Додека на еден не му се стемни, на друг нема да му се раздени, вели една народна поговорка. И, во принцип, не греши. Актуелната пандемија удри на глобално ниво каде што ја погоди и светската економија, притоа парализирајќи ја цели три месеци.
Варијации на цените на нафтата
Цели економски сектори беа принудени или да ги суспендираат или значително да ги ограничат своите активности, бидејќи се борат со никогаш порано забележани проблеми од ваков вид. Производството дури неодамна започна тивко, исто како и услужните дејности. Неодамна цените на нафтените деривати го достигнаа најниското ниво во историјата, а ќе поминат и уште неколку месеци пред да го достигнат минатогодишно просечно ниво, што би им гарантирало на земјите што го произведуваат црното злато стабилен буџетски приход и профит во енергетскиот сектор. Беше направен обид дополнително да се обезбеди ова закрепнување, иако бавно, и на неодамнешниот состанок на членките на ОПЕК, прв од моментот кога е постигнат договорот за заедничко намалување на производството на нафта во почетокот на мај.
И додека природните процеси отсекогаш ја имале тенденцијата кон ентропија, односно состојба на неред, слични нарушување сега се проектирани и во глобалната економија. На слабите и неорганизирани држави ќе им биде тешко да ги фатат конците и да ги вратат економските процеси во првобитна состојба (ова најмногу ќе се прави со интервенција од државните буџети – со други зборови, да се земе од џебот на обичниот граѓанин, што воопшто не изгледа оптимистички и притоа само укажува на продолжување на „вечната“ политика за штедење и „затегнување на ременот“, односно опаѓање на стандардот на граѓаните).
Кои држави имаат стратегиски планови за кризен менаџмент?
Отсекогаш има такви, индивидуалци или земји, кои знаат да ги искористат предностите од глобалното или од локалното нарушување. Меѓу вториве, во глобален случај, е секако Кина. Земја, која од крајот на минатата година се бореше со епидемијата на ковид-19, додека остатокот од светот ја гледаше незаинтересирано и сонливо – стуткан во просторот со лажна безбедност, честопати гледајќи збунет или дури и остро критикувајќи ги досега (освен во холивудските филмови) невидено строгите епидемиолошки мерки пропишани од Владата на Пекинг за борба против таа закана. Но бидејќи тие беа првите што беа зафатени од инфекцијата, Кинезите први и се ослободија од неа. Со оглед на нејзината големина и економска моќ, дисциплина и организацијата, Кина само што започна да ги жнее плодовите од своите политики како резултат од глобалното нарушување.
Земјата што секогаш е жедна за енергија и чија побарувачка по нафта и гас расте стабилно на годишно ниво во согласност со растот на нејзината економија, сега сака да ја искористи новата состојба за придобивка и во своја полза пред преостанатите глобални конкуренти. Тековната ниска цена на нафтата, која воопшто не одговара на кинеските конкуренти (САД, Русија), за неа е подарок даден од бога, а следново сведочи за тоа.
Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, го зголеми својот увоз за 19,2 отсто во мај на годишно ниво, притоа достигнувајќи рекордни 11,34 милиони барели на ден (податоци од Централната царинска управа на Кина).
Токму економското закрепнување на земјата доведе до зголемување на побарувачката во услови на рекордни ниски цени на црното злато на светскиот пазар. Мајските испораки во Кина беа за 14,8 отсто повисоки отколку во април, кога беа на 9,88 милиони барели на ден.
Што забележаа американските медиуми
Кон средината на мај, американскиот „Блумберг“ напиша дека никогаш порано забележаната флота од 117 супертанкери (ВЛЦЦ) се движела во правец кон кинеските пристаништа и терминали на нафта, секоја со капацитет на носивост од 2 милиони барели нафта. „Блумберг“ од тоа заклучил дека Кина во наредните три месеци би купила најмалку 230 милиони барели евтина нафта. И со оглед на тоа што дел беше купен уште во април, кога цените на нафтата беа значително пониски отколку сега, а американската нафта ВТИ (WTI) била дури и во минус со цените, односно се продаваше не само бесплатно туку и со дополнителни „субвенции“ само за да може некој да ја купи за да се ослободат магацините за понатамошно производство (кои е тешко и скапо да се рестартираат по пауза), јасно е колку профитирала кинеската економија од ова.
И ако додадеме на тоа дека кинеските рафинерии со месеци купувале ултра евтина нафта од Алјаска, Канада и од Бразил, користејќи притоа големи попусти што им биле дадени од тамошните производители поради недостигот од побарувачка од другите земји, скоро е невозможно да се пресмета точно заработката на Кина од евтина нафта, освен таквата информација да ја даде самата кинеска влада.
Но она што е веќе познато, е фактот дека во првиот квартал од годинава Кина ја дуплира стапката на пополнетост на своите стратегиски и пазарни складишта за нафта и на тој начин, со евтината нафта, делумно да ѝ овозможи побрзо закрепнување на својата економија, но исто така да придонесе и за олеснување на глобалните резерви со нафта, што исто така треба да се има предвид, а за што и се благодарни нафтените работници (се разбира, скришум и политичарите) од ривалските земји, вклучувајќи ги и САД.
Иако на прв поглед остри конкуренти, глобалните сили и во кризи тесно соработуваат
Значи, обично ништо не е целосно онака како што изгледа или како што официјално се претставува. Од политичка гледна точка, глобалните конкуренти остро се расправаат и се закануваат едни со други, но притоа тие соработуваат непречено, ако имаат корист од тоа. Бидејќи политичката и воената моќ немаат друга улога, освен да ги заштитат економските и финансиските интереси на националните и глобалните елити.
И за самиот крај (како потврда на претходниот заклучок), иако Кина ги преполни своите резерви со нафта, таа сè уште не го намали увозот. Покрај обезбедување огромни количества евтина нафта за себе, таа исто така им помага на производителите да ја пласираат нафтата и на друго место во тековните тешки глобални економски услови, спасувајќи ги нивните енергетски сектори и милиони работни места. Значи, Кина, како глобална фабрика, сè уште во голема мера ја има својата цел. И ќе ја има уште долго време.
Дополнителната акциза за нафтени деривати
ќе се применува и во следните седум месеци
Континуираниот раст на цените на нафтените деривати сѐ уште не е причина за укинување на дополнителната акциза, која пролетва ја воведе Владата поради корона-кризата. Имено, на крајот на месец април Владата донесе уредба за дополнување на уредбата за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со која ja зголеми акцизата на нафтените деривати за три денари.
– Уредбата е донесена за да се ублажуваат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја предвид вонредната состојба во државата и забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива во периодот на вонредната состојба, како и драстично намалената малопродажна цена на горивата на пазарот. Зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за правните субјекти и населението, со оглед на фактот дека значителниот пад на цената на нафтата на светските берзи во овој период предизвикува значително намалување и на малопродажните цени на горивата во нашата земја – посочи портпаролот на Владата, Муамед Хоџа, при објавувањето на оваа одлука, додавајќи дека ќе се вратат постојните износи на акцизите во услови на нормализирање на цените на пазарот, што се очекува кога ќе заврши состојбата предизвикана од здравствено-економската криза поради коронавирусот.
Според нивното објаснување, за овој потег се решиле бидејќи цената на нафтата се намалила за 20 денари во период од 8 јануари до 6 април годинава.
Сепак, во последниве недели, на светските берзи, и кај нас, цените на нафтените деривати повторно одат во нагорна линија, но дали ќе се укине оваа уредба доколку цената драстично се зголеми или се врати на старо ниво од пред појавата на корона-кризата, став од Владата до затворањето на весникот не добивме.
Во членот 4 од уредбата со законска сила е предвидено оваа акциза да се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и 7 месеци од престанокот на траењето на вонредната состојба.
Од денеска има ново поскапување на цените на горивата во земјава. Во согласност со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, еуросупер 95 се продава по цена од 60,50 денари за литар, еуросупер 98 за 62,50 денари за литар, дизел-горивото за 52 денари, а екстра лесното масло за 41 денар за литар.