Филмовите со теми за самоизолација се како создадени за времето во кое живееме. Ви нудиме неколку предлози, со кои седнати во омилената фотелја, со освежителен леден напиток и се разбира пријатно друштво, ќе минете пријатни неколку часа. Има за сечиј вкус по нешто, а некои од случувањата во филмовите многу асоцираат на сето она што периодов се случува на планетава.
„Сѐ е загубено“ – Овој филм од 2013 година е една од последните, а можеби и најдобра улога на славниот Роберт Редфорд, кој глуми човек загубен на море. Вистински скапоцен камен во многубројните филмови на оваа тема.
„Соба за паника“ – Овој трилер на режисерот Дејвид Финчер, со извонредната Џоди Фостер во главната улога, е снимен во 2002 година. Хероината што ја игра Џоди е принудена да се скрие во тајната соба на нејзината куќа, кога тројца непоканети гости ќе влезат во неа.
„Сјаење“ – Ова е постаро филмско остварување, снимено во 1980 година и според многумина е еден од најдобрите хорор-филмови на сите времиња. Се опишува полудувањето на еден човек и на неговото семејство. По првото гледање некои со ноќи ги сонувале Џек Николсон и близначките.
„Бродолом“ – Оваа листа не би имала смисла без филмот „Бродолом“ од 2000 година, а Том Хенкс, кој го толкуваше главниот лик, и самиот беше извесен период во самоизолација периодов, бидејќи беше позитивен на ковид-19. Овој голем актер тука го гледаме во модерна верзија на Робинсон Крусо. Да остане присебен му помага една рагби-топката, што ја нарекува Вилсон и со која цело време разговара на островот.
„Терминал“ – И во овој филм снимен во 2004 година Том Хенкс е во главна улога. Тој е изолиран на аеродром како жител на држава, која престанала да постои. Приказната им е блиска и добро позната на сите оние што го паметат времето на распаѓањето на некогашна Југославија.
„Животот е прекрасен“ – Филмот со Роберто Бенини како режисер и толкувач на главната улога е снимен во 1997 година и симболизира дека има надеж и кога мислиме дека тоа е невозможно. Одново нѐ потсетува дека кога за нешто искрено се бориме и веруваме во него, ние сме во состојба да направиме сѐ за да ги задржиме розовите очила на лицето.
„Марсовец“ – Во ова поново филмско остварување на режисерот Ридли Скот, од 2015 година, Мет Дејмон го испраќаат на мисија на Марс. Но сѐ тргнува наопаку и тој останува, мора да помине долг пат по врелиот, црвен песок, за да ги пронајде преостанатите членови на експедицијата, кои ќе му го спасат животот.
„Дивина“ – Овој филм снимен во 2014 година, со Рис Витерспун во главната улога, говори за самоспознанието и животната борба да се победи минатото. Филмската приказна се засновува на романот на Шерил Стрејд и е снимена во вистински американски стил.
„Таа“ – Неверојатна приказна од 2013 г., која говори за еден осамен човек, кого извонредно го игра Хоакин Феникс, и неговата вљубеност во глас од оперативен систем, (Скарлет Јохансон). Со овој филм режисерот Спајк Џонси докажува дека е маестро на модерниот филм.
„Гравитација“ – Одличен филм од 2013 г. на режисерот Алфонсо Куарон, кој ја следи драмата на космонаутка, која останала сама во вселената и очајнички се обидува да се врати на Земјата. Главните улоги им се доверени на извонредните холивудски ѕвезди Сандра Булок и Џорџ Клуни.
„Ларс и вистинската девојка“ – Рајан Гослинг во овој филм снимен во 2007 година го толкува ликот на Ларс, човек што не сака социјални контакти, но сепак, му недостига блискост и развива однос со Бјанка, кукла за возрасни, која на семејството ја претставува како своја девојка. Неверојатно топла и необична комедија, а можеби и таа вистинска девојка ќе се појави до крајот на филмот.