Минатиот четврток, во рамките на 7-от Белградски фестивал на европската книжевност, свој едночасовен настап и разговор со книжевната критичарка Марија Ненезиќ имаше нашиот писател Венко Андоновски. Повод за гостувањето на Андоновски беше излегувањето од печат на неговиот роман „Азбука за непослушните“ на српски, во издание на „Архипелаг“.
Андоновски беше во одбрано друштво на светски познати автори, меѓу кои и големиот шпански и светски писател Хавиер Серкас, автор на славните книги „Саламински војници“, „Анатомија на една побуна“ и „Хохштаплер“, кои доживеаја повеќе светски изданија, британската поетеса Фиона Сампсон, германската писателка со турско потекло Хатиџе Акин, познатиот британски прозен автор Питер Салмон и една од најчитаните српски писателки Јелена Ленголд. На панелот „Културата во транзицијата“ се разговараше за промените што ја зафатија културата во текот на општествените и економските транзиции, но и во текот на технолошката транзиција на модерната доба.
Фестивалот во изминатите години привлече големо внимание, а негови гости биле: Давид Гросман, Петер Естерхази, Клаудио Магрис, Флоранс Ноавил, Арис Фиоретос, Терезија Мора, Драго Јанчар, Реј Робертсон, Барби Марковиќ, Томас Мајнеке, Бранко Чегец и Амир Ор, како и нашиот писател Гоце Смилевски.