијата е голема и треба да се биде внимателен со многу работи, како на пример: дали имаме потенцијал за тие продукти, дали има потреба од сите тие продукти, дали имаме доволно количество репроматеријал за производство итн. Државата ја поттикна потрошувачката, сега на ред е реалниот сектор. Секако, државата може да помогне со субвенционирање на производството на македонски продукти, но и нивно позиционирање на домашниот и на интернационалниот пазар – вели Калин Бабушку, надлежен за развој на брендови во компанијата „Македонија експорт“.
Сепак, Бабушку истакнува дека нашата економија има и одредени ограничувања.
– Нашата економија нема капацитет да обезбеди производство на сите моќни продукти, ниту пак имаме платежна моќ да ги купиме тие продукти што некој ќе ги произведе, а ако компаниите сакаат да се конкурентни на пазарот, сите убаво знаеме што е потребно: квалитет, брендирање, количество и потенцијал на пазарот.
Од друга страна, овој период е вистински момент да се освежи кампањата – „Купувајте МК продукти“, но притоа да се внимава на квалитетот на овие продукти. Сепак, сите овие продукти ќе треба да бидат конкуренти како на домашниот пазар така и на интернационалниот. Зголемување на палетата на домашни продукти ќе влијае на многу индустрии во вредносниот синџир почнувајќи од почетокот, репроматеријалите, па до сите други индустрии што ќе бидат вклучени во тој вредносен синџир како што се транспортни компании, сертификациски тела, адвокати… Дополнително на тоа, доколку зборуваме за странски пазари, тука е и промоцијата на државата како земја што нуди квалитет. Да заокружам, ова само може позитивно да влијае на домашната економија и на промоцијата на државата, но треба да се биде внимателен и да се направи убаво планирање на секој чекор – истакна Бабушку.
Професорот Зоран Ивановски од Универзитетот за туризам и менаџмент посочува дека во Македонија не се создаваат производи со поголема додадена вредност, производи што се пософистицирани и за чие производство е неопходна современа технологија, и поради подобриот изглед на увезните продукти граѓаните, пред сѐ, се одлучуваат за странски продукти.
– Кога зборуваме и за луксузни производи, некако како да сме ориентирани кон брендовите. Дури и кога купуваат основни продукти како сок на пример, граѓаните пред сѐ ќе одберат познат бренд, препознатлив производ, наместо некој што сега се појавува на пазарот или, пак, кој не вложува многу во промоција. За одлуките за набавки големо влијание имаат навиките на граѓаните, маркетингот, промоцијата и други фактори – објаснува професорот Ивановски.
За стимулирање на домашната економија и поддршка на домашното производство, поради влијанието на пандемијата, Владата воведе домашна платежна картичка, со која на граѓаните им додели средства за купување домашни продукти. Картичката ќе ја добијат 320 илјади граѓани, а мерката е во вредност од 28 милиони евра. Банките интензивно работат на издавање, а досега над 50 илјади граѓани веќе ја добија и ја користат за купување домашни производи.
Ваквиот потег, според професорот Ивановски, е добар бидејќи е еден од методите за стимулирање на потрошувачката.
– Имајќи предвид дека се потребни стимулативни мерки за домашната економија, ова е одлична мерка. А исто така освен што ја стимулира потрошувачката, го селектира домашното и на овој начин може да се креираат нови навики кај луѓето да се префрлат кон производи за кои имаме домашно производство – вели Ивановски.