Британските истражувачи од Универзитетот во Сасекс стравуваат дека пандемијата на коронавирусот ќе има сериозни последици за жените. Во истражувањето учествувале повеќе од 2.000 родители. Нивните податоци пред пандемијата на коронавирусот покажале дека 27 отсто од мајките биле повеќе ангажирани околу децата, додека овој број за време на пандемијата се зголемил на 45 проценти, пишува „Гардијан“.
Истражувачите откриле и дека 72 отсто од мајките себеси се опишуваат како главен дежурен родител, а така на себе гледаат и 67 проценти од жените што работат. Седумдесет отсто од нив биле одговорни и за онлајн наставата на своето дете.
Авторката на студијата, Ели Лејси, тврди дека вкупно три четвртини од мајките ја презеле улогата на главен родител, кој се грижи за сѐ.
– Општеството се врати на начинот на живот во 1950-тите години, а тоа ќе има сериозни последици. Сите ние овие месеци сме слушнале за некоја жена што станува во 5 часот наутро, малку да расчисти дома, иако е на работа од 9 часот. Таа работејќи од дома, истовремено се грижи за децата, си игра со нив и ги забавува и им помага да ја следат онлајн наставата, а може и двете заедно и навечер ги довршува своите работни задачи – вели Лејси.
Бидејќи мажите повеќе заработуваат од жените нивната работа поради тоа е поприоритетна. Коавторката на студијата Кетрин Лестер вели дека поради сето тоа пандемијата на коронавирусот ќе го уназади напредокот што жените го постигнаа низ историјата.
– И во нормални околности жените често го носат поголемиот товар околу грижата за децата и за домаќинството, но оваа студија покажува дека пандемијата би можела дополнително да ги прошири нивните обврски, а со тоа и да го зголеми постојниот јаз меѓу половите и да ги влоши веќе присутните социјални и родови нееднаквости – укажува Лестер.