Авторка: Ашифа Касан
(Гардијан)
Поборниците за заштита на животната средина предупредуваат дека пандемијата од коронавирусот може да доведе до големо загадување на океаните, покрај пластичниот отпад кој веќе е закана за морскиот живот, откако откриле дека на површината испливуваат заштитни маски како медузи, а ракавиците за еднократна употреба биле расфрлани по морското дно.
Француската невладина организација за чистење на морето, чии активисти редовно го чистат Азурниот Брег, го крена алармот уште минатиот месец. Нуркачите открија ракавици, маски и шишиња од дезинфициенси за раце во Средоземното Море, она што Жофри Пелтие го нарекува „ковид-ѓубре“, покрај вообичаеното ѓубре од пластични чаши и лименки. Пелтие вели дека огромен бил бројот на фрлена заштитна опрема и е загрижен дека може да се јави нов вид загадување.
Само во Франција, властите порачаа две милијарди заштитни маски. На социјалните медиуми, покрај објавената видео-снимка на која се забележуваат маски со остатоци од алги и ракавици полни со песок во близина на Антиб. Лорен Ломбар од невладината организација порача дека „наскоро ќе има повеќе маски од медузи во морето“. Од организацијата се надеваат дека ваквите слики ќе ги натераат луѓето да употребуваат маски за повеќекратна употреба, а наместо ракавиците од латекс, почесто да ги мијат рацете.
– Со сите алтернативи со кои располагаме, пластиката не е решение што ќе нè заштити од ковид-19 – порача Пелтие.
Еколозите уште многу пред да избие пандемијата предупредуваа за заканата на морскиот живот со зголемувањето на пластичниот отпад во океаните. Годишно во морињата завршуваат околу 13 милиони тони пластичен отпад, според проценките на програмата за заштита на животната средина на ООН. Годишно само во Средоземното Море се фрлаат 570.000 тони пластичен отпад, што е еднакво на фрлање на 33.800 пластични шишиња во една минута. Овие бројки можат значително да се зголемат додека државите во светот се соочуваат со пандемијата од коронавирусот.
Францускиот политичар Ерик Поже минатиот месец му се обрати во писмо на претседателот Емануел Макрон дека „со периодот на распаѓање од 450 години, маските се еколошка бомба со оглед на нивните трајни еколошки последици за планетата“ и побара од него да го реши проблемот со фрлањето на маските.
На почетокот од оваа година, организацијата за заштита на азиските океани со седиште во Хонгконг слично алармираше откако бреговите на ненаселените острови Соко биле преплавени од заштитни маски.
– На плажата долга 100 метри најдовме околу 70, а една недела подоцна 30 маски и тоа само на еден пуст остров. Откако во секое општество станаа задолжителни, резултатот се гледа по плажите. Ова е само уште еден вид на ѓубре од морињата и уште едно наследство за наредните генерации – порача Гери Стоукс од оваа организација и додаде дека неизбежно е голем дел од нив да завршат во утробата на делфините и на малите китови што може да резултира со угинување.
превод: Билјана Здравковска